Листерија за новинарска хистерија
[Рецензија: Осомничени домашни месни производители како епицентар на смртоносната листерија]
Зошто пишувањето за бактеријата „листерија“ би се претворила во хистерија? Или, неодржило новинарство или новинарска постапка, која како краен ефект има вознемирување за публиката и неосновано обвинување.
Зошто? Еве еден добар пример како се распаѓа неодржливото новинарство. Ќе го прикажеме тоа низ вивисекција на насловницата и најбитните пасуси на оваа медиумска содржина.
Линк до оригиналниот напис: Осомничени домашни месни производители како епицентар на смртоносната листерија
Датум и време на објавување: 22.07.2014, 11:18
Датум на рецензирање: 23.07.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Главната, неоснована, поента овој новинарски текст ја има уште во насловот во кој, за разлика од сите други медиуми што објавија информација истиот ден поврзан со појавата на бактеријата, е единствениот кој излезе со најава за „домашни месни производители како епицентар на смртоносната листерија“.
Еден ваков наслов бара докази веднаш во лидот, односно во главата на текстот. Но, наместо докази, има само повторување на тврдењето од насловот:
„… ја имало во производите на две домашни месни индустрии, дознава (медиумот, н.з.) од добро информирани извори.“
И толку! Толку од добро информираните извори. Никаква поблиска локација на „добро информираните“ извори. Како да е информација за откриената тајна на размножувањето на црвенокрилните пеперутки на островот Хичнеми Чуе во Тихиот океан.
Како да не се работи за Македонија и за една опасна појава која се однесува на здравјето на луѓето, кој е еден од примарните интереси. Нема извори и оттука почнува распаѓањето на новинарската постапка.
Во четвртиот пасус од Институтот за јавно здравје „одбиваат“ да потврдат дека бактеријата е пронајдена во производите на две компании за месни производи, а од Ветеринарниот институт информираат „дека во анализите на мостри кои редовно ги прават на домашни и увозни производи, засега не е најдена оваа бактерија.“
Но, новинарскиот вирус од насловот е веќе посеан со неподнослива леснотија, а медиумот не се ни обидува да се самопорекне, но, затоа, внимателниот читател не може, а да не забележи дека тезата се самораспаѓа, зашто е неодржлива.
И на крајот навистина – Зошто пишувањето за бактеријата „листерија“ би се претворила во хистерија? Кому му „служи“ едно вакво новинарство?
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар