Македонска дијаспора (ММДЧП): На „браникот“ на името со лаги и манипулации

Фото: Принтскрин

Иако е неспорно дека Македонците не се радуваат поради новото име „Република Северна Македонија“, сепак, не може да се каже дека тоа е направено „нелегално“, ниту, пак, дека Преспанскиот договор е „илегален“. Напротив овој Меѓународен договор е сосема легален и е составен дел на Уставот. Ама, некој од дијаспората непотребно се загрижил, или, посакал да манипулира со фактите и да измислува заговори дека ќе ни го избришат идентитетот

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) деновиве (06.03.2020) на својата веб-страница  објави соопштение  (на македонски и англиски јазик) насловено: „Македонците бараат враќање на своето име – плакати нашето име е Македонија” раширени низ целата земја“, во кое се пласирани рој дезинформации.

 

ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР НЕ Е ИЛЕГАЛЕН

Во прогласот на оваа организација на македонската дијаспора се искажани повеќе невистини  поврзани со Преспанскиот договор и промената на името на државата – „Република Северна Македонија“. Па така, уште на самиот почеток се тврди дека:

Македонците продолжуваат да ги истакнуваат знаците и постерите со логото НАШЕТО ИМЕ Е МАКЕДОНИЈА низ земјата, и го отфрлаат нелегалното менување на името. Македонците бараат да се врати вистинското име на Македонија. Знаците на кои е истакнато расистичкиот израз „Северна“ – наметнат од Западот – се заменуваат со МАКЕДОНИЈА.

Најприн не е јасно за какви прогласи, знаци или постери се работи, бидејќи такви масовни објави досега не се заблежани, ниту пак, во медиумите имало информација за такво нешто. Можеби некаде биле залепени постери од тој тип, ама тоа сигурно не било во таков обем како што се претставува во  информацијата објавена на ММДЧП. А, уште помалку може да се генерализира дека сите Македонци истакнувале постери со кои барале „да се врати вистинското име Македонија“.

Исто така, иако е неспорно дека Македонците не се радуваат поради новото име „Република Северна Македонија“, сепак, не може да се каже дека тоа е направено „нелегално“, ниту, пак, дека Преспанскиот договор е „илегален“.

Договорот за решавање за спорот за името со Грција беше потпишан на 17 јули 2018 година во селото Псарадес (Нивици) на грчката страна Преспанското езеро. Овој меѓународен  договор насловен како „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“, го потпишаа министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров, како и медијаторот на ОН во спорот кој траеше четвртв век, Метју Нимиц. На церемонијата на потпишувањето во Псарадес присуствуваа и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации, Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини и тогашниот еврокомесар Јоханес Хан.  Според договорот, македонската страна го прифаќа името Република Северна Македонија за севкупна употреба, и внатрешна и надворешна, а Грција ќе го признае државјанството на соседната земја како македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, ќе се согласи официјалниот јазик на државата да се именува како македонски јазик и нема да го попречува членството на соседната земја во меѓународните организации.

Неколку месеци по потпишувањето на Преспанскиот договор следеа уставните измени. На 11 јануари 2019 година Собранието со 81 глас „за“ ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот од Преспа и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36, со што тие станаа дел од Уставот.

На 12 февруари 2019 година стапи на сила Договорот од Преспа, и Македонија официјално стана Република Северна Македонија. Како што соопшти владината прес-служба, со објавувањето во Службениот весник на сила стапи Преспанскиот договор за решавање на спорот за името со Грција и уставните амандмани.

Сето ова покажува дека Преспанскиот договор не е илегален , како што се вели во соопштението од ММДЧП, туку напротив сосема легален и е составен дел на Уставот.

Неточно е и тврдењето дека македонскиот идентитет е  присилно сменет во  „северномакедонски“ , и дека на „Македонците им се негира правото на сопствен идентитет“, бидејќи, како што наведовме погоре, со измените на Уставот државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.

Исто така, не станува збор за никакво присилно менување на името, бидејќи на уставните измени им претходеше Референдум за промена на името, кој се одржа на 30 септември 2018 година.

На референдумското прашање: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?,   609.813 граѓани се изјаснија позитивно. Сепак, тоа не беше доволно за референдумот да биде успешен, бидејќи излезноста беше ниска – 36,91 отсто, односно не се постигна законскиот ценсус за одзив од 50 проценти плус еден глас.

Меѓутоа, 610.000  гласови „ЗА“ референдумот (во услови кога најголемата опозициска партија го бојкотираше) говораат дека солиден број граѓани се согласиле со промената на името. И во оваа бројка несомнено има голем дел Македонци, бидејќи вкупниот број на Албанците и на помалите етнички заедници кои излегле на гласање сигурно не е 600.000. Така што, не може да се наметнува тезата – и тоа прилично агресивно,  дека етничките Македонци не го поддржале Договорот од Преспа и промената на името.

 

ИЗВРТУВАЊЕ НА ФАКТИТЕ И ИЗМИСЛУВАЊЕ ЗАГОВОРИ

Ама, ова не се единствените невистини и дезинформации кои се пласираат во прогласот на дијаспората (ММДЧП), таму има и други извртувања на фактите.

Сосема неточно и паушално е и тврдењето дека: Членот 7(2) официјално и го дава името „Македонија“ на Грција.

Како што може да се види од Целосниот текст на Конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство, објавен на веб-страницата на Владата, во Членот 7  е наведено дека:

  1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. 
  2. Во однос на Првата страна (н.з Грција), овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. 
  3. Во однос на Втората страна (н.з Македонија), овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2). 
  4. Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна. 
  5. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни. 

Никаде во овој член не стои дека „официјално се дава името „Македонија“ на Грција“, туку се дефинира како двете страни (македонската и грчката) ќе ги употребуваат термините „Македонија“ и „Македонски“ и во каков историски контекст.

Во соопштението на  ММДЧП се манипулира и дека според Членот 8 став (5) „комисија на грчки дипломати може да ја препише македонската историја и македонските историски учебници“, што, исто така, е чиста невистина.

Еве што точно стои во Член 8 став 5:

Во рок од еден месец од потпишувањето на оваа спогодба, Страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди. Министерствата за надворешни работи на двете Страни ќе ја надгледуваат работата на Комитетот, а во соработка со други надлежни државнивласти. Комитетот ќе разгледа и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од Страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. За оваа цел, Комитет ќе дефинира конкретни временски рамки за да се обезбеди дека во секоја од Страните ниту еден учебник или помошен наставен материјал што се користи во годината по потпишувањето на оваа спогодба не содржи какви било иредентистички/ревизионистички упатувања. Комитетот, исто така, ќе ги проучи и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали, како што е предвидено во овој член. Комитетот редовно ќе се состанува, а најмалку двапати годишно и ќе поднесува годишен извештај за своите активности, како и препораки кои треба да бидат одобрени од Советот за соработка на високо ниво, кој ќе се формира во согласност со член 12. 

Како што може да се види, во овој член се прецизира дека заедничка македонско-грчка комисија  ќе разговара за образовни, археолошки и историски прашања, за усогласување на програмите и за тоа како учебниците во иднина би биле конципирани и што ќе учат децата во двете држави. Целта е да се создаде клима на доверба и разбирање, а не клима на омраза, при што формулациите кои ќе бидат употребени да не ја навредат едната или другата страна

Ама, наспроти одредбите од официјалниот меѓународен Договор, некој од дијаспората непотребно се „загрижил“ дека е направен заговор против нас, дека грчки дипломати ќе ни ги прекројуваат учебниците и македонската историја. Или, пак, посакал да манипулира со фактите, да измислува приказни и предизборно да се стави на „браникот“ на името и на идентитетот.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција