Маглешов: Се уште е пракса новинарите последни да влегуваат во судница

Васко Маглешов: Фото: ФБ профил

Разговор соо Васко Маглешов, новинар, Макфакс:

Какво е Вашето искуство со транспарентноста на судските постапки, но и генерално во правосудството?

 

Маглешов: На веб-страницата на кривичниот суд во Скопје, како најголем суд во државата, лани, за целата година се објавени вкупно 325 пресуди. За споредба, на веб-страницата на судот во Струмица за истиот период се објавени 1887 пресуди, а судот во Кочани објавил 973. Ова симболично укажува на фактот дека судот е бавен и дека транспарентноста е заглавена. Необјавувањето на спогодбите кои станале пресуди е посебна приказна. Од судиите, пак, на веб-страницата има само име и презиме, информација за материјата по која постапуваат и датум кога се избрани. Веројатно повеќе податоци може да се најдат за агенти на УБК. Најголемиот кривичен суд има само 1 портпарол, кој се обидува да им одговори на сите барања на новинарите. Неодамна на странска телевизија, видов на вести како судија изрекува пресуда. Кај нас, судиите им забрануваат на снимателите да го снимаат судискиот совет, иако таква одредба не постои никаде, дури ни во судскиот деловник. Дополнително, со уредни дозволи од Врховниот суд, дел од судиите во кривичен, одлучуваат да не дозволат снимање на обвинетите, за случаи кои се од јавен интерес. Затоа долго време беше невозможно да се сними екс-премиерот Груевски како седи на обвинителна клупа. За пофалба е неодамнешната пракса на новиот претседател на судот, Иван Џолев, да свикува редовни брифинзи со новинарите со цел поголема транспарентност.

 

Дали Ви се случило да бидете изведени надвор од судница како новинар, постапката да се затвори за јавноста поради некаква причина а да не Ви биде образложено од судијата/судијката зошто е тоа така?

 

Маглешов: Има доста такви примери. Тоа неодамна се случи во предметот на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина 2“. Во текот на главната расправа кога требаше да бидат изведени доказите од УБК, судијката Лидија Петровска по барање на СЈО и обвинетите службенички, ја исклучи јавноста, бидејќи информациите се класифицирани. Слично беше и во предметот „Шпион“.  Освен во кривичниот суд, пред 2 години Уставниот суд ја исклучи јавноста, а се расправаше за измените на Законот за помилување.

 

Дали гледате можност за затскривање на коруптивност од кој било вид кога постапките се нетранспарентни или затворени за јавност?

Маглешов: Сè уште продолжува праксата во судот новинарите да влегуваат последни во судницата. Тоа е симболички приказ за перцепцијата на новинарството. Судската полиција прво ги повикува странките во постапката. Потоа се затвораат вратите на судницата. Тука се договaраат адвокатите, обвинителот и судијата, а новинарите влегуваат и по 10-ина минути откако ќе влезат сите претходно. Тоа остава сомнеж за транспарентноста при водењето на кривичната постапка. Судијата би требало да влезе откако сите претходно ќе влезат во судницата, а во кривичниот суд, редот, за најголем број случаи е поинаков.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција