Македонија со слаб систем за бесплатна правна помош за своите граѓани

До бесплатна правна помош преку многу бариери. Фото: Вистиномер

Постојниот закон за бесплатна правна помош е една од главните пречки за поширока примена на ова право. Тој има многу рестриктивни и дискриминаторски одредби

 

Скопје, 21.03.2017 – Иако законот за бесплатна правна помош постои седум години, пристапот до помошта е рестриктивен и селективен, а според истражувањата може да го користат само 1,1, отсто или околу 18 илјади граѓани.

Ова беше кажано на денешната конференција за јавноста оддржана во ЕУ Инфо центарот во Скопје, каде беа презентирани резултатите од досегашното спроведување на проектот за „Пристап до правдата“, кој е финасиски поддржан од ЕУ, а го реализара Фондацијата Отворено општество-Македонија со мрежа граѓански организации кои се лиценцирани за давање правни совети.

Забелешки има и Европската унија, која сепак ќе продолжи да работи со земјата на унапредување на ова прашање.

– Засега многу малку луѓе ја примаат или пак, предоцна ја добиваат правната помош во Република Македонија, што е еден од претпристапните услови за членство во Европската унија, изјави Јаромир Левичек, шеф на Оддел за Економија и финансии, јакнење на институционалните капацитети и прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Тој додаде дека е неопходно менување на законот, зголемување на свеста и образованието, видливоста, но и буџетот за бесплатана паравна помош, кој е еден од најмалите во Европа.

Според Надица Наумовска, координаторка на проект во ФООМ, Македонија годишно издвојува околу 44 илјади евра за бесплатна правна помош, но и таа сума не се троши во целост.

И покрај бројните документи, како што е Европската конвенција за човекови права, разни директиви на ЕУ, па и праксата во земјите од Унијата, во Македонија пристапот до бесплатана правда е особено „рестриктивен и дискриминаторски“, како што беше речено, во кривичната материја. Само оние осомничени или обвинети за кривични дела за кои е запретена казна затвор од најмалку десет години, имаат право на бесплатна правна помош.

Притоа, исто како и другите граѓани, претходно треба да ги исполнат трите услови во законот: Да имаат семејни приходи помалку од половина од просечната плата во РМ, да се корисници на некое социјално право (социјална помош, детски додаток, нега и изддршка) и нивниот севкупен имот да не надминува пет просечни бруто плати во земјата.

Доколку ги исполнат, треба да го почекаат министерот за правда и формално да ја одобри бесплатаната правна помош, што, како што беше наведено на прес конференцијата, е единствен случај споредено со другите законодавства во Европа и во светот и тоа доведува до просечно доцнење од 40-50 денови, наместо гарантираните 20 денови.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција