Локалната самоуправа сè уште далеку од вистинска отвореност – просекот порасна на 40%

Фото: Фондација Метаморфозис

Генералниот заклучок од Индексот на отвореност е дека просечната отвореност на единиците на локалната самоуправа во Северна Македонија порасна од 37% на 40%, но нивото и понатаму останува ниско.

Генералниот заклучок од Индексот на отвореност е дека просечната отвореност на единиците на локалната самоуправа во Северна Македонија порасна од 37% на 40%, но нивото и понатаму останува ниско. Најдобри резултати локалните самоуправи постигнуваат во областа транспарентност (49%), додека најслаби се во областа свесност (24%), што укажува на сериозни слабости во планирањето, програмирањето, мониторингот и евалуацијата на локалните политики

 

Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција ги претставија наодите од Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија изготвена преку Индексот на отвореност за 2025 година на тематскиот форум „Отворена општина – активна заедница“. Процената претставува длабинска анализа на работата на локалната самоуправа која дава резиме на вкупните перформанси на локалната самоуправа со патоказ од препораки за унапредување на состојбата. Истражувањето беше спроведено од 1 февруари до 30 април 2025 година.

Во споредба со 2024 година (37%), во 2025 година просекот на отвореност достигна 40% што е пораст за 3%. Иако се видливи напорите на одредени општини да ја зголемат својата отвореност, овој процент сепак покажува ниско ниво на отвореност во работењето на локалната власт во Северна Македонија.

Во 2025 година, наодите од Индексот на отвореност покажаа дека најотворените единици на локална самоуправа се Крива Паланка (71%), Берово (69%), Демир Хисар (68%), Кочани (66%), Битола, Делчево и Карпош (63%), Валандово (62%), Богданци, Велес и Кичево (58%), Гази Баба и Гевгелија (57%), Прилеп (56%), и Василево (55%), наспроти најзатворените помеѓу кои Демир Капија (8%), Сопиште (10%),  Лозово и Студеничани (13%), Кривогаштани и Чучер Сандево (16%), Врапчиште и Росоман (17%) и Шуто Оризари (19%).

Исто како во 2024 година, во 2025 година единиците на локална самоуправа имаат највисока просечна оценка во областа транспарентност (49%), а најниска просечна оцена во областа свесност (24%). Најголем напредок се забележува во областите транспарентност, свесност и интегритет односно зголемување за по 3%. Иако се забележува напредок од 2%, овој низок резултат во областа свесност (24%) повторно укажува на слабиот квалитет на планирањето, програмирањето, мониторирањето и евалуацијата на политиките што ги спроведуваат локалните самоуправи.

Генералниот заклучок од Индексот на отвореност е дека просечната отвореност на единиците на локалната самоуправа во Северна Македонија порасна од 37% на 40%, но нивото и понатаму останува ниско. Најдобри резултати локалните самоуправи постигнуваат во областа транспарентност (49%), додека најслаби се во областа свесност (24%), што укажува на сериозни слабости во планирањето, програмирањето, мониторингот и евалуацијата на локалните политики. Степенот на отвореност не зависи од големината на локалните самоуправи, туку од посветеноста и иницијативата на локалната администрација, при што локалните самоуправи кои имаат менторска поддршка и добра волја постигнуваат значително подобри резултати. Иако има позитивни примери како усвојување на внатрешни процедури за отвореност или унапредена финансиска транспарентност, голем дел од единиците на локална самоуправа се ограничуваат на исполнување на минималните законски обврски. Чести се проблемите со недоволна функционалност на веб-страниците, непостоење или неажурирање на содржини на сите службени јазици, ретка објава на документи во отворен формат и недостапност на податоци за јавните (комунални) претпријатија и распределбата на јавни средства. Напредокот е забележлив, но потребен е системски пристап, континуирана едукација на администрацијата и поголемо партнерство со граѓаните за да се постигне вистинска отвореност и добро владеење на локално ниво.

Исто така, неопходно е на краток рок единиците на локалните самоуправи да:

  • воведат внатрешни процедури за навремено објавување на сите информации поврзани со остварувањето на нивните надлежности, кои воедно ќе го поддржуваат и објавувањето на што е можно повеќе податоци во отворен формат;

  • проактивно да ги објавуваат сите информации кои произлегуваат од нивната работата, работата на градоначалникот/чката, советите и нивните работни тела и комисии, како и јавните претпријатија, вклучително и годишните програми, извештаи, буџети, јавни набавки, податоци за финансирање на проекти, вработувања, плати на функционери, надоместоци на советници, итн.;

  • да креираат и објавуваат стратешки и програмски документи на локалната самоуправа кои содржат јасно дефинирани цели и резултати, со буџетски импликации и индикатори за мерење на резултатите.

  • однапред да ги планираат и да ги направат предвидливи процесите на креирање политики преку објавување на годишни планови за консултации на интернет-страниците. Навремената и ефективна комуникација е клучна за суштински придонес од засегнатите страни. Потребно е редовно објавување на повици за јавни консултации, расправи, како и детални извештаи со коментари и одговори по консултациите.

Индексот ги оценува перформансите на локалната самоуправа во областа на доброто владеење преку четири начела:
(1) транспарентност се однесува на политиките, активностите и мерките што ЕЛС ги презема за да ги информира своите граѓани за својата работа,
(2) свесност се однесува на квалитетот на планирањето, програмирањето, мониторингот и евалуацијата на политиките што се спроведуваат од страна на локалните власти,
(3) пристапност се однесува на начинот на којшто локалната самоуправа комуницира и ги вклучува граѓаните при одговарањето на нивните барања и задоволувањето на нивните потреби,
(4) интегритет се разгледува во функција на конзистентното придржување кон етичките вредности, начелата и нормите што имаат за цел приоретизирање на јавниот интерес во однос на приватниот.
Воедно, низ сите четири начела се анализира еден заеднички домен – отворени податоци.

Повеќе детали од анализата и наодите од Индексот на отвореност на локалната самоуправа можат да се најдат во прилогот: Анекс 1, и целосната анализа достапна преку следниот линк: https://metamorphosis.org.mk/izdanija_arhiva/procena-na-dobroto-vladeenje-vo-edinicite-na-lokalnata-samouprava-vo-republika-severna-makedonija-preku-indeksot-na-otvorenost-merenje-za-2025-godina/.

Информации за проектот

Проектот „Дигитална трансформација на локално ниво (ДИГИЛОК) – Вклучена заедница за отпорност на корупција” e проект на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје што се спроведува во партнерство со „Рурална коалиција“ од  Кичево и Центарот за социјални иновации  „БЛИНК 42-2“ од Скопје. Проектот финансиски е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Проектот поддржува активното вклучување на заедницата во градење на силна отпорност кон корупцијата на локално ниво. Кога заедницата проактивно ги следи и бара одговорност од локалните власти, создава силен екосистем кој ја намалува корупцијата. Така се негува култура на транспарентност и одговорност, што го спречува напредокот на коруптивните практики и придонесува кон поправедно локално управување.

***

Швајцарија ја поддржува Северна Македонија во нејзината политичка, социјална и економска транзиција од 1992 година. Тековната програма има за цел да го подобри квалитетот на животот на граѓаните во Северна Македонија преку зајакнување на демократските институции и практики, промовирање одржлив и економски раст и заштита на природните ресурси. Швајцарија придонесува со експертиза, финансиски средства и конструктивен ангажман со своите долгорочни партнери во Северна Македонија. Денеска, Швајцарија е рангирана меѓу најголемите билатерални партнери за соработка на Северна Македонија и останува посветена на стабилноста и просперитетот во регионот.

 

 

Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија, кој го спроведуваат МЦМС, НИРАС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција