Македонија доби нова Влада на чело со Зоран Заев

 

Скопје, 1 јуни, 2017 – 0:52 (META)  – Со 62 гласа „за“, од вкупно 111 пратеници, колку што гласаа во Собранието на Република Македонија вечерва, неколку минути пред полноќ, беше избрана новата Влада на чело со премиерот Зоран Заев. Новата влада не ја доби поддршката од 44 пратеници кои гласаа „против“, а петмина пратеници на Беса беа воздржани.

Новиот премиер и министрите веднаш по изборот дадоа заклетва со која се обврзаа дека функцијата ќе ја вршат совесно и одговорно и ќе ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија и ги потпишаа свечените изјави.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го констатираше престанокот на мандатот на членовите од претходниот владин состав.

Пред гласањето на пратениците им се обратија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и мандатарот, а сега премиер, Зоран Заев.

Груевски истакна дека во изминатите 11 години, колку што ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, биле направени многу реформи и се решиле многу проблеми и дека Македонија „немала власт со поголем учинок и напредок од оваа во овој период“, но во последните неколку години партијата станала предмет на „операција на надворешни центри за промена на власта“.

– Главната причина за оваа надворешна операција беше нашата политика во однос на барање на фер решение за проблемот за името, кое не го добивме, и како резултат на тоа сè уште не ја добивме заслужената покана за членство во НАТО и преговорите за влез во ЕУ, кои беа и ќе останат стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, покрај оваа стратешка цел, стратешка цел е и фер решение, а не наметнато решение кое ќе нè обезличи како народ, како нација и како држава. Од новото мнозинство очигледно се очекува поинаков пристап по ова прашање – рече Груевски, додавајќи дека „времето ќе покаже кој бил во право“.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ будно ќе го следи работењето на новото мнозинство и силно ќе се бори за интересите на државата и додаде дека повикот за нови предвремени парламентарни избори и понатаму останува.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во своето обраќање пред да биде изгласан за нов премиер, им се заблагодари на сите пратеници за, како што рече, исцрпната дискусија во изминатите два дена и за позитивната атмосфера и одговори на забелешките, критиките и на сугестиите на речиси сите пратеници кои се јавија за збор.

Тој вети дека новата владата ќе „одржи лекција по економија“ и за тоа како се враќа правдата во државата, но и ги повика пратениците на опозицијата да помогнат во носењето на одлуките од интерес на државата, како што е решавањето на проблемот за името со Грција.

Заев рече дека тој и неговиот кабинет ќе работат на сплотување, а не на делење, во интерес на сите граѓани.

Пред главниот влез на Собранието, група поддржувачи на СДСМ и припадници на „Шарената револуција“ ги пречекаа министрите и Заев со извиците „Победа, победа“ и „Шутка не ти бега Никола“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција