Манипулација со верски чувства за ширење теории на заговор за коронавирусот

[Рецензија: Фејсбук-објава: Обиди за „зацарување” на антихристот на земјата]

Објава на фејсбук-група наречена „Православни христијани“ шири теории на заговор за корона-вирусот, кои освен што се лажни, се и опасни и може да предизвикаат потенцијално ширење на Ковид-19. Текстот е конфузен, едностран, полн со лажни вести и наведува на погрешни заклучоци. Целта е преку верските чувства, луѓето да се доведат во заблуда што може да предизвика дејства што може да имаат многу опасни последици.

Линк до оригиналниот напис: Фејсбук-објава

Датум и време на објавување: 19.3.2020

Датум на рецензија: 23.3.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Текстот тврди дека сопствениците на мас-медиумите, кои ги нарекува „сатанисти“, ја тераат јавноста доброволно да посегне по вакцина за корона-вирусот. Проблематично е што описот за вакцината е целосна измислица, за која нормално нема никаква поткрепа или доказ.

Вакцина во која во течна форма со нано-технологија е присутен жигот на ѕверот и со тоа ќе се изврши целосна контрола на светот и на сите луѓе.

Ѕверот? Кој ѕвер? И како тоа ѕверот преку вакцините ќе ги контролира луѓето и светот? Одговори на овие прашања нема. Ова претставува заплашување на тие што го читаат текстот и е директен повик на луѓето да не се вакцинираат против корона-вирусот кога ќе има вакцина. Се очекува луѓето, особено верниците да поверуваат на напишаното. А тоа е и најголемиот проблем. Што ако некој поверува на напишаното? Кој ќе преземе одговорност ако има последици?

Напишаното изобилува со редица лажни информации поврзани со бројот 14. Се тврди дека Светската здравствена организација очекува 14 % смртност на старата популација. Ова е целосно неточно, СЗО нема предвидувања за смртноста од овој вирус, ниту општо ниту за одредени возрасни групи.

„14 дена распуст“. Сосема е нејасно овде на што се мисли. Доколку се мисли на училиштен распуст и ова е неточна информација затоа што прво учениците не се на распуст, туку училиштата се затворени за да се запре ширењето на вирусот, а второ не станува збор за 14 дена, туку за неодреден период, односно додека стивне епидемијата.

„14 заболени секој ден“. Сосема неточно. Ова не е податок што е веродостоен ниту на светско ниво ниту во Македонија. Бројот на заболените варира од ден во ден и зависи од многу фактори.

Потоа во напишаното се поистоветува апелот за постојано миење на рацете со Понтиј Пилат, пред да го распне Христос. Не, апелите за постојано миење на раце немаат никаква врска ни со Исус Христос, ни со Понтиј Пилат ни со ништо религиско. Одржувањето на лична хигиена и миење раце го спречува ширењето на вирусот и тоа е научен факт. А раце треба да се мијат и кога нема епидемија на вирус.

Некои од методите за како што се вели „зацарување на антихристот на земјата“, како користење лажички за една употреба во црквите, ограничување на активностите на верските храмови, се во насока на заштита на верниците, а не на задоволување на сатаната. Повеќе од јасно и очигледно е дека црквите, како и храмовите на другите вери се места каде што многу лесно доколку има и еден заболен може да се прошири болеста на многу лица. Тоа се затворени места, без современи системи на вентилација, каде што во одреден период може да се најдат десетици, а некогаш и стотици луѓе на мала оддалеченост. Плодна почва за вирусот, кој е многу заразен, масовно да се прошири.

Ограничувањето на активностите на верските храмови не е против религијата, туку за заштита на верниците. И официјалните претставници на верските заедници повикаа да се почитуваат мерките препорачани од Владата и Министерството за здравство.

Особено загрижувачки е што оваа објава е споделена на повеќе фејсбук-страници и има голема интеракција.

На фејсбук-страницата наречена „Слово против сектите“, оваа објава има 515 реакции, 118 коментари и неверојатни 232 споделувања.

„Слово божјо“ е уште една фејсбук-страница, каде што е споделена објавата. Тука има 281 реакции, 19 коментари 22 споделувања.

Извесен фејсбук-профил наречен „Хор слаткопевец“, успеал со оваа објава да добие 323 реакции, 97 коментари и 84 споделувања.

Оваа објава ја споделиле и фејсбук-страниците на Манастир „Свети Апостол Петар“ – с. Смилево и Храм „Свети Никола“, Демир Хисар, групите „Православна Македонија“ и Свето Православие сите со по неколку десетци споделувања и реакции. Овие страници бројат од неколку стотици до неколку илјадници следачи.

Без разлика на своите верски чувства верниците, а и сите други, треба да останат рационални, трезвени и за свое добро да се информираат само од релевантни извори. Објавите на социјални мрежи доколку не се од официјални лица, без разлика од каде доаѓаат, треба да се земат со огромна резерва и да се проверат пред да им се поверува.

Во оваа вонредна ситуација доброто е што и официјалните претставници на верските заедници се на иста линија со официјалните власти со цел поголема заштита, зголемено ниво на претпазливост и превентива во овие вонредни околности.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција