„Лов на вештерки“ против невладини организации и критични медиуми во Србија

Панорама на Беград. Фото: ZlatanJovanovic - Own work, CC BY 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=25132735

Два посебни настани се одвоија во оваа канонада напади против невладините организации во Србија изминативе месеци. Првиот е тоа што на 27 мај e емитуван документарен филм од серијалот насловен „Досие на невладините организации“ во Србија на две телевизии. Документарниот филм го продуцирал „Центарот за социјална стабилност“ (блиска организација до Српска Напредна Странка), а една од организациите што е негова мета е „Црта“. Вториот настан кој има елементи на репресија и обид за влијание е тоа што на две новинарки на БИРН-Србија, мобилните телефони им беа таргетирани со шпионски софтвер „Пегасус“.

Два посебни настани се одвоија во оваа канонада напади против невладините организации во Србија изминативе месеци. Првиот е тоа што на 27 мај e емитуван документарен филм од серијалот насловен „Досие на невладините организации“ во Србија на две телевизии. Документарниот филм го продуцирал „Центарот за социјална стабилност“ (блиска организација до Српска Напредна Странка), а една од организациите што е негова мета е „Црта“. Вториот настан кој има елементи на репресија и обид за влијание е тоа што на две новинарки на БИРН-Србија, мобилните телефони им беа таргетирани со шпионски софтвер „Пегасус“

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Атмосферата на „лов на вештерки“ против критичарите на владата во Србија од невладиниот сектор неодамна се засили со нови форми на притисоци врз невладините организации и врз независните медиуми. По смртоносниот пад на натстрешницата во Нови Сад, со засилувањето на студентското движење против корупција во државата и со протестите, ескалираат и нападите врз организациите и медиумите од актери на кои не им одговара овој бунт против корупција.

Два посебни настани се одвоија во оваа канонада изминативе месеци. Првиот е тоа што на 27 мај емитуван е документарен филм од серијалот насловен „Досие на невладините организации“ во Србија на две телевизии. Документарниот филм го продуцирал „Центарот за социјална стабилност“ (блиска организација до Српска Напредна Странка) а една од организациите што се најде на мета на нивниот документарец, е „Црта“.

„Црта“ уште на почетокот на годината беше предмет на полициска рација во нивната канцеларија. Откако полицијата влезе во оваа организација во февруари годинава, а претходно за тоа дознале таблоидите, сега во најновиот документарец поводот за атакот кон „Црта“ е анкета на јавното мислење што ја спровеле, а чии резултати не биле поволни за власта во Србија. Затоа во документарецот за „Црта“ неосновано се дава алузија дека се „соработници на странски служби“ заедно со „Бирн“ и „Крик“ со цел да се спроведе „шарена револуција во Србија“.

Ваквите наративи одат во пакет и со други кои се доста страшни и таргетираат други организации и вклучуваат инфицирање на мобилни телефони на новинари со шпионски софтвер, за што може да се прочита подоле во текстов.

Одговорно тврдиме дека ние, ниту како организации ниту како поединци, некогаш сме соработувале со која било безбедносна служба – странска или домашна. Не е наша работа да ја докажуваме нашата невиност во таа смисла. На авторите на оваа содржина е да докажат дека, како што практично нè обвинуваат, ние се занимаваме со шпионажа, одговорија од „Црта“.

Во спорниот документарец хајката е насочена и кон две партнерски организации на „Црта“ а тоа се „Бирн“ и „Крик“. Овие партнерски организации се невистинито претставени со измислена улога – дека постоеле за да ја претставуваат „Црта“ како златен стандард и апсолутен авторитет кога станува збор за евалуација на општествено-политичките процеси во Србија, а на прво место за изборите.

Точно е дека имаме фер соработка со медиумите „Крик“, „Бирн“ и „Јунајтед груп“. Сепак, не знаеме дали некој од горенаведените ја добил задачата (од кого?) да нè прослави. Информациите и анализите што ги споделуваме преку телевизијата Н1, на пример, со задоволство би ги споделиле со други медиуми, првенствено со Јавниот медиумски сервис на граѓаните на Србија, РТС. Престанавме да ги броиме годините што поминаа откако РТС нè праша нешто.  РТС нè игнорира и покрај честите избори во Србија и фактот дека организираме најголема мисија за цивилно набљудување според меѓународните стандарди. За разлика од РТС, некои од најпочитуваните медиуми во светот редовно нè контактираат, особено кога се одржуваат избори во Србија: Би-би-си, Њујорк Тајмс, Гардијан, РАИ, Ле Монд, Фајненшл Тајмс, одговорија од „Црта“, додавајќи дека постојат голем број домашни медиуми во кои често ги споменуваат на сличен начин – без да им постават прашање, без да ги пренесат нивните наоди и аргументи, туку изложувајќи ги само на клевети, говор на омраза и неосновани обвиненија.

Друга клевета во документарецот за „Црта“ е дека „се зависни од парите и логистиката на западните разузнавачки служби“, иако на сајтот на „Црта“ се наведени сите нивни донатори и ниеден не е разузнавачка служба, туку некои од тие донатори обезбедуваат финансиска поддршка и на државните институции во Србија.

Фото од графички приказ од веб страницата на „Црта“

Владата и медиумите блиски до неа со години ја етикетираат оваа невладина организација со омаловажувачки и дискредитирачки навреди, како странски платеници. Сето ова е проследено со вчечатокот дека организацијата „плива во пари“.

Затоа сме особено горди и среќни што, и покрај таквата пропаганда, голем број српски граѓани се подготвени финансиски да ја поддржат нашата работа со донации, одговорија луцидно од „Црта“.

„Црта“ во документарецот е обвинувана дека игра значајна улога во демонстрациите во Србија. Тие учествувале во демонстрациите како поединци што е сечие граѓанско право на јавен собир.

Не криеме дека учествувавме во демонстрациите како поединци. Не криеме дека како организација ја критикувавме тезата на владата дека „системот не пропадна“ и дека убиствата во „Рибникар“, треба да се заборават како несреќни случајности. Веруваме дека граѓаните имаат право да протестираат и дека тоа не ги прави предавници или непријатели на државата. Напротив, напишаа од „Црта“.

Меѓу нападите и обвинувањата кон организацијата во пропагандниот документарец е и тоа дека „долгоочекуваниот повод за нив било уривањето на натстрешницата во Нови Сад“. Но, од невладината организација го отфрлаат ова инсинуирање, наведувајќи дека претставува замена на тези.

Монструозно е да се инсинуира дека таква трагедија е нешто што со нетрпение го очекувавме. Тоа е монструозна замена на тезата дека Србија не е загрозена од корупција, која предизвикува уривање на јавни згради, туку од некаков вид борба финансирана однадвор за соборување на владата. Губењето на 16 животи е национална трагедија. Промената на владата не е трагедија. Во демократиите тоа се зема здраво за готово. Нашата цел е да имаме институции во нашата земја кои ги спроведуваат законите и ги штитат интересите на граѓаните. Да бидеме суверени граѓани кои можат мирно да ја менуваат владата на избори. Сепак, не криеме дека сакаме да ја видиме Србија во ЕУ и дека главно сме финансирани од западни извори. Ова не значи дека некритички ги гледаме западните демократии како идеални. На крајот на краиштата, демократијата никогаш не може да биде совршена, а силата на демократските општества доаѓа од свеста за оваа несовршеност и неизбежноста на постојаните промени.

Новинарите од БИРН мета „Пегасус“

Пред овој напаѓачки документарец кон „Црта“ се случи изолиран и неповрзан, но скандалозен упад во мобилните телефони на друга организација – Балканска истражувачка репортерска мрежа Србија (БИРН – Србија). Мобилните телефони на две истражувачки новиннарки биле инфицирани со шпионскиот софтвер „Пегасус“, а тоа го објави Амнести Интернешнал. Новинарките добиле сомнителни пораки на апликацијата за пораки „Вибер“, по што се обратиле до безбедносната лабораторија на Амнести Интернешнал, чија форензичка анализа ги потврди нивните сомневања.

Ова е трет пат за две години Безбедносната лабораторија на Амнести интернешнл да открие дека шпионскиот софтвер „Пегасус“ на NSO Group се користи против граѓанското општество во Србија. Во ноември 2023 година, Амнести интернешнл, Access Now, SHARE Foundation и Citizen Lab,  документираа како двајца членови на српското граѓанско општество биле цел на напад со шпионски софтвер , што Амнести интернешнл подоцна го припиша како обиди за напад со „Пегасус“.

Групацијата НСО во писмо до Амнести Интернешнл тврди дека „сите продажби на нашите системи се на проверени владини крајни корисници“. Амнести Интернешнл верува дека континуираната употреба на домеински имиња на инфекција со „Пегасус“ на српски јазик и таргетирањето на српското граѓанско општество со конзистентна методологија се индикативни за тоа дека овие напади ги извршува српски државен ентитет.

БИРН и неговиот персонал се соочуваат со чести закани, вознемирување и стратешки тужби против јавното учество (SLAPP), вклучително и од високи владини функционери, поради нивното истражувачко новинарство. Во моментов се води борба против четири SLAPP тужби, главно поднесени од јавни функционери, вклучувајќи го и сегашниот градоначалник на Белград, или други со познати врски со властите.

Притисоците кон независните медиуми во Србија се чувствуваат и на терен каде професионалните новинари се се почеста мета и на физички напади кои што лошо влијаат на нивната безбедност. Заедно со нив, и членовите на граѓанското општество беа земени во виорот на пропагандата, дури и кога одеа на вообичаени регионални конференции со објавени агенди, со што беше нарушена и нивната безбедност покрај опасните напади, дисквалификации и клевети на кои беа изложени.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција