Македонија длабоко последна на листата земји според медиумската (не)писменост

Фото: Meta

Финска, Данска, Холандија, Шведска и Естонија се на врвот на Индексот за медиумска писменост за 2019 година. Македонија е последна на листата од 34 земји со одвај 12 индексни поени, зад Турција која има 19 поени.

На прво место е Финска со 78 поени. Тоа место нејзините граѓани го добија според отпорноста на лажни вести што се должи на квалитетното образование, слободата на медумите и високата доверба што тие ја имаат кај граѓаните. Мнозинството балкански земји (Македонија, Турција, Албанија, БиХ, Црна Гора) се најнеотпорни на дезинформации и тие се на опашката со многу проблеми во медиумската писменост и образованието.


Ова се резултатите од Индексот на медиумска писменост за 2019 година на Иницијативата за европските политика на Институтот за отворено општество – Софија (Media Literacy Index for 2019 by the European Policies Initiative (EuPI) of the Open Society Institute – Sofia).

Индексот ја мери отпорноста кон лажни вести во 35 европски земји со користење на рани индикатори, како што се слободата на медиумите, образованието и довербата на грaѓаните. Индексот на слободата на медиумите (според Фридом Хаус и Репортери без граници) има најголема тежина заедно со образовните индикатори (според ПИСА).

Трендовите меѓу 2017 и 2019 година покажуваат дека најголем пад има кај Чешка, Словечка и Полска.

Нивото на корупција и довербата во општеството, исто така, се тесно поврзани со резултатите од Индексот на медиумската писменост. Корупцијата се чини дека е во директна корелација со медиумската писменост, бидејќи земјите со многи мала корупција високо се рангирани на индексот на писменоста.

Авторот на извештајот, Марин Лесенски, го препорачува пристапот „враќање кон основите“ за справување со последиците од дезинформациите – од враќање на довербата на граѓаните и справувањето со корупцијата до гарантирање на слободата на медиумите и користење на образовен пристап како најдобра стратегија за „вакцинирање“ против лажните вести.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција