„Лидл“ не подарува мини фрижидери „Кока-Кола“

Од компанијата „Лидл“ преку соопштение испратено до медиумите предупредија дека станува збор за лажна наградна игра и ги повикаа граѓаните да бидат внимателни

Од компанијата „Лидл“ преку соопштение испратено до медиумите предупредија дека станува збор за лажна наградна игра и ги повикаа граѓаните да бидат внимателни

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

ИМАТЕ ЛИ 43 ГОДИНИ?❗️🎁

Честитки!

Ако имате точно 43 години, имате одлична шанса да добиете подарочен пакет Coca-Cola со мини фрижидер во продавниците на Lidl! 🎁
⚡️Lidl започнува промотивна програма во рамките на која секој жител на Северна Македонија 🇲🇰 што има точно 43 години, може да добие подарочен пакет Coca-Cola со мини фрижидер во продавниците на Lidl.⚡️Посетете ја веб-страницата за да го подигнете вашиот подарочен пакет Coca-Cola!

 

Објавата го користи логото на синџирот маркети „Лидл“ за да изгледа поубедливо.

Објавата споделува и линк надвор од Фејсбук кој ве води до посебна веб-страница каде се бара од вас да се регистрирате за подарокот. Тука се бара да одговорите на неколку прашања, а потоа и да оставите ваши лични податоци за да го добиете наводно фрижидерот на подарок.

„Лидл“ сѐ уште нема отворено маркет кај нас, иако тоа се најавува подолго време, па оттука и нема официјална Фејсбук или веб-страница. Тоа отвора сомнеж за релевантноста на наградната игра.

Доколку ја погледнете Фејсбук страницата што ја промовира оваа наградна игра ќе видите дека таа нема никаква врска со „Лидл“. Оваа фејсбук-страница има околу 400 следбеници и нема никакви објави.

Од компанијата „Лидл“ преку соопштение испратено до медиумите предупредија дека станува збор за лажна наградна игра и ги повикаа граѓаните да бидат внимателни.

Ја известуваме јавноста дека оваа наградна игра не е организирана од „Лидл“, ниту има каква било поврзаност со нашата компанија. Апелираме до граѓаните да бидат внимателни и да не внесуваат лични податоци на непроверени линкови, со цел да се заштитат од можни злоупотреби. Сите официјални информации за наградни игри, промоции и активности, компанијата, кога ќе почне со работа со маркети во Северна Македонија, ќе ги објавува исклучиво преку официјална интернет-страница и преку официјалните канали на социјалните мрежи за што јавноста ќе биде навремено известена, информираа од компанијата. 

Од сето погоре можеме да заклучиме дека станува збор за измама, односно лажна наградна игра и поради тоа објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција