Манипулации околу Бугарите и Бугарија
Објавата тврди дека етнонимот Бугари смее да се користи само за оние првобитните, кои биле од азиско потекло, но не и за современите, словенски Бугари, а и дека ни еден дел од словенската историја не може да се нарече бугарски, но Бугарија одиграла клучна улога во таа историја.
Објавата тврди дека етнонимот Бугари смее да се користи само за оние првобитните, кои биле од азиско потекло, но не и за современите, словенски Бугари, а и дека ни еден дел од словенската историја не може да се нарече бугарски, но Бугарија одиграла клучна улога во таа историја. Навистина, тамошните Словени во далечното минато биле под власт на туркиските Бугари, но тие на крај се асимилирале во словенското мнозинство, што личи на владеењето на Франките со Галија (сега Франција)
Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
NE POSTOJAT BUGARI NA BALKANOT . NA BALKANOT NEMA AZIJATSKI NAROD NITU AZIJATSKI JAZIK / BUGARSKI . IMA SLOVENI KOI SE DOMINANTNO NASELENIE I NITU EDEN DEL OD SLOVENSKATA ISTORIJA NE MOZHE DA BIDE POD TERMINOT BUGARI .
Објавата споделува и скриншот од медиумите, на кој е претставен бугарскиот премиер Румен Радев, како и текст, кој го вели следново:
Радев: Кога Северна Македонија ќе ги впише сонародниците на Гоце Делчев во Уставот, ќе може да каже дека гради модерно мултиетничко општество.
Бугарија поставува услови за да ја одблокира евроинтеграцијата на С. Македонија, при што бара и преиспитување на нејзината историја и на македонскиот етнички идентитет, кого Бугарија го негира и го смета за бугарски. Проблемот е во тоа што објавата шири нетрпеливост преку дезинформации, псевдонаука и псевдоисторија, иако тука има и понешто вистина како следново.
Бугарите спаѓаат во словенската етнолингвистичка група, но тој етноним дошол од првобитните Бугари, кои биле несловенска и туркиска етничка група. Заради полесно разликување од современите Бугари, таа група се нарекува Протобугари или Прабугари, а за нивното потекло постојат разни претпоставки: една од нив е дека потекнуваат од Средна Азија.
Но, објавата не е во право за многу нешта и таа дури оди дотаму што тврди дека ниту еден дел од словенската историја не може да се нарече бугарска, што нема врска со фактите.
Според објавата, етнонимот Бугари е резервиран стриктно за таа несловенска и азиска група, која денес ја нема на Балканов, па сходно на тоа, современа Бугарија, која е доминантно словенска, не може да се нарече себеси Бугарија и таа има збрка во својот национален идентитет, т.е. таа е некаква вештачка нација, па нема право да ѝ префрла на С. Македонија за такво нешто.
Етноним наметнат од владетелот
За читателите полесно да сфатат зошто објавата не е во право, ќе го наведеме следниов пример. Франција го добила името бидејќи со нејзината територија владееле Франките, кои биле Германи, но месното население главно се состоело од романизирани (римјанизирани) Гали, т.е. Келти. Французите не спаѓаат во германската етнолингвистичка група, туку романската, а иако имало мешање меѓу Франките и месното население, тие не оставиле толку силен печат во генетиката на Французите, иако останале некои поими во јазикот и сл.
Тука видовме како една малцинска владејачка елита го наметнала својот етноним врз несродно мнозинско население со кое завладеала, а на крај таа дури се асимилирала во него, па така било и со Прабугарите и Јужните Словени, што подетално ќе го објасниме подоцна.
Владејачка класа кај Источните Словени, пак, биле викинзите на војсководецот Рурик, кои себеси се нарекувале народот Рус, па нивната земја, денешна Шведска, соседните Финци ја нарекуваат Ruotsi. Во разни форми (Русичи, Русаки, Русини, Рутени и др.), тоа станал општ назив за сите Источни Словени и нивната држава Киевска Рус, која подоцна се распаднала на териториите: Мала Рус (Украина), Бела Рус (што погрешно го нарекуваме Белорусија), Велика Рус (Русија) и Карпатска Рус (кај што доминираат современите Русини).
Најпосле, Русија посакала да има екслузивно право над називот Рус, но тоа е погрешно и сите Источни Словени имаат право на него, дури иако немаат потекло од народот Рус. Тоа име најпрвин им било туѓинско, но по векови живеење со него тоа станало нивно. Така било и кај Словените во Бугарија.
Како современите Бугари го добиле своето име
Прабугарите мигрирале од Средна Азија кон Запад, при што на одредени места надолго застанувале и формирале држави, мешајќи се со месното население (од иранско и друго потекло). Така, Прабугарите се нашле на Кавказот, кајшто нивни можни наследници сега се Балкарите, а потоа се прошириле на голем дел од азовскиот и црноморскиот брег на денешна Југозападна Русија и Јужна Украина, кајшто во 7 век ја создале државата Стара Велика Бугарија.
Но, Прабугарите не се задржувале трајно на одредена територија, заради номадскиот начин на живот, потребата од пасишта и климатските непогоди, безбројните војни кои тогаш се воделе и сл. Затоа, Прабугарите се поделиле, па едни тргнале кон реката Волга, кајшто ја создале државата Волжска Бугарија, која потоа била освоена од монголо-татарската орда и сега е Татарстан, Русија, а други тргнале кон Дунав, кајшто во 681 г. создале држава, која била основа за денешна Бугарија.
Прабугарите таму биле само владејачка елита над словенско мнозинство, а тука имало и погрчено или романизирано население, кое можеби потекнувало од древните Тракијци или од други делови на Византија, па дошло до мешање, во кое се вклучиле и извесен број на Кумани, Ерменци и др.
Сепак, словенскиот елемент бил доминантен, па Прабугарите и сите останати се претопиле (асимилирале) во него, само што етнонимот Бугари бил зачуван. Азискиот елемент тука бил минимизиран, за што сведочи современиот бугарски јазик, кој си e словенски, a и генетиката на современите Бугари. Процентуално, тие се, пред сè, наследници на Словените, потоа на погрченото или романизираното население во Византија, а дури најпосле на Прабугарите, кои во таа генетска слика се застапени во најмал процент. Но, сепак, нивниот етноним бил зачуван.
Е сега, генетиката е сложена наука и таа постојано се развива, па некои наоди отпаѓаат како застарени, а некои злонамерно се толкуваат за политички цели, што, впрочем, важи и за историската и другите науки. Затоа тука се потребни познавања и претпазливост, но тоа е она што барем засега го имаме како податок.
Бугари на Балканот има и тие имале клучна улога во словенската историја
Објавата сугерира дека етнонимот Бугари е резервиран само за оние првобитните, туркиските, но како што веќе објаснивме, тоа е погрешно, па такво е и тврдењето во објавата дека „не постојат Бугари на Балканот“ и дека „ни еден дел од словенската историја не може да биде бугарски“.
Бугари на Балканот и тоа како има – само во Бугарија околу 5 милиони, но таа владеела и пошироко со полуостровот, вклучително и со Македонија, и имала клучен удел во словенската историја. Првото Бугарско царство имало клучна улога во развојот на словенската култура и писменост, а неговиот кнез Борис Први и царот Симеон Први Велики биле покровители на Св. Климент и Наум Охридски и токму тогаш Охрид станал битен просветен центар.
Ова не е некаква „бугарска пропаганда“, туку ова го има во Енциклопедијата на МАНУ (во делот „Охридски книжевен центар“). Иако МАНУ има спорови со своите колеги од Бугарија, сепак, околу некои нешта тие се согласуваат, па тие нешта се прикажани и во ТВ драмата „Св. Климент Охридски“ од 1986 г. на Телевизија Скопје (сега Македонска телевизија).
Важен просветен центар на средновековна Бугарија била и нејзината престолнина Плиска, а подоцна и онаа новата, Преслав, кај што, според некои мислења, Константин Преславски ја создал кирилицата, именувана во чест на Св. Кирил. Ни ова не е некаква „бугарска пропаганда“, туку и ова го има во Енциклопедијата на МАНУ (во делот „Кирилица“). Што е за право, за создавач на кирилицата некои го сметаат Св. Климент Охридски, но според други тој ја претпочитал глаголицата.
Како и да е, Бугарија била првата држава во која словенскиот јазик и писмо станале официјални, што било прогласено на Црковнонародниот собор во Преслав во 893 г.
На крај го заклучуваме следново. Првичните носители на етнонимот Бугари навистина биле несловенска етничка група, но тоа е само мала доза на вистина во објавата, која главно се состои од дезинформации, заради кои ја оценуваме како генерално невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар