Манипулација е дека вакцините се експериментални, не заштитуваат и не спречуваат трансмисија

Наспроти тврдењето во постот, според Светската здравствена организација, вакцинацијата е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на луѓето од штетни болести, пред да дојдат во контакт со нив. Неточно е и тврдењето дека вакцините не спречуваат трансмисија. Етаблираниот германски епидемиолошки институт „Роберт Кох” пред десетина дена објави дека луѓето вакцинирани против корона вирусот не се понатамошни преносители на заразата со вирусот. Неточно се тврди и дека вакцините се експериментални. За вакцините кои се одобрени како од СЗО така и од националните регулативи на секоја земја посебно, експерименталната фаза им е завршена и тие целосно се безбедни за користење

Наспроти тврдењето во постот, според Светската здравствена организација, вакцинацијата е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на луѓето од штетни болести, пред да дојдат во контакт со нив. Неточно е и тврдењето дека вакцините не спречуваат трансмисија. Етаблираниот германски епидемиолошки институт „Роберт Кох” пред десетина дена објави дека луѓето вакцинирани против корона вирусот не се понатамошни преносители на заразата со вирусот. Неточно се тврди и дека вакцините се експериментални. За вакцините кои се одобрени како од СЗО, така и од националните регулативи на секоја земја посебно, експерименталната фаза им е завршена и тие целосно се безбедни за користење

 

 

Фјесбук објава вели дека вакцините не заштитуваат, не спречуваат трансмисија на коронавирусот и дека се експериментални. Иако објавата не шири директно антиваксерска пропаганда, сепак манипулира со половични информации и предизвикува сомнеж во вакцините и процесот на имунизација.

Самите производители на вакцините ви кажуваат (ако ве интересира да се информирате), дека вакцините не ве заштитуваат од зараза ниту пак спречуваат трансмисија. Вакцините се повеќе во улога на медицински третман кој во случај да се заразите од вирусот би ви ги ублажил симптомите! А и тоа е под знак прашалник.

 

Ова е манипулација. Според Светската здравствена организација, вакцинацијата е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на луѓето од штетни болести, пред да дојдат во контакт со нив. Вакцините ја користат природната одбрана на вашето тело – имунолошкиот систем за да ги препознае и да се бори против вирусите и бактериите, а со тоа да создаде отпорност на специфични инфекции. По вакцинацијата, ако телото подоцна е изложено на тие микроби што предизвикуваат конкретна болест, телото е веднаш подготвено да ги уништи, спречувајќи да се развие болест.

Вакцините против ковид-19 создаваат заштита од болеста, преку развивање на имунолошки одговор на вирусот САРС-Ков-2. Развивање на имунитет преку вакцинација значи намален ризик за развој на болеста и нејзините последици. Овој имунитет ви помага да се борите против вирусот доколку се изложите. Вакцинирањето, исто така, ги заштитува луѓето околу вас.

Важно е да се потенцира дека целта на имунизацијата е да спречи тежок облик на болеста и смртност, односно да спаси човечки животи. Податоците, односно проценти кои ги даваат производителите на вакцините за ефикасноста на вакцините, гарантираат заштита од смрт, хоспитализација и тешки симптоми.

Неточно е и тврдењето дека вакцините не спречуваат трансмисија. Иако сè уште траат истражувањата на оваа тема, етаблираниот германски епидемиолошки институт „Роберт Кох” пред десетина дена објави дека луѓето вакцинирани против корона вирусот не се понатамошни преносители на заразата со вирусот.

Тоа значи дека оној што ќе се вакцинира не само што ќе се заштити себе си, туку и тие околу него. Ова е особено важно, бидејќи одреден дел од популацијата, оние кои имаат одредени алергии, како и многу мали бебиња, се советува да не примаат одредени вакцини – така што тие зависат од останатите кои можат да се вакцинираат и да помогнат да се намали ширењето на болести.

Во објавата се тврди и дека вакцините се експериментални. Ова не е вистина. Дел од вакцините сè уште се наоѓаат во експериментална фаза, но за оние кои што се одобрени, како од СЗО, така и од националните регулативи на секоја земја посебно, експерименталната фаза им е завршена и тие целосно се одобрени за користење.

Како што информираат од СЗО, постојат многу строги заштити за да се осигури дека вакцините против ковид-19 се безбедни. Како и сите вакцини, и овие вакцини минуваат низ ригорозен, повеќестепен процес на тестирање, вклучително и големи испитувања (фаза III) во кои учествуваат десетици илјади луѓе. Да, некои од вакцините сè уште се развиваат но тие сè уште не се користат. Оние кои се користат ги имаат завршено сите фази на испитувања и се одобрени за користење. Затоа, не може да се тврди дека вакцините се експериментални.

Вакцините не можат и не смеат да ви бидат замена за имунскиот систем како единствена вистинска одбрана од вируси и патогени.

Ова е тврдење може да биде многу опасно и да предизвика последици. Иако навистина е многу важно имунитетот да е силен, сепак, тоа не е гаранција дека ќе биде од помош во борба со овој вирус. Силен имунитет никако не значи дека нема да се заразите со вирусот, дека нема да развиете болест, ниту, пак, е гаранција дека симптомите ќе бидат полесни или потешки. Секојдневно сме сведоци дека се заболуваат луѓе и со претходни коморбидитети и здравствени нарушувања, но и сосема здрави луѓе кои водат здрав начин на живот и немале никакви претходни болести.

Засега, единствениот начин на кој може да се спречи развивање на тешки симптоми и смртен исход се само вакцини и имунизација на населението.

Бидејќи вакцинацијата не е задолжителна, се прави на доброволна основа, на крајот секој одлучува сам дали ќе се вакцинира или не. Но, одлуката треба да се донесе врз основа на официјални и проверени информации, а по потреба и преку консултација со лекар.

Вакви објави може да предизвикаат некој да се премисли и да не прифати имунизација, а со тоа и да го ризикува не само сопственото здравје, туку и на тие околу него.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција