Малолетнички од Скопје не биле „уапсени“, туку повикани на разговор во полициска станица

Фото: mvr.gov.mk - Принтскрин

Од МВР за „Вистиномер“ потврдија дека ученичките биле само повикани на разговор во станица и не биле уапсени. Инаку, и во содржинскиот дел на текстот што се споделува во постот воопшто не се известува за никакво апсење, туку за повикување на разговор во полициска станица. Постои голема разлика меѓу „апсење“ и „повикување на разговор во полициска станица

Од МВР за „Вистиномер“ потврдија дека ученичките биле само повикани на разговор во станица и не биле уапсени. Инаку, и во содржинскиот дел на текстот што се споделува во постот воопшто не се известува за никакво апсење, туку за повикување на разговор во полициска станица. Постои голема разлика меѓу „апсење“ и „повикување на разговор во полициска станица“

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук  кој споделува напис, во којшто се пренесува извадок од дневните настани од билтенот на Министерството за внатрешни работи.

Во самиот пост пишува:

Уапсени малолетнички од Скопје, на Тикток се заканувале кон врсничка.

Со идентична содржина е и насловот од текстот кој се споделува.

Во содржинскиот дел на текстот, пак,  воопшто не се известува за никакво апсење, туку за повикување на разговор во полициска станица. Во написот се вели:

Преку социјалната мрежа „Тикток“, средношколки од Скопје се заканувале кон ученичка во училиштето каде учеле. За ова пријава дошла до МВР кои постапиле и ги повикале сите на разговор. За случајот се запознаени и родителите на трите малолетнички. На 5 мај 2023 полициски службеници од полициска станица Центар при СВР Скопје извршиле службен разговор со Е.Р. (18) и три 17-годишни малолетнички, сите ученички во средно училиште во скопје, на кој присуствувале и нивните родители, по добиена пријава од вработени во училиштето дека ученичките на социјална мрежа постирале содржина со закана кон ученичка во истото училиште и други лица, информира МВР.

Но, наспроти тоа што го пишува во текстот, насловот говори за „уапсени малолетнички од Скопје…“. А за да се долови наводното апсење на фотографијата што го придружува текстот, претставена е девојка фотографирана од зад грб со лисици на рацете.

Сепак,  постои голема разлика меѓу „апсење“ и „повикување на разговор во полициска станица“. Од МВР за „Вистиномер“ потврдија дека ученичките биле само повикани на разговор во станица и не биле уапсени, меѓутоа за случајот е известен јавен обвинител и Центарот за социјални работи.

Професорката на Факултетот за безбедност, Фросина Ременски вели дека има разлика меѓу апсење и повикување во станица на разговор.

Апсењето е лишување од слобода поради основано сомневање дека некој сторил кривично дело, а повикан на разговор може да биде секој што смета полицијата дека може да има информации. Апсењето е лишување од слобода, а кај повикувањето го нема тоа. Ако повиканото лице не се јави во полиција, тогаш имаат право присилно да го доведат. Но, тоа повторно, не е апсење. Во конкретниот случај, се работи за повикување на разговор по пријава. Не се уапсени. Инаку, повикувањето е со родител, бидејќи малолетно лице без родител не може да биде повикано, вели Ременски.

На веб-страницата на МВР,  е објавен пречистен текст од Законот за полиција од 2022 година.

Во него, во членот 28 се објаснети термините: „повикување“, „лишување од слобода“ и „приведување“.

Во членот 45 се вели дека „повикување на малолетно лице се врши согласно со посебен закон“, како што всушност е направено и во конкретниот случај, со повикувањето на малолетниците за кои се известува во текстот од постот.

Според членот 43 од Законот за полиција „полицијата е овластена писмено со покана да повикува граѓани заради собирање потребни известувања неопходни за извршување на полициските работи“. Според истиот член (43), „лицето кое е повикано се поучува за правата од членот 34 на законот за полиција како и за околноста дека истото не е лишено од слобода и дека откако ќе даде или одбие да даде известување може да си оди“. За повикувањето и извршениот разговор со повиканото лице, полицискиот службеник изготвува службена белешка.

Членот 46 го регулира полициското овластување „приведување“. Во членот 46 се вели дека „лице може да се приведе врз основа на писмена наредба издадена од надлежен суд или распишана потерница согласно закон. Лицето може да се приведе во просториите на полицијата, друг надлежен државен орган или до местото одредено со наредбата.

Во членот 45-а, се вели дека „лишување од слобода“ без писмена наредба може да се изврши на лице:

1) кога се исполнети условите согласно Законот за кривичната постапка и

2) за кое е распишан распис согласно закон.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека малолетничките од Скопје се „уапсени“ (лишени од слобода), туку истите се повикани на разговор во присуство на родители (согласно Законот за полиција, според кој тоа е неопходно кога станува збор за малолетни лица).

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција