Манипулација со фејсбук-статус – се кратат додатоците, а не платите на пожарникарите

 

[Рецензија: Огорчен и револтиран пожарникар по одлуката на Владата да им ја скрати платата: Ова е потценување на најхуманата професија!]

Медиумот манупулира со фејсбук-статус на еден пожарникар, без да ги провери неговите наводи, потенцирајќи ја едностраноста на информацијата, иако претходно веќе објавил официјална реакција на Синдикатот на пожарникарите.

Линк до оригиналниот напис: Огорчен и револтиран пожарникар по одлуката на Владата да им ја скрати платата: Ова е потценување на најхуманата професија!

Датум и време на објавување: 24.4.2020

Датум на рецензија: 24.4.2020

Рецензент: Стојан Синадинов

Владата на РСМ меѓу другите уредби донесе и уредба за ограничување на исплатата на додатоците на плата за април и мај. Таа уредба секако дека не е популарна. Но, медиумот во овој случај, веднаш под бомбастичниот – и неточен наслов пласира дезинформација:

Пожарникарите бурно реагираат на одлуката нивните плати да бидат намалени иако тие се на висина на својата должност во време на пандемијата со Корона-вирусот во нашата земја.

Потоа, таа дезинформација во која се наведува множина (пожарникари), иако се работи за индивидуален став, ја „покрива“ со преземен статус на „Фејсбук“ на еден од скопските пожарникари, а без притоа да биде точно наведено дека не се работи за кратење на платите на пожарникарите, туку за исплатата на додатоците на плата за април и мај.

Интересно е што медиумот ја објавува оваа „вест“ на 24.4.2020 во 10:04 ч, а 2 часа претходно, во 7:55 ч., истиот медиум веќе ја има објавено веста со реакцијата на Синдикатот на пожарникарите на Град Скопје во врска со исплатата на додатоците на плата за април и мај.

Значи, повторно, не се работи за кратење на платите на луѓето што ја вршат оваа тешка и одговорна професија, туку за додатоците на платата, и тоа за период од два месеца.

Медиумот со објавената вест си противречи, бидејќи веќе ја има објавено официјалната реакција на Синдикатот на пожарникаритена Град Скопје. Секако, дека сите членови на тој синдикат не мислат исто, а можеби и пожарникарот кој го објавил неговиот статус и не е член на синдикатот (?). Што е негово неприкосновено право, како и правото да реагира ако се чувствува засегнат. Но, во секој случај, медиумот треба да води сметка за вистинитоста на пласираните информации.

Веќе во првиот член од Кодексот на новинарите се вели:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

А, медиумот во овој случај се „сопнува“ токму на тој прв став од Кодексот.

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција