Лидер, ама во што, во чаршиски муабети?!

[Рецензија: ДИПЛОМАТСКИ СКАНДАЛ: Девојката на министерот Димитров со јавни навреди до претседателот Трамп!]

Текстот што го рецензираме нема никаква врска со новинарски напис, туку е ставен во функција на политичка пресметка и оцрнување на министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Линк до оригиналниот напис: ДИПЛОМАТСКИ СКАНДАЛ: Девојката на министерот Димитров со јавни навреди до претседателот Трамп!

Датум и време на објавување: 21.5.2020

Датум на рецензирање: 22.5.2020

Рецензент: Ана Анастасовска

Написот има бомбастичен наслов, преку кој порачува дека „девојката на министерот Димитров предизвикала дипломатски скандал“, со тоа што, наводно, „го навредувала американскиот претседател Трамп“.

Но, кога ќе го отворите тесктот ќе видите дека станува збор за класично чаршиско озборување, а не за новинарство.

Во текстот се пренесува статус на новинарката Катарина Синадиновска од 24 април, односно од пред еден месец, преку кој таа го критикува американскиот претседател Доналд Трамп за неговата изјава што предизвика серии реакции во светската јавност, дека треба да се пијат или вбризгуваат средства за дезинфекција против вирусот Ковид-19.

Свет во којшто претседател на САД сугерира вбризгување на дезифектат во вЕна има далеку поголеми проблеми од пандемија со вирус – пишува Синадиновска, пренесува текстот.

Иако, реално гледано, нема ништо спорно во статусот на Синадиновска и иако статусот е стар речиси еден месец, написот го злоупотребил и манипулира со јавноста дека „девојката на министерот Димитров предизвикува диполматски скандал бидејќи јавно го навредувала Трамп, а САД биле наш стратешки партнер“.

Пишувањата на Синадиновска може да претставуваат диломатски скандал со земјата која е наш најголем стратешки партнер, ако се има предвид дека ги надминуваат сите етички норми во дипломатската професија, бидејќи нејзиниот партнер е прв човек на македонската дипломатија.

Тука имаме мешање „баби и жаби“. Ниту Синадоновска предизвикала дипломатски скандал, бидејќи ако е така, досега ќе имаше некаква реакција од амбасадата на САД, а уште помалку нејзината објава на „Твитер“ има некаква врска со тоа каков е нејзиниот однос со Димитров.

Дека идејата на текстот е единствено да пренесе чаршиски муабети, се гледа и од последниот пасус, каде се навлегува во приватниот живот на новинарката, а се споменуваат и други личности, вклучително и нејзините деца, што е некоректно.

Текстот во целина е надвор од пропишаните етички и професионални стандарди.  Прво тој не содржи никаква вест и поради тоа не може да се нарече новинарски напис. Новинарот има задача да информира за работи од јавен интерес, што тука не е случај. Понатаму, текстот измислува некаков си дипломатски скандал и преку манипулации и озборувања се пресметува со колеги. И токму со ваквата постапка,  го прекршува Членот 16 од новинарскиот Кодекс, каде што е прецизно наведено дека:

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција