ЕИУ – изгубена во рангирањето: Македонија демократска денес исто како и во 2006

 

Од 2006 година, па се до лани, британската компанија за деловни истражувања, ЕИУ, во својот Индекс за демократија смета дека со македонската демократија е се во ред и во овој период на демократски план не гледа речиси никакви промени.

 

Публикацијата „Индекс на демократија“ во 2012 година со наслов „Закочена демократија“. Добро, ама изгледа станува збор и за закочено рангирање. Фото: ЕИУ
Од публикацијата „Индекс на демократија“ во 2012 година – наслов „Закочена демократија“. Веројатно и закочено рангирање. Фото: ЕИУ

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Последниве 3 години особено интересирање во македонската јавност предизвикува рангирањето на Македонија во слободата на медиумите во светот на меѓународната новинарска организација Репортери без граници. Во него земјава бележи пад од 34 место во 2009 година на дури 124 место во 2014 година. Исто така, се спомнува и рангирањето на Фридом Хаус на истата тематика, каде што падот не е толку драматичен, но, сепак, е очигледен.

Од друга страна, пак, во рангирањето насловено Индекс на демократија, кое го врши британската компанија Economist Intelligence Unit (ЕИУ – Единица за деловно разузнување) состојбата е сосема поинаква. Македонија и во 2009 година и лани е на истото 72 место, што значи дека македонската демократија во изминатите 5 години била сосема стабилна и нивото на демократски развој останало непроменето. Уште повеќе, лани демократскиот ранк на Македонија e дури и подобрен за две места од 74-тото во 2013.

Иако не станува збор за истражувања со иста методологија, при што првите две се концентрирани на слободата на изразување и медиумите, а третото има поширок опфат – демократијата, сепак, слободата на медиумите е толку блиску испреплетена со демократскиот развој што ваква дискрепанција во рангирањето е прилично неверојатна. Ова уште повеќе ако се потсетиме на сето она што изминатите години бездруго ја наруши демократската слика за земјава – настаните од 24 декември 2012 година со насилното изнесување на опозициските пратеници од Парламентот и бркањето на новинарите од парламентарната галерија, парламентарниот и изборниот бојкот на опозицијата, задушувањето на медиумите, инсценираните апсења и судските процеси со напумпани обвиненија и драконски пресуди кои ги полнат затворите и редица други настани кои јасно укажуваат на тоа дека основниот политички консензус, за кого треба да се грижи и да го надградува демократијата, е во длабока криза.

 

ДАЛИ Е МАКЕДОНИЈА ВО ИСТОЧНА ЕВРОПА?

Во публикацијата, во која е објавено последното рангирање од 2014 година, состојбата во регионот на Источна Европа на планот на демократскиот развој е прилично точно дијагностицирана. Но, од друга страна, таквото точно дијагностицирање никако да се преслика во рангирањето на земјата. ЕИУ никако да признае дека во изминатите 9 години конзистентно грешела кога станува збор за Македонија. На пример, македонскиот ранг во 2006 година (68 место) е незначително подобар од 2014 година (72 место). Ова едноставно значи дека или рангот во 2006 година бил премногу низок и земјава тогаш заслужувала многу подобар или дека нешто не е во ред со денешниот.

 

Македонија - демократско Елдорадо - раме до раме со Чешка. Европска карта на Индексот за демократија за 2014 година. Фото: Википедија
Македонија, демократско Елдорадо – раме до раме со Хрватска и Романија, речиси како Чешка. Карта од европскиот сегмент на Индексот за демократија за 2014 г. Фото: Википедија

 

Читајќи ја публикацијата, особено деловите за Источна Европа, не може да се избегне впечатокот како Македонија да не е дел од регионот и како за неа да не важи она што се случува околу нас, или, пак, како да сме заборавени меѓу големиот број земји и територии на кои се однесува ова истражување.

Тоа, пак, испитува 5 категории: изборниот процес и плурализмот, граѓанските слободи, функционирањето на власта, политичката партиципација и политичката култура, а за да се откријат состојбите во нив се поставуваат 60 прашања, од чии одговори зависи рангот на една земја. Индексот претставува просек на одговорите од овие прашања, кои имаат два до три предетерминирани одговори, што претставуваат „проценки на експерти“, иако не се објавува ништо за нив: кои се тие, колкав е нивниот број, од каде се (локални или странски), ниту дали се вработени во ЕИУ или не. Во секој случај, веќе при набројувањето на горните 5 категории, ако живеете во Македонија и ако ги следите актуелните настани, веднаш ви текнуваат редица проблеми со секоја од нив. Најголем дел од овие прашања се третирани и во извештаите на ОБСЕ и Европската унија.

Еве што вели текстуалниот дел од последното рангирање во 2014 година (објавено пред неполни два месеци) за нашиот регион:

Во Источна Европа, каде што демократијата беше реставрирана неодамна, постои расположение на длабоко и распространето разочарување од неа и регионалниот резултат бележи пад од 2006 година.

Ова е прилично точно и кога станува збор за Македонија. Но, ваквиот став никако да се одрази во рангирањето. Македонија е во втората група земји на „демократии со грешка“ (flawed democracies), веднаш после „целосните демократии“, има натпросечен глобален ранг (72-ро место од вкупно 167 земји/територии) и со подобра оценка од просечната на регионот (6,25 наспроти 5,8 за цела Источна Европа). Додека целиот регион е на трето место одзади (само пред регионите на Блискиот Исток/Северна Африка и Субсахарска Африка), Македонија е рангирана подобро од просекот и на регионот Азија и Аустралазија, некаде многу поблиску до земјите на Латинска Америка, чиј просек е 6,36 (максимална оценка е 10, највисока оценка има Норвешка со 9,93).

Покрај генералниот пад на демократијата во регионот, ЕИУ добро забележува и глобален пад на медиумските слободи, но и тој како да не важи за Македонија:

Забележливиот  пад на медиумските слободи, кој ги зафати сите региони до извесна мера, се забрза споредено со 2008 година. Ова ги зафати главно електронските медиуми, кои често се под државна контрола или под силно влијание на државата – иако репресијата и поткопувањето на слободата на изразување исто се проширува и врз печатените медиуми, а од неодамна и врз интернетот.

Овој пасус како да говори за токму за нашава земја. Но, за разлика од БиХ и Бугарија, кои лани доживеаја пад во рангирањето, и покрај далеку подобрата состојба со медиумите во овие две земји, Македонија лани покажа раст во индексот на ЕИУ. И тоа не за разлика само од БиХ и Бугарија, туку за разлика од вкупно 18 земји од Источна Европа кои лани забележале пад.

Па, така, сега Македонија и Чешката Република, на пример, според овој индекс се наоѓаат во иста група земји – „демократии со грешка“, откако Чешка отпадна од групата земји кои носат назив „целосна демократија“, иако во бројки скорот на Чешка е повисок од оној на Македонија (7,94 наспроти 6,25).

 

ИСТОЧНА ЕВРОПА ПОЛНА СО ПРОБЛЕМИ, МАКЕДОНИЈА НЕ?

ЕИУ наоѓа проблеми во сите подрегиони на Источна Европа, истакнувајќи дека во земјите на поранешниот Советски Сојуз се појавуваат авторитарни трендови, кои стануваат и зачаурени, а се додава и дека демократијата еродира и во подрегионот на Централна Европа, при што се истакнува дека успехот на 11-те земји да влезат во ЕУ во 2004 година создал впечаток на лесна транзиција кон западниот модел на демократија, за да се додаде и дека слабости биле забележани уште пред светската рецесија во 2008-09 година, за денеска тие да дојдат до уште поголем израз.

 

Демократијата во Македонија речиси иста и во 2006 и во 2014. Графикон: Вистиномер. Податоци: ЕИУ
Демократијата во Македонија речиси иста и во 2006 и во 2014. Графикон: Вистиномер. Податоци: ЕИУ

 

Како примери, пак за авторитарно однесување, посебен простор е одвоен за Унгарија и Русија. Кога ЕИУ пишува за овие две земји, веднаш се забележуваат паралелите со Македонија. За Русија се вели дека сега е „менаџирана“ и „сценски менаџирана демократија“, нешто што го забележувавме и кај нас веќе неколку години преку провладините медиуми и нивното менаџирано пропагандистичко известување од еден центар, но и преку засиленото менаџирање на изборите, за чиј менаџмент од лентите со прислушуваните разговори конечно видовме дека отишол и предалеку. За руската Дума, пак, се вели дека е орган кој само удира печат на предложените закони без дискусија, нешто што во ништо не се разликува од македонскиот „еднопартиски“ парламент кога станува збор за македонскиот блок во кој коалицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ владее суверено. За Русија се вели и дека авторитарниот момент се засилил по окупацијата на Крим, како и по инсистирањето на конзервативни вредности и нагласениот национализам.

Засилениот национализам е карактеристика и во Унгарија, каде што тамошниот автократски претседател Виктор Орбан најави менување на Уставот, како и воведување данок на Интернет и истраги врз невладините организации, откако доби двотретинско мнозинство на избори. Барем што се однесува до Уставот, состојбата и овде е многу слична како во Македонија, каде што најавата за негово менување во конзервативна насока следеше веднаш по изборите, иако во текот на предизборната кампања ништо такво не слушнавме, ниту во програмата на владејачката партија ништо такво не прочитавме.

 

ЕИУ НЕ ГО СЛЕДИ СЕСТРИНСКОТО СПИСАНИЕ „ЕКОНОМИСТ“

Сѐ што експертите на ЕИУ требало да направат за да се запознаат со состојбите во Македонија е да го отворат лондонскиот неделник „Економист“, кој го издава сестринска компанија со исти сопственици, но каде што, сепак, работат  различни тимови/редакции. „Економист“  е веројатно најугледната меѓународна неделна публикација од општ информативен карактер на светот со 1,5 милиони примероци глобален тираж и ако се разгледа пишувањето за Македонија од изминатите неколку години, не може да се избегнат бројните написи во кои се говори за лошата состојба со слободата на медиумите, дискриминацијата со која се соочува ЛГБТ заедницата, затворањето на Вранишковски, написите за Скопје 2014 (овдеовде и овде), за меѓуетничките судири, за  лошата економска состојба и индексот на мизерија на кој Македонија беше на прво место во 2011 година, бојкотот на опозицијата, настаните на 24 декември 2012, за најновата афера со прислушувањето и редица други. Сите тие даваат слика на земја која се соочува со сериозни проблеми на план на демократијата.

Проблемите со објективноста на ЕИУ кон Македонија добиваат на видливост и надвор од индексот за демократија. Главна активност со која се занимава ЕИУ е изработка на политички и економски анализи, како и проекции за кредитниот и суверениот ризик на дури 189 земји. Главни клиенти за ваквите анализи се глобалните корпорации, односно оние фирми кои инвестираат ширум светот, па и во Македонија. Станува збор за написи кои имаат за цел да ги објаснат политичките и економски прилики во земјите од светот, содржејќи нота на сериозност и авторитетна анализа, а со цел да се обработат теми од важен интерес за меѓународниот бизнис со цел тој да биде комплетно информиран пред да влезе или додека е присутен на конкретен национален пазар или пак регион. Но, ако се погледне анализата од 10 март 2014 година (треба регистрација, треба претплата), на пример,  со наслов: „Владата останува во силна позиција“, се добива сосема поинаков впечаток.

 

ПРОБЛЕМОТ НА ЕИУ СО МАКЕДОНИЈА – МНОГУ ПОДЛАБОК

Делови од овој предизборен текст беа пренесени во оригинал на англиски јазик и во земјава, што е спротивно од праксата и претплатничкиот договор со компанијата, зашто така ЕИУ ќе нема што да им продава на своите клиенти – и тоа по цена од 1.085 фунти, колку што изнесува годишната претплата за информативниот сет само за Македонија. Во секој случај, тој беше крајно необјективен и целосно свртен во корист на власта. Од бројните предизборни анкети на јавното мислење, беше цитирана само една во која Иванов има дури една третина предност пред Пендаровски. Се говори дека Пендаровски не се ни обидел да собира потписи за својата кандидатура, иако за такво нешто немаше никаква законска обврска или потреба (што не е наведено), зашто тој беше кандидиран од сосема доволен број пратеници.  Во текстот се вели и дека заради начинот на кој Пендаровски бил избран за претседателски кандидат, 130 делегати го бојкотирале партискиот конгрес на СДСМ, што никаде не е потврдено и што во најмала рака е проблематично. Во делот за албанскиот политички блок, пак, барањето на ДУИ за консензуален претседателски кандидат се оценува како „дипломатско понижување“ (???).

 

EIU_RBG-FH-grafikon
Графикон: Vistnomer.mk. Податоци: ЕИУ, РБГ, ФХ

 

Кон крајот на текстот, пак, СДСМ се оценува како „елитистичка и псевдо-интелектуална“. Точно е дека владејачката партија го напаѓаше СДСМ за елитизам, ама ова „псевдо-интелектуална“ првпат е напишано во овој текст.  На Пендаровски му се земаат за зло некакви изјави за името кои биле „против националниот интерес“, иако тие не се ни цитирани, ни парафразирани во текстот, небаре станува збор за „Курир“ и неговите неименувани „експерти“, кои се најтајните извори во македонското новинарство во моментов.

Најмногу реакции од овој напис предизвика делот каде што беше „цитиран“ новинарот Ацо Кабранов, за кој беше напишано дека симпатизерите на Ѓорѓи Иванов ги нарекол „некапени маси“, што испадна дека нема врска со стварноста, што не беше на ниеден начин потврдено (повторно „Курир“ синдром) и што, конечно, беше и демантирано. Ваквиот напис јасно покажува дека изворите на ЕИУ се локални и непристојно блиски до власта, барем што се однесува до анализите, ако не и кога станува збор за индексот за демократија.

 

ЗАЕВ БИЛ УАПСЕН? КОГА ТОА?

Дури и по објавувањето на „бомбите“ на опозицијата, со кои конечно паднаа маските на што сосема јасно укажува светскиот печат, почнувајќи од Економист, преку Фајненшл Тајмс, Фракфуртер Агемајне, Франкфуртер Рундшау, Ноје Цирихер Цајтунг и редица други, ЕИУ и неговите соработници за Македонија, се однесуваат како да живеат во паралелен универзум. Иако во лентите од прислушуваните разговори има и такви кои се од голем интерес за странските инвеститори, како оној за проблемите со инспекциите со кои се соочува хрватски „Агрокор“, ова воопшто не е интересно за британската компанија за деловно разузнување. Понатаму, од првата „бомба“ поминаа речиси два месеци, но ЕИУ има само еден текст со наслов (потребна е регистрација, потребна е претплата„Земја фатена во апсењето на лидерот на опозицијата во заговорот Пуч“ . Како што е многу добро познато, лидерот на опозицијата, Зоран Заев, никогаш не бил уапсен во случајот „Пуч.“ Од него единствено беше побарано да го достави својот пасош и тоа е сѐ.

Што се случува со ЕИУ останува комплетно нејасно. Едноставно е чудно во година кога опозицијата решава да не ги признае резултатите од изборите и да остане надвор од парламентот, една земја да го зголеми својот ранг за две места во рангирање со наслов Индекс на демократија и тоа во ситуација кога во целиот регион на Источна Европа 18 земји бележат пад. Ваквото рангирање на Македонија во овој индекс можеби помогна земјава привремено да изгледа подобро во очите на странските инвеститори, но, од друга страна, одмогна во битката за демократија, која беше предмет на многу мал меѓународен интерес барем пред објавувањето на прислушуваните разговори. Но, по нивното објавување и по отворените критики од страна и на светскиот печат и меѓународната заедница, ЕИУ нема никакво право да се однесува како во земјава ништо да не се случува и состојбите на демократски план да ги третира на ист начин како и во 2006 година кога Македонија беше лидер во регионот и во демократија и во приближувањето кон ЕУ и НАТО.

Демократијата, сепак, не е збор, два, кои можат да се изгубат во преводот. Нејзините резултати, недостатоци и (не)постоење во една земја се и премногу очигледни за една глобална организација да може да се изгуби во своето рангирање толку долг период (со години), да си дозволи да стане заложник на своите необјективни локални соработници и тоа наспроти сите знаци кои говорат дека на теренот се случува нешто сосема друго од она што ЕИУ му го прикажува на светот, одмогнувајќи го со тоа враќањето на демократијата и заминувањето на актуелниот популистички и автократски режим.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција