Локални избори 2025: Победникот е очекуван, историски се само „тишината“ и пречкртаните ливчиња
Неспорна е победата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, но годинашниве локални избори се некако уникатни, а ако се изразиме во стилот на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и „историски“, ама најмногу поради најнискиот одзив забележан досега и по бројот на неважечките ливчиња. Аплаузот за изборите не ја прекри тишината на оние кои во огромен број не излегоа на гласање, ниту го избриша горчливиот вкус од пречкртаните ливчиња, Пораката е јасна – ниту власта го заслужува нивниот глас, ниту раскараната и поделена опозиција на разноразни селски, градски, најградски лоби групи
Неспорна е победата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, но годинашниве локални избори се некако уникатни, а ако се изразиме во стилот на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и „историски“, ама најмногу поради најнискиот одзив забележан досега и по бројот на неважечките ливчиња. Аплаузот за изборите не ја прекри тишината на оние кои во огромен број не излегоа на гласање, ниту го избриша горчливиот вкус од пречкртаните ливчиња. Пораката е јасна – ниту власта го заслужува нивниот глас, ниту раскараната и поделена опозиција на разноразни селски, градски, најградски лоби групи
Полека стивнува атмосферата од локалните избори на кои ВМРО-ДПМНЕ ја однесе победата во 55 општини вклучувајќи го и Град Скопје. СДСМ доби градоначалници во 6 општини, ДУИ која на овие локални избори настапуваше во коалиција со други помали партии под името „Национална алијанса за интеграција“, има градоначалници само во 4 помали општини, додека ВЛЕН со 9 градоначалници го презема приматот во албанскиот блок. ЗНАМ го освои единствено Куманово – и тоа мачно, а Левица нема ниту едно градоначалничко место, но поддршката од над 61 илјада гласови што доби Амар Мециновиќ во Скопје им даде право самите да се прогласат за главна опозициска пратија.
Неспорна е победата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, но годинашниве локални избори се некако уникатни, а ако се изразиме во стилот на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и „историски“, ама најмногу поради најнискиот одзив забележан досега – во вториот круг на гласање излезноста беше 40,86 отсто, а во Скопје 35,33 отсто. Интересен момент се и неважечките ливчиња: речиси 54 илјади во првиот и скоро 20 илјади во вториот круг, а само во Град Скопје над 10 илјади. Појасна порака за сите учесници на изборите – здравје!
Што покажуваат бројките?
Од владејачката партија нагласуваат дека имаат историска победа на изборите:
ВМРО-ДПМНЕ оствари историска победа на овие локални избори, освојувајќи 54 општини плус градот Скопје. Владината коалиција покажа дека е стабилна и легитимна, обезбедувајќи вкупно 66 општини од 81, што претставува доверба од граѓаните за нов почеток и вистински промени.
Во овој стил е и нивното денешно партиско соопштение. Но, малку околу „историската“ победа на ВМРО-ДПМНЕ.
Ако се погледнат резултатите од претходните локални избори се забележува дека владејачката партија го повтори успехот од локалните избори во 2009 и 2013 година кога освои 56 градоначалници (еден повеќе од сегашните 55) и исто така го доби градоначалничкото место во главниот град, каде Коце Трајановски беше на чело два мандата од 2009 до 2017 година.
На локалните избори во 2017 година, пак, СДСМ имаше 57 градоначалници, победи во 56 општини и во Скопје – кога на градоначалничката функција дојде Петре Шилегов.
Тишината на „невидливите“ кои останаа дома
Историска на овие локални избори е (не)излезноста, процентот на оние кои решија воопшто да не излезат на гласање, а тие се побројни од оние кои излегле да гласаат. На двата круга од изборите одзивот беше под 50 проценти.
Во првиот круг од изборите за градоначалници, одржан на 19 октомври, според ДИК, излезноста изнесуваше 48,30 отсто. Од 885.085 гласачи, 53.724 ливчиња беа неважечки, што е околу 6,1 отсто. За изборот на градоначалник на Град Скопје во првиот круг, излезноста беше 49,04 проценти, а од 232.581 гласачи, беа евидентирани 12.359 неважечки ливчиња.


Во вториот круг од локалните избори, кој се одржа на 2 ноември во 33 општини, од вкупно 345.589 лица кои излегоа на гласање на изборите за градоначалници се евидентирани вкупно 19.285 неважечки гласачки ливчиња, што претставува околу 5,6 отсто од сите употребени ливчиња. Во Град Скопје, од 167.575 гласачи, 10.528 ливчиња биле неважечки, што претставува 6,3 отсто од вкупниот број. Тоа значи дека речиси секое шеснаесетто ливче во Скопје било неважечко. Излезноста во Скопје во вториот круг изнесуваше само 35,33 проценти, додека на национално ниво таа беше 47,17 проценти.
Инаку, најголема излезност на изборите за градоначалници имало во првиот круг на локалните избори во 2013 година – 67 отсто, по што одзивот е во постојан пад, на 60 отсто на локалните избори во 2017 и 50,57 отсто на локалните избори 2021 година.


Од официјалните податоци објавени на веб-страница на ДИК може да се забележи дека неважечките ливчиња во некои општините можеле да го променат конечниот резултат, како на пример Карпош каде разликата е 1.134 гласови повеќе, а неважечки ливчиња има 2.834, Пробиштип – разликата е 29 , а неважечки се 502 гласачки ливчиња, или Крушево – разликата е само 19 гласови, а неважечки се 174 ливчиња.
Малиот одзив на граѓаните на локалните избори е директната причина и што Орце Ѓорѓиевски е избран за градоначалник на Скопје со само 95.572 гласа, од над 470.000 регистрирани гласачи или 20 отсто од гласачите. Неговиот противник Мециновиќ освои 61.475 гласови, а двајцата заедно во вториот круг имаат над 157.000 гласови, што е малку повеќе од тоа што Петре Шилегов сам го освои во 2017 година, кога стана градоначалник на Град Скопје уште во првиот круг. Шилегов тогаш доби поддршка од 141.164 гласачи, а неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски имаше 101.472 гласа. Тоа се речиси 100.000 гласови повеќе за овие двајца кандидати на изборите во 2017, во споредба со годинешните избори, низ што се отсликува апатијата која владее кај македонските гласачи. Повеќе за ова можете да прочитате во анализата на Мета.
Премиерот Мицкоски уште вечерта, прогласувајќи ја големата победа на неговата партија која се славеше пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ со запалени факели, песни и музика, порача дека ја слушнале тишината на оние кои се разочарани и не излегле да гласаат:
И овие избори се порака до нас, да не се забегува во победата туку да се носиме со одговорноста дадена од граѓаните и да ја оправдаме. Да се менуваме и подобруваме. Знам дека имаше луѓе кои овојпат не излегоа на гласање, знам дека некои не гласаа за нас. И тоа е во ред. Тоа е дел од демократијата. Но, сакам искрено да им порачам: и вашиот глас, и вашата тишина – ги слушнавме. Затоа што оваа победа не е само победа на оние што гласаа за нас, туку и обврска кон сите вас што сè уште чекате да видите голема промена. Нема да ве убедуваме со зборови – ќе ве убедиме со дела.
Изјавата на Мицкоски беше дочекана со аплаузи и еуфорија. Сепак, аплаузот за изборите не ја прекри тишината на оние кои во огромен број не излегоа на гласање, ниту го избриша горчливиот вкус од пречкртаните ливчиња.
Пораката е јасна – ниту власта го заслужува нивниот глас, ниту раскараната и поделена опозиција на разноразни селски, градски, најградски лоби групи.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар