Македонските судови, неми пред случаите на тортура

Воислав Стојановски во Топ Тема, Фото: Скриншот

Само во минатата година Европскиот суд за човекови права донесе рекордни 5 пресуди против Македонија за тортура, односно Македонија беше најдена виновна за повреда на Членот 3 од конвенцијата што се однесува на тортура. И сега вие имате ситуација странски суд кому му требаат години да постапува, да има повеќе пресуди за тортура отколку сите ваши судови.

[Извор: ТВ Телма, Топ Тема (24:44 – 25:12 oд видеото) Датум: 29.03.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Повод за оваа анализа е изјавата   (24:44 – 25:12 oд видеото) на Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет за човекови права, дадена во емисијата Топ Тема на Телма на 29.03.2015. Целта е да се провери точноста на изјавата, но и да се увидат активностите на домашните судови за гонење на случаи на  извршено кривично дела тортура. Согласно анализата, изјавата се оценува како вистинита.

Стојановски во интервјуто ја даде следната изјава:

Само во минатата година Европскиот суд за човекови права донесе рекордни 5 пресуди против Македонија за тортура, односно Македонија беше најдена виновна за повреда на Членот 3 од конвенцијата што се однесува на тортура. И сега вие имате ситуација странски суд кому му требаат години да постапува, да има повеќе пресуди за тортура отколку сита ваши судови. (Топ Тема (24:44 – 25:12 oд видеото) Датум: 29.03.2016)

Изјавата е дадена непосредно по започнување на истражната постапка од страна на Специјалното јавно обвинителство против седуммина осомничени меѓу кои и екс-директорот на Управата зе безбездност и контраразузнавање кој, како што се тврди, наредил при апсењето на Љубе Бошковски употреба на закани и прекумерна сила. Според  Специјалното Јавно Обвинителство станува збор за тортура, казниво дело по  Член 143 од Кривичниот законик како и повреда на Член 3 од Европската конвенција за човекови права.

Согласно Член 143 од Кривичниот законик – пречистен текст:

Тој што во вршењето на службата малтретира друг, го застрашува, го навредува или воопшто спрема него постапува на начин со кој се понижува човечкото достоинство и човековата личност, ќе се казни со затвор од една до пет години. 

Понатаму, Член 3 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, кој се однесува на тортура вели:

Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

Во 2015 година Европскиот суд за човекови права донесе пет пресуди со кои се  утврди дека Република Македонија е одговорна за повреда на Член 3 (забрана на тортура) од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Станува збор за случаите Хајрулаху против Република Македонија (пресуда од 29.10.2015), Илиевска против Република Македонија (пресуда од 07.05.2015), Аслани против Република Македонија (пресуда од 10.12.2015), Андоновски против Република Македонија (пресуда од 23.07.2015) и Китановски против Република Македонија (пресуда од 22.01.2015).

Она што е карактеристично за случаите каде Европскиот суд за човекови права утврдува повреда на Член 3 (забрана за тортура), е и отсутво на проактивен однос на надлежните власти, како на пример не преземање на какви било истражни мерки како и непостапување на Јавното обвинителство по кривичните пријави.  Имено, во случајот Хајрулаху против Република Македонија, освен повреда на Член 3 (забрана на тортура) се утврдува и пропустот на властите да ги истражат тврдењата на апликантот за полициско малтретирање и повреда на Член 6 став 1 од Конвенцијата, кој се однесува на правото на правично судење.

Овие констатации упатуваат на пасивност на домашните судови за постапување во случаи на тортура од лица кои вршат  службена дејност. Доколку се разгледаат годишните извештаи на Јавното обвинителство, за 2012, 2013 и 2014 година нема податок дека е покренат обвинителен акт за повреда на Член  143 од Кривичниот законик (тортура).

Дека повреда на Член 143 од Кривичниот законик е честа појава, докажуват и самите извештаи од Секторот за внатрешна контрола во МВР. Според годишниот извештај за 2014 година пријавени се 1584 случаи на посочени пречекорувања на овластувања и злоупотреби на службената положба. При тоа се наведува дека Секторот постапувал по 71 поднесок во кои е наведено дека од полициски службеници врз граѓани е употребена физичка сила.

Во годишниот извештај за 2015 година, Народниот правобранител упатува дека недостасуваат навремени, законити и професионални одговори од Јавното обвинителство по негови барања за случаи поткрепени со докази за постоење на основани сомненија дека е извршено кривично дело мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Народниот бранител понатаму упатува на селективниот пристап на Јавното обвинителство кое дава приоритет на кривичните пријави поднесени од МВР.

Независно од  широкиот опфат на член 143 од Кривичниот законик, оваа аргументација во конкретниот случај  е доволна за да потврди дека изјавата на Воислав Стојановски е вистинита.

 

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Милена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција