Максималистички барања од Русија за мир – карта за пазарење или за „стогодишна војна“?

Фото:Gerd Altmann from Pixabay

Прашањето од насловот произлегува од условите што се наведени во предлогот на Русија како да се стигне до конечен и траен мир во Украина. Текстот синоќа е официјално објавен во целост и од него може да се види дека Москва не се обврзува на ништо суштинско, а сепак од Украина бара откажување и од територија и од штета (воени репарации), како и ограничување суверено да одлучува за својата иднина. Дел од точките наведени во рускиот документ се совпаѓаат и со основните причини наведени за нивната воена операција, де факто агресија врз Украина, а тие се често користени и во дезинформациите од пропагандната кујна во Кремљ

Прашањето од насловот произлегува од условите што се наведени во предлогот на Русија како да се стигне до конечен и траен мир во Украина. Текстот синоќа е официјално објавен во целост и од него може да се види дека Москва не се обврзува на ништо суштинско, а сепак од Украина бара откажување и од територија и од штета (воени репарации), како и ограничување суверено да одлучува за својата иднина. Дел од точките наведени во рускиот документ се совпаѓаат и со основните причини наведени за нивната воена операција, де факто агресија врз Украина, а тие се често користени и во дезинформациите од пропагандната кујна во Кремљ

 

Русија за првпат ги изложи своите целосни барања во врска со постигнување мир во Украина и запирање на војната што започна како агресија на Русија и инвазија врз Украина уште во 2014 година со Крим, а целосно и интензивно во февруари 2022 година – и тие се максималистички.

Ова е едногласен заклучок на голем дел од светските и домашните медиуми и во првите анализи на понуденото, од што еден дел е пренесено и кај нас, откако вчеравечер (02.06.2025 г.), заврши втората рунда разговори меѓу преговaрачките делегации на Украина и Русија, а нешто подоцна Москва го објави целиот текст на својот Меморандум, или официјално „Предлози на Руската федерација за мирно решавање на украинската криза“.

Првиот дел – Основните параметри за крајно решение

Она што паѓа в очи се максималистичките барања или предлог за капитулација на Украина, како што стави во насловот еден од медиумите на македонски јазик, уште во првиот дел од Меморандумот. Првата точка предвидува не само признавање од Украина, туку меѓународно признавање на окупираните територии, кои во меѓувреме Русија ги анектираше и ги стави во состав на Федерацијата:

Меѓународно-правно признавање на Крим, ЛНР, ДНР, од областите Запорожје и Херсон, целосно повлекување на различните единици на Воените сили на Украина и на други воени единици формирани од Украина (точка бр.1).

Ова би подразбирало признавање од страна на Обединетите нации на окупираните Крим, Луганската и Доњетската народна република, како и териториите на областите Запорожје, каде што е и најголемата нуклеарна електрана во Европа, како и областа околу градот Херсон.

Вториот услов за мир според Русите е „неутралност на Украина“, што би подразбирало прекинување на сите започнати процеси за нејзино приклучување во воени сојузи, се мисли пред сѐ на НАТО, како и забрана за присуство на странски воени сили на територијата на земјата или формирање воени бази или други центри (точка бр.2). Овој предлог е доста стар и познат уште од пред агресијата во 2022 година.

Од порано се познати и следните неколку предлози – Украина да биде држава без нуклеарно оружје, без други оружја за масовно уништување, а нејзината армија да биде со однапред утврдени максимален број на војници, дозволени борбени средства и по бројност ограничени, како и да следи распуштање на „украинските националистички групи во составот на ВСУ и на Националната гарда“(точка бр.5).

Во врска со последното, се бара и „законска забрана на величење и на пропагандите на нацизмот и неонацизмот, распуштање на националистичките организации, партии“(точка бр.7), што не е ништо друго туку оправдување на руската пропаганда каде што еден од носечките столбови во врска со Украина е дека се борат за уништување на нацизмот и неонацизмот вкоренет во украинските власти.

Од позначајните услови секако е и „признавање на сите права на руското или на населението што припаѓа на руското јазично подрачје и статус на рускиот јазик како официјален“(точка бр.6). исто така често користено како една од целите на војната, и „укинување на сите постоечки или воведување нови санкции или ограничувања во односите меѓу Руската федерација и Украина“ (точка бр.8).

Скриншот од дел од текстот што го објавија дел од руските државни и продржавни медиуми.

Од материјалните нешта, Русија во точка бр.10 и 12 бара „заемно“ откажување од штетата настаната од воените дејства, како и постепено воспоставување на дипломатските и економските односи, вклучително и на транспортот на гас и другиот транспортот и кон трети држава.

Како еден од основните услови ставени во првиот дел од Меморандумот е и прашањето за Украинската православна црква. Се мисли на забранетата од страна на украинските власти, бидејќи се две украински православни цркви, и токму затоа во предлогот се бара „укинување на ограничувањата во однос на УПЦ“(точка бр.11). Ова прашање Русија исто така во својата пропаганда го поставуваше доста често како еден од доказите дека Русите во Украина се обесправени до тој степен што им е забранета и верата.

Проблем се и условите во временската рамка

Вториот дел од Меморандумот се занимава со условите за постигнување примирје, како основа за трајниот мир и тука работите се прилично доста образложени од страна на медиумите. Основата е во тоа што руската страна инсистира на многу пократки рокови на примирје од само неколку дена, додека Украина и натаму инсистира на 30 дневно примирје како единствено ефективно што би дало резултати.

Меѓутоа, многу поголем проблем и тешки за прифаќање од страна на Украина се условите наведени во третиот дел од Меморандумот, каде што е наведена временската рамка за постигнување на конечен договор за мир.

Во петата и шестата точка од документот Руската федерација бара повлекување на сите сили на армијата на Украина во рок од 30 дена, од денот кога двете страни ќе се договорат за едномесечно примирје, а во следната, „спроведување на избори и формирање на органи на власта на територијата на Украина“, по што следува седмата точка, „потпишување на Договорот“.

Претпоследната, според Москва би требало да биде одобрување на потпишаниот договор од страна на Советот за безбедност на ООН со соодветна резолуција, па дури потоа ратификација во парламентите во Киев и во Москва (точка бр.9).

Како што може да се види од целиот текст, Русија не се обврзува на ништо суштинско во однос на веќе анектираните територии, го проблематизира или комплицира дури и триесетдневното примирје, а конечниот мир го условува со многу нешта, меѓу кои и со спроведување на избори во Украина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција