Лиферувана шпекулативнa инсинуација за ,,сериско палење возила низ Македонија”

 

 

Пишува Жаклина Цветковска

Рецензираме текст со наслов „ После денешната аудио бомба дали станува јасно кој стои зад сериското палење возила низ Македонија?“, кој што е поврзан со објавувањето на аудио материјал, најверојатно снимен нелегално, во која се слуша разговор помеѓу две лица за кои се тврди дека се блиски до семејството Заеви.

Текстот е полн со шпекулации и непотврдени информации. Нелегално снимениот материјал се користи за да се инсинуира дека сите случаи на запалени автомобили од 2017 година до сега се поврзани со истите лица што се спомнуваат во незаконски снимениот материјал, без да се понудат релевантни докази за тоа.

Во пасусот, наведен, веднаш зад парафразираната содржина на аудио бомбата, стои: „Оттука јасно се поставува прашањето, дали Тушникот (еден од соговорниците н.з.) е дел од поголема група од подземјето која со ,,амин “ на семејството Заеви ги палеше автомобилите во изминатите две и пол години ширум државата.“

Врз основа на еден аудио материјал, за кој не е ниту познато кој го снимил, ниту кој во него учествувал како соговорник, ниту дали содржината на тој разговор воопшто била реализирана во конкретна акција, се лиферува шпекулативна инсинуација, дека јавни личности се вмешани во криминални дејствија, а притоа не се обезбедени ниту една официјална изјава, доказ за евентуална пријава, истрага, судска постапка или слично.

 Ако станува збор за шпекулации, тоа треба да биде наведено, што не е направено, заради што е прекршен членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија.

Поблематичен е целиот начин на пренесување на информацијата. Доколку и се работи за извештај во кој се обработуваат детали, тие мора да бидат фактографски, но и поткрепени со релевантни информации. Во овој случај тоа донекаде е спазено само во наведениот попис на регистрираните случаи на запалени автомобили во изминатите години, но не и во останатите делови од текстот.

Имено, се споменува и напис на новинарот и аналитичар Сашо Орданоски од 2017 година, за кој  се коментира дека ,,тој ваквите криминални активности ги поврзал со агенција за обезбедување од еден град во јужна Македонија“. Но, никаде не е наведено дека станува збор за колумна на Орданоски, која како новинарски жанр се потпира исклучиво на субјективното мислење или став на авторот. Всушност, и самиот Орданоски потенцира дека станува збор за чаршиски муабети. Но, тој во ниту еден момент не инволвира конкретни личности во рекетарската шема,  туку само посочува „Е, тоа е веќе проблем (и) на масата на Заев ( тогаш премиер н.з.), виа Оливер Спасовски (тогашен министер за внатрешни работи, н.з.)!“, упатувајќи  дека овој проблем власта мора да го решава сериозно и темелно.

Во текстот не е сместена ниту реакцијата на Вице Заев дека аудио бомбата се „рекла казала лаги“ , која  претходно е објавена во посебен текст. Коректно е во текст во кој се обработува комплексна тема, а притоа  се изнесуваат инсинуации за одредена личност, да се објави и нејзиниот демант, како што е наведено во член 3 од Кодексот на новинарите.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција