Лондон не го загрозува мирот во Европа, туку Москва
Објава прогнозира војна меѓу НАТО и Русија, обвинувајќи го за тоа Лондон, но до тоа води агресијата врз Украина од страна на Москва.
Објава прогнозира војна меѓу НАТО и Русија, обвинувајќи го за тоа Лондон, но до тоа води агресијата врз Украина од страна на Москва. Објавата говори за некакво „редуцирано НАТО“, но иако Трамп сака да ги изнесе САД од алијансата, тоа уште не го сторил и тоа не е така просто – еден законски акт од 22.12.2023 г. му го забранува тоа без одобрение од Сенатот или Конресот. Објавата тврди и дека Западот со векови води војна против Русија, но во подалечното минато немало колективен Запад и нешто како НАТО, ниту заеднички и конзистентен став на западноевропските земји кон Русија.
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Војната помеѓу РЕДУЦИРАНОТО “НАТО” ( без САД ) и РУСИЈА се повеќе е извесна. ОВА НЕ Е НОВА ВОЈНА. ОВА Е САМО ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ВОЈНА КОЈА СЕ ВОДИ СТОТИЦИ ГОДИНИ НАНАЗАТ.
п.с.Мир ќе имет кога Лондон ќе го немет.
Ова е проруска пропагандистичка објава, а изворот на проблемот, кој би можел да доведе до војна меѓу НАТО и Русија, не е Лондон, туку Москва. Тој проблем е војната во Украина.
Не е Лондон тој што ја нападна Украина и не е британската војска таа што ги разурна тамошните градови Мариупол и Бахмут и што ги масакрираше жителите на Буча и Ирпин, туку тоа го прави Русија, за што е осудена од мнозинството земји-членки на ООН со резолуции како: 68/262, ES-11/1 и ES‑11/7.
Тој проблем трае дури 11 години, но авторот на објавата се преправа дека не го гледа. Во февруари-март 2014 г. Русија го анектираше Крим, по што испрати агенти како Игор Гиркин-Стрелков за да го откинат и Донбас од Украина. Така, на 7.4.2014 г. никна т.н. Донечка Народна Република, а пет дена подоцна, Стрелков и неговите борци го нападнаа градот Славјанск, со што ја предизвикаа Донбаската војна, во која тајно се вмешуваа и регуларните сили на Русија.
Британија на тоа одговори само со санкции за Русија, а дури во 2015 г. ја почна Операцијата Орбитал за обука на украинските сили, и тоа далеку од фронтот и само со нелетална воена помош.
Тогашниот британски премиер Дејвид Камерон и неговата наследничка Тереза Меј се среќаваа со Владимир Путин (по меѓународни форуми и сл.), но иако го осудуваа, нешто повеќе од веќе наведеното не презедоа, а камоли воена интервенција, но објавата вели дека Лондон е агресивен.
Всушност, Москва ги загрозува мирот и безбедноста, што ѝ го правеше и на Британија, така што во неа праќаше агенти за да убиваат одбегнати Руси како Александар Литвиненко и Сергеј Скрипал.
Литвиненко бил убиен со супстанцата полониум, чија радиоактивност загрозила и луѓе, кои не биле мета на таа операција, па дури и самите агенти, кои потоа се лечеле. Траги од полониум биле најдени во авионот, такси-возилата, хотелите и рестораните во кои тие престојувале. Скрипал, пак, бил неуспешно отруен со отров новичок, но непланирано биле отруени и други лица.
При крајот на 2021 г. Русија почна да трупа сили на границата со Украина, под образложение дека „одржува маневри“, што Британците правилно го сфатија како подготовка за сеопфатна инвазија, но додадоа и дека најверојатно нема да интервенираат, иако објавата ги опишува како агресивни.
Дури во јануари 2022 г. тие за прв пат ѝ дадоа на Украина летална воена помош, но таа беше само за одбрана и немаше долг дострел, па не ја загрозуваше Русија (тоа беа рачни ракетни фрлачи). Во следниот месец, британскиот премиер Борис Џонсон телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за да го убеди да не ја напаѓа Украина, а тој му се заканил дека за една минута може да го погоди со ракета. Таквите насилнички закани од страна на Кремљ кон Западот се веќе одамна пракса.
На 24.2.2022 г. Русија тргна во напад и во заземање на Киев, но тоа не ѝ појде од рака. Во март имало обид за постигнување мировен договор меѓу Русите и Украинците во Истанбул, а Кремљ тврди дека тие биле на чекор до потпишување, но дека Украинците тоа го отфрлиле под влијание на Џонсон. Можеби објавата мисли токму на тоа кога вели дека Лондон не сака мир, но веќе пишувавме дека тоа не држи.
Пропагандистот Димитриј Кисељов потоа нафрлаше нуклеарни закани за Британија на руската државна телевизија, но објавата нè убедува дека Лондон е агресивен.
Слични закани кон Британија упатува и пропагандистот Владимир Соловјов, политичарот и бивш генерал Андреј Гуруљов и други јавни личности од Русија, а сето тоа го гледаме во следните клипови.
Објавата говори и за „редуцирано НАТО“, што е исто така манипулација. Иако Доналд Трамп сака САД да излезат од НАТО, тоа не е сторено и тоа не е така просто. Авторизацискиот акт за национална одбрана од 22.12.2023 г. му забранува на претседателот на САД да ги изнесе од НАТО без двотретинско одобрување од Сенатот или соодветен акт на Конгресот.
Овие законски ограничувања биле донесени токму за да го спречат Трамп да стори такво нешто ако во иднина би победил на изборите. Се вели дека тој може да најде начин ова да го изигра, но не знаеме што точно ќе се случи. Засега САД се во НАТО и Алијансата не е редуцирана.
Објавата создава слика дека Трамп може да прави што сака како Путин во Русија, но власта во САД е ограничена, а не апсолутна и тоа не оди така просто. Како демократска, власта во САД е променлива, па на Трамп ова му е втор и согласно устав последен мандат и тој можеби нема да успее да ги оствари тие идеи, а и да успее, тоа во иднина може да се врати на претходната состојба. Ние не знаеме кој ќе биде избран во иднина.
Објавата вели дека сè поизвесна е војната меѓу „редуцираното НАТО“ и Русија, а опишувајќи го Лондон како агресивен сугерира дека НАТО ќе ја почне војната со напад врз Русија, но тоа не држи.
Во НАТО навистина се говори за војна против Русија, но не во смисла НАТО да ја нападне неа, туку обратно. Затоа членките на НАТО ја јакнат одбраната, некои од нив го враќаат воениот рок или дури планираат да ги минираат своите граници, но тоа не се прави за напад, туку за одбрана.
Не така одамна францускиот претседател Емануел Макрон предложи испраќање на трупи на НАТО во Украина, но другите членки на алијансата, вклучително и Британија, не се согласија со тоа.
Според објавата, таа војна меѓу НАТО и Русите ќе биде продолжение на некоја војна која се водела со векови, што е псевдоисторија. Во далечното минато немало колективен Запад и некаков западен воен сојуз како НАТО, па ни заеднички и конзистентен став на западноевропските земји кон Русија.
Таков став немала ни Русија. На пример, во 1799 г. Британија и Русија ја нападнале Холандија, чиј сојузник била Франција, но Русија подоцна се смирила со неа и се судрила со Британија (1807 – 1812). Веднаш потоа, Русија се смирила со Британија и заедно со неа го поразила францускиот император Наполеон Бонапарта. Арно ама, Британија и Франција во Кримската војна (1853 – 1856) биле против Русија, но биле заедно со неа во Првата светска војна, а во Втората светска војна со здружени сили го поразиле Адолф Хитлер.
Историјата е хаотична, па неточно е дека Западот со векови војува против Русија, а Кримската војна била редок случај на здружен настап на Британија и неколку западноевропски земји (не сите) против Русија. Британија и други западноевропски земји работеле против Русија на Берлинскиот конгрес (1878), кога без респект се понеле кон неа, но тоа бил дипломатски, а не воен судир.
Западен блок се појавил дури во Студената војна, а не пред векови и за тоа придонела агресивноста и експанзионизмот на Москва, а не на Лондон (види: тука, тука, тука, тука и тука).
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар