Локални избори 2025: Со весела математика и со по некој спин, сите среќни и задоволни

Фото: Канва

Партиите секоја со свој поглед на резултатите од првиот круг од локалните избори. Повеќе им се мери и прикажува успехот, подзамижуваат на неуспехот, а спинуваат при толкување на бројките и за едното и за другото. Но реалноста е малку поинаква. Како реални релативни победници, можат да се оценат ВЛЕН и делумно Левица, реални релативни загубари НАИ(ДУИ) и СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ како апсолутни победници, иако во јавните настапи го избегнуваат толкувањето на фактот дека добија за околу 50 илјади гласови помалку од очекуваното

Партиите секоја со свој поглед на резултатите од првиот круг од локалните избори. Повеќе им се мери и прикажува успехот, подзамижуваат на неуспехот, а спинуваат при толкување на бројките и за едното и за другото. Но реалноста е малку поинаква. Како реални релативни победници, можат да се оценат ВЛЕН и делумно Левица, реални релативни загубари НАИ(ДУИ) и СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ како апсолутни победници, иако во јавните настапи го избегнуваат толкувањето на фактот дека добија за околу 50 илјади гласови помалку од очекуваното

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Исто како и со зборовите, политичките партии се вешти и во манипулативно прикажување на бројките што ги одредуваат на вистинското место и реалната позиција по првиот круг од локалните избори 2025 година. Остварените резултати на забавен начин, преку една весела математика сите ги толкуваат во нивен прилог, пред сè со цел да испратат позитивни пораки кон сопственото гласачко тело.

Фото: Мета.мк/архива

СДСМ – ние се консолидираме, а ВМРО-ДПМНЕ паѓа!?

Така веќе втор ден јавноста е сведок како непобитен факт за континуиран пад во довербата на гласачкото тело СДСМ го прикажува како нешто што е тешко докажливо – запирање на падот на довербата, па дури и раст на поддршката во одредени општини или во сите општини  – зависно кој ја соопштува пораката. Тоа почна уште вечерта кога на јавноста ѝ се обрати претседателот на партијата Венко Филипче кој искрено рече дека резултатот не е посакуван, за веднаш потоа да си го протолкува дека не бил лош:

Овој резултат мислам дека не е тој којшто го посакувавме сите, меѓутоа би рекол дека, имајќи ги предвид околностите, не е лош резултат, посебно што, не насекаде, меѓутоа во еден добар дел од општините, навистина имаме зголемување на бројот на гласови кога ги споредуваме со ланската година.И тоа е еден доказ на таа консолидација којашто започна изминатите месеци, изминатата година во партијата, процес којшто, секако, зема време и процес на којшто интензивно ќе работиме во следниот период“.

На ова се надоврзаа и потпретседателките Ана Чупевска и Фани Каранфилова Пановска, според кои, како што пренесуваат медиумите, изборните резултати се успех и покажуваат добри трендови за тоа чии гласови (ќе) оделе нагоре или надоле

Но, Филипче и од партијата не ги коментираат и гледаат да не ги споменуваат следните факти:

Бројот на излезени гласачи што ги поддржале нивните листи за советници е паднат за околу 110 илјади во однос на 2021 година, бројот на градоначалници во големите градови е или ќе биде намален за десетина, дури и да освојат таму каде што водат, а најшокантен е можеби податокот дека во Скопје тие се петта партија по освоени гласови и за советници и за градоначалници. Од скопските општини само како реално добра надеж им остана Центар, општина за која се знаеше и пред изборите дека ќе биде тешко да се освои. Гледано и преку проценти од освоени гласови од вкупното гласачко тело трендот е надолен, иако не е толку страшен, а ист таков видлив надолен тренд има и ако се споредат освоените гласови од парламентарните избори во 2024 и локалните од годинава. (Види ги бројките од анализата на МЕТА.мк и од анализата на 360 Степени, по 31 мин.).

ДУИ го премолчува Чаир, а ВЛЕН бројот на гласачите за ДУИ

Во првите, но и во натамошните настапи, реалните релативни победници во албанскиот блок по првиот круг од изборите, претставниците на коалицијата ВЛЕН слават победа, бидејќи освоија и водат во повеќе градоначалнички места од коалицијата НАИ (ДУИ), а особено е значајна победата во Чаир во првиот круг на Изет Меџити. Тоа беше доволно и Меџити, а и кандидатот на ВЛЕН за Скопје Башким Бакиу да го повикаат лидерот на ДУИ Али Ахмети да се пензионира и да ја напушти политиката и партијата.

Сепак и покрај добрите резултати за градоначалници во првиот круг, од ВЛЕН избегнуваат да ги коментираат освоените советнички места на ДУИ и добиените гласови по тој основ, при што и покрај падот од лани, над дваесетина илјади гласови повеќе се на страната на ДУИ, доколку се гледа остварениот резултат од изборите во 2024 г. и сега за советници во 2025 година (види тука).

Левица сепак не е главна опозициска партија

Иако успехот на Левица на изборите според два параметри е неспорен, лидерот на партијата Димитар Апасиев спинува кога тврди дека партијата станала главна опозициска партија.

Бројот на освоените гласови и по проценти и во споредба со парламентарните, но и локалните избори од 2021 година покажуваат тренд на раст, но не драматичен за да станат главна опозициска партија(види тука и тука по 31 мин.). Тоа евентуално би важело за Скопје и за голем дел од скопските општини.

Графика од анализата на Мета.мк каде се споредуваат резултатите од 2021 и од 2025 г.

Имено, Левица постигна неспорно голем успех во Скопје на тој начин што и при нерамноправни услови за платено политичко рекламирање во медиумите, нејзиниот кандидат Амар Мециновиќ се пласира во вториот круг со над 30 илјади освоени гласови, а добри се резултатите и за советничките листи во главниот град според кои Левица е пласирана како трета партија по добиени гласови и советници, по ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и по коалицијата на ВЛЕН. Освен ова  во најголем дел од скопските општини Левица е на второ место.

Сепак, не смее да не се спомене дека Левица сега има 70-тина советници и дека во повеќе општини надвор од Скопје за првпат ќе биде претставена:

Од 48 советници, според нашата аналитика, сега имаме над 70 советници на ниво на држава. За првпат влегуваме во советите на општините Тетово, Виница, Берово, Лозово, Пробиштип, Ранковце, Струмица, Радовиш, Кривогаштани и Ресен, рече Апасиев, објави Скопје1.мк.

Фото: Ванчо Џамбаски

ВМРО-ДПМНЕ – апсолутни победници со намален број гласови

Придавката историски е, се чини, „зашиена“ во речникот на ВМРО-ДПМНЕ. Па така и првата вечер претседателот на партијата Христијан Мицкоски ја употреби во смисла на историска победа („пишуваме историја“), а и следниот ден од ВМРО-ДПМНЕ вака ги коментираа резултатите од првиот круг:

Ова се историски резултати ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека минатите локални избори во 2021 година, во прв круг освоивме градоначалници во прв круг во 22 општини, додека СДС во девет. Годинава, за разлика од пред четири години, ВМРО-ДПМНЕ во прв круг освои градоначалници во 33 општини, додека СДС само во три и тоа во помали.

Според резултатите ВМРО-ДПМНЕ се очекува да добие педесетина сигурни градоначалнички места, бидејќи со освоените во прв круг и онаму каде што води, тоа се 53 општини (извор ДИК). На последните локални извори имаше 42 освоени општини и ова е тренд на пораст. Пораст има и во бројот на освоени советнички места. Партијата соопшти дека освоила 550 советнички места, повеќе за 82 од последните локални избори.

Овие резултати одговараат, некои од нив и се над прогнозите што ги имаше партијата и чиј лидер Мицкоски неколку пати ги соопштуваше на јавноста. Но и на самиот почеток на кампањата, иако многу пооптимистична, и во последните два дена од истата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ соопшти и бројка на очекувани гласови за ВМРО-ДПМНЕ од 350 до 370 илјади, иако дел од неговите соработници го уверувале и до 400 илјади, на излезност од околу 850 илјади гласачи. Сепак, реалноста е поинаква. Партијата соопшти дека за градоначалници добила околу 325 илјади гласови, а за советници околу 302 илјади гласачи, што е кусок од околу 50 илјади гласови.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема толкување на што се должи оваа не баш мала дискрепанција од очекуваното и прогнозираното, иако другите прогнози се покажаа точни.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција