Манипулација е кога новинарот намерно ги искривува изјавите

Цитатите во вестите се користат за тие да се дополнат и разјаснат, се користат како докази, клучни или дополнителни податоци, секогаш со цел соодветно информирање. Нивното искривување, погрешно толкување или манипулирање со нив не е толку тешко да се забележи колку и да камуфлира новинарот. Таква е веста што ја разгледуваме

 

Веста што се разгледува

Линк до оригиналниот напис: „Села сега излегува против Блерим Река и Самоопределување“  Sela tash del kundër Blerim Rekës dhe Vetëvendosjes

Датум на објавување: 21.1.2020

Датум на рецензија: 26.1.2020

Рецензира: Фатлуме Дервиши

Со „бомбастичен“ наслов и, секако, неочекувана информација, авторот на оваа вест веднаш привлекува внимание. Кој ги следел некои од политичките случувања во земјата, особено од претседателските избори во Македонија наваму, знае дека Алијансата за Албанците и нејзиниот лидер Зијадин Села и Самоопределување и нејзиниот лидер Албин Курти биле во соработка и со јавна поддршка на платформите и политиките едни кон други. Села и неговата партија минатата година застанаа зад Блерим Река во трката за претседател во С. Македонија, а Курти често беше дел од кампањата. После сето тоа, кога ќе го погледнете насловот „Села сега е против Блерим Река и Самоопределување“, се прашувате што се случило. Изјавата на Села е цитирана во целост и таа, всушност, гласи вака:

„…Јас лично го поддржав г. Курти да победи на изборите во името на промената што требаше да се случи таму. Морам да кажам дека не сум поддржувач на идејата г. Река да преземе министерски мандат во Косово. Бидејќи господинот Река заедно со мене, г. Гаши и г. Касами имаат многу што да направат тука. Г. Река отсекогаш имал своја јавна понуда затоа што ја збогатува политичката сцена овде во Македонија и треба да биде дел од политичкиот процес, важен овде во Северна Македонија и, секако, дека треба да биде и на списоците на пратеници“.

Од тоа што го рекол, многу е јасно дека Села не излегол против Река. Неговиот став е дека тој повеќе би сакал Река да биде дел од политиката во земјата, заедно со споменатите тројца лидери. Се разбира, во овој случај, Села ги бранеше своите политички интереси, но не излегол против Блерим Река и Самоопределување.

Техники на манипулација

Авторот се обидел да се повикува на емоциите на читателите со „тенденција да употребува говор заснован на убедување наместо факти, за да предизвика емоции кај соговорникот“, пишува во Прирачникот на Критинк, во делот на техниките за манипулирање во новинарството. Претставувајќи го Села како сега да е против Река и Самоопределување, тој ги поканува читателите да му судат врз основа на емоции, а не на факти.

За читателите

Намерните искривувања на изјавите, информациите и податоците за манипулативни цели се неприфатливи. Тие даваат друга насока кон објективни и реални информации. Ова ги остава читателите да бидат збунети, неинформирани и несигурни во што да веруваат.

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција