Лидија Димова: Македонија губи заради неискористени средства од ИПА

Голем дел од средствата што преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската унија и се достапни на Македонија се неискористени и неповратно изгубени, тврди опозицискиот СДСМ. Наместо парите да завршат за проекти корисни за граѓаните, Македонија постојано губи поради некадарноста на институциите и Владата, вели Лидија Димова, претседателка на Комисијата за европски прашања на СДСМ.

„Кога Владата ќе им каже на граѓаните дека неповратно се изгубени 15,5 милиони евра од ИПА фондовите? Исто така, 18 милиони евра од ИПАРД агенцијата во Македонија се дадени на Светска банка за да не се изгубат. Власта очигледно знае само да ги задолжува граѓаните на Македонија“, додаде таа, нагласувајќи дека овие податоци ги нема во отчетот за 100 дена од работата на новата влада.

lidija-dimova
Лидија Димова, СДСМ

Образложение:

Според Маријанчо Николов од СДСМ:

За првата компонента – транзициска помош и институционална надградба на РМ за периодот 2007-2013 на располагање и стојат 244 милиони евра, а заклучно со 2011 искористени се 68 милиони. Во третата компонента – за регионален развој на располагање ни се 200 милиони евра, а досега се искористени 47 милиони евра.

Министерот Зоран Ставрески за Пресс 24 вели:

Во однос на искористеноста на средствата, држат простор аргументите за задоволство, но и за самокритика и конструктивна критика.

Медиумите тврдат:

Македонија губи неколку милиони евра неискористени од ИПАРД програмата од 2009 година наваму. Точната сума не ја знае ниту одговорната платежна агенција, ќе се чека проценката од Брисел. Досега се искористени само 3 милиони евра од над 100 милиони евра колку што се достапни. Надлежните очекуваат поголем интерес за европските пари, со најновите мерки кои ги одобри Европската комисија.

Според Извештајот на ЕК за напредок на Македонија, Лидија Димова вели:

За жал, наодите за Македонија се повеќе од разочарувачки. Македонија се бори со Босна и Херцеговина за последното место во регионот. Слика за искористеноста на целата ИПА имаме во најновиот Извештај за напредокот на Македонија каде што за првпат децидно се кажува дека „во периодот 2007-2013, Комисијата намени 610 милиони евра за проекти во државата, но досега се склучени договори за околу една четвртина од средствата, а околу 11 милиони евра се неповратно изгубени.

Европската комисија за следење на ИПАРД-програмата:

Македонскиот аграр нема во целост да ги искористи средствата од европските претпристапни фондови.

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими вели:

Свесни сме дека моменталната состојба може многу да се подобри, затоа ги зајакнавме сите аспекти на координација. Македонија не е исклучок во однос на ИПАРД искористеноста. За поголема искористеност на европските средства, се неопходни низа системски и оперативни мерки

Во истражувањето: Користење на ИПА фондовите во Република Македонија стои:

Од спроведеното истражување е утврдено дека Македонија недоволно ги користи европските фондови за постигнување на стратешки долгорочни цели. Ефикасноста на користењето на ИПА е ниска поради слабите административни капацитети, додека ниската ефективност се должи на недоволното знаење за подготовка на проекти, недостатоците во програмирањето, и слабата вклученост и соработка со релевантните засегнати страни.

Административниот (институционалниот) капацитет на Република Македонија претставува битна причина за вкупниот низок капацитет на државата за искористување на фондовите од ИПА. Гледано од хоризонтален аспект, крајно негативно влијание врз капацитетот за користење на фондовите на ЕУ имаат „генерално“ лошите трендови во јавната администрација. Како резултат на партизацијата, зачестува напуштањето на работните места од страна на квалификувани и искусни државни службеници, а “системот на јавна администрација и понатаму назадува кон политизација и кон недостаток на почитување на владеењето на правото.“

Поради изјавите на бивши пратеници, вицепремиерот за европски прашања задолжен за европските фондови Фатмир Бесими, изјавите на министерот за финасии Зоран Ставрески, анализите во медиумите и истражувањето „Користење на ИПА фондовите во Република Македонија“ се заклучува дека изјавата на Лидија Димова од СДСМ е вистинита.

Оценил: Владо Ѓорчев

Линкови:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција