Локалните избори не се за „враќање на името“

Локални избори 2025 година Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Во објавата се пропушта контекстот, бидејќи одржаните избори не се со цел „враќање на името“, ниту пак, такви ингеренции им се дадени на локалните власти што се избрани на изборите. Локалните избори беа за општините да добијат градоначалници и членови на советите кои раководат и носат одлуки за функционирањето на општините

Во објавата се пропушта контекстот, бидејќи одржаните избори не се со цел „враќање на името“, ниту пак, такви ингеренции им се дадени на локалните власти што се избрани на изборите. Локалните избори беа за општините да добијат градоначалници и членови на советите кои раководат и носат одлуки за функционирањето на општините

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

И, сега бре победници? Денес ќе го вратите името, онака победнички, М? Багра врховисти и комунисти. Додека вие победувате, Македонија губи!

Објавата е споделена на 3 ноември 2025 година, непосредно по завршувањето на вториот круг од гласањето за локалните избори. Во објавата се пропушта контекстот, бидејќи одржаните избори не се со цел „враќање на името“, ниту пак, такви ингеренции им се дадени на локалните власти што се избрани на изборите. Локалните избори беа за општините да добијат градоначалници и членови на советите кои раководат и носат одлуки за функционирањето на општините.

Победниците на локалните избори во различните општини во Северна Македонија се избрани на демократски и фер избори што значи дека тие се одраз на волјата на електоратот. Нема моќ во локалната власт да се „врати името“, ниту пак, доколку некој кандидат би ветил такво нешто тоа би било изводливо.

Имено, целта на локалните избори е да се изберат локални претставници кои ќе ги управуваат општините, да се обезбеди локална самоуправа, односно граѓаните директно да влијаат на одлуките што се однесуваат на нивната заедница, да се подобри функционирањето на локалните институции (училишта, јавна хигиена, локална инфраструктура, урбанизам, култура и слично) и да се зголеми одговорноста и транспарентноста на локалните власти пред граѓаните. Со други зборови, локалните избори се начин граѓаните да одлучат кој ќе управува со нивната општина и како ќе се користат јавните ресурси на локално ниво, а не за враќање на името.

Преспанскиот договор е меѓународен договор потпишан од тогашните министри за надворешни работи на Грција и на Македонија – Никос Коѕијас и Никола Димитров, и посредникот на ООН за спорот со името на Македонија Метју Нимиц на 17 јуни 2018 година во селото Нивици на Преспанското Езеро, Егејска Македонија. Договорот ја раскинува Времената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година. Според Договорот, Република Македонија го промени своето официјално и уставно име во Република Северна Македонија ерга омнес (за севкупна употреба), а Грција го призна државјанството како македонско/граѓанин на Северна Македонија, се согласи да го именува јазикот како македонски и се обврза да не го попречува членството во меѓународните организации.

Во предизборната кампања за локалните избори „Вистиномер“ дебанкираше слични дезинформации меѓу кои и таа дека „со бојкотот на локалните избори ќе се поништи Преспанскиот договор“.

Кандидатите што учествуваа на локалните избори во Северна Македонија, логично не споменуваа како дел од своите ветувања дека би издејствувале враќање на името или нешто слично туку се промовираа со  своите решенија за поинакви аспекти од живеењето – локалната заедница, загадувањето на воздухот, јавниот превоз во Скопје, зеленилото, улиците, канализацијата, чистотата, состојбите во градинките кои се под надлежност на општините и урбанизацијата.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција