Лисиците се активни во зима, но тврдењето дека никогаш не користат засолниште во дупки не е точно
Однесувањето на лисиците зависи од временските услови, достапноста на храна, присуството на опасност и периодот на размножување. При екстремен студ, снежни бури или за одгледување младенчиња, лисиците користат природни дувла или други засолништа.
Однесувањето на лисиците зависи од временските услови, достапноста на храна, присуството на опасност и периодот на размножување. При екстремен студ, снежни бури или за одгледување младенчиња, лисиците користат природни дувла или други засолништа
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео од лисица во снег и пишува:
Цела зима, лисицата останува на снегот и не се крие во дупки, дури ни кога спие. Едноставно се свиткува во топка на отворено.
Лисиците не хибернираат и често можат да спијат на отворено, свиткани во топка, но не е точно дека „цела зима“ не користат дувла или засолништа и дека „не се кријат во дупки“. Црвената лисица (Vulpes vulpes) останува активна во текот на целата зима. Таа продолжува да лови и да бара храна, дури и кога има длабок снег.
Американската Национална служба за паркови (National Park Service) наведува дека лисиците се активни во текот на зимата и благодарение на исклучително развиениот слух можат да детектираат глодари под неколку десетици сантиметри снег.
Образовниот портал Doma Education наведува:
Не е невообичаено да се види лисица како спие на отворено под тенок слој свеж снег.
Исто така, се наведува дека во текот на зимата тие развиваат густо зимско крзно кое добро ги штити од студот.
Но, не е точно дека лисиците никогаш не користат дувла. Иако лисиците поголемиот дел од зимата можат да одмораат на отворено, тие користат дувла и други засолништа кога условите се екстремни, како и за размножување и одгледување младенчиња. Арктичката лисица, на пример, според Denali Education Center, ретко бара засолниште во текот на зимата, но за време на силни бури копа засолниште во снегот или користи дувло, а во сезоната на размножување редовно престојува во дувло.
Дувлата имаат важна улога. Иако тие не служат за хибернација, тие, сепак, се користат од страна на лисиците најчесто за одгледување младенчиња, за засолниште при екстремни временски услови;
за заштита од опасност. Истражувања и теренски набљудувања покажуваат дека црвените лисици во зима ретко ги користат дувлата, но сепак ги користат кога има многу студено време или кога се загрозени.
Лисиците наспроти наведеното во објавата, спијат во дупки, главно кога одгледуваат малечки.
Така што, иако е точно дека лисиците не хибернираат, можат да спијат на отворено и се свиткуваат во топка и ја користат опашката за зачувување на топлината, сепак не е точно наведеното во објавата што ја рецензираме дека „цела зима“ не користат дувла, „не се кријат“ во засолништа и постојано спијат на отворен снег. Нивното однесување зависи од временските услови, достапноста на храна, присуството на опасност и периодот на размножување. При екстремен студ, снежни бури или за одгледување младенчиња, лисиците користат природни дувла или други засолништа.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар