Манипулации околу Груевски, Орбан и нивните наталистички политики
Објава на Фејсбук тврди дека Груевски му помагал на Орбан да ги осмисли неговите наталистички политики, за што нема ни доказ, а ни логика – Орбан нив ги започнал во 2000 г., а Груевски во 2008 г., па поверојатно е дека тој учел од Орбан.
Објава на Фејсбук тврди дека Груевски му помагал на Орбан да ги осмисли неговите наталистички политики, за што нема ни доказ, а ни логика – Орбан нив ги започнал во 2000 г., а Груевски во 2008 г., па поверојатно е дека тој учел од Орбан. Според објавата, Груевски со тоа го помогнал наталитетот на Унгарците, за што тие му се благодарни, па не сакаат да ни го екстрадираат, но таква изјава од официјална Будимпешта нема, а неговиот случај таму допрва ќе се преиспитува
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која започнува со зборовите:
НЕМА ЕКСТРАДИЦИЈА НА НИКОЛА ГРУЕВСКИ.
Ваква изјава од официјална Будимпешта сега нема и ова создава лажен впечаток дека таа сега одбива да ѝ го испорача на С. Македонија нејзиниот експремиер и бегалец од законот Никола Груевски, кој во 2018 г. доби азил во Унгарија, тогаш предводена од нему блискиот Виктор Орбан.
Кога тој беше на власт, Унгарија навистина одби да ни го испорача Груевски, но Орбан неодамна ја загуби изборната битка против Петер Маѓар, кој се залага за таква екстрадиција. Но, тој допрва треба да формира влада и тамошните судови допрва ќе го преиспитуваат случајот на Груевски, а објавата сугерира дека веќе е донесена одлука за неиспорачување, затоа што, наводно:
Граѓаните на Унгарија добро знаат за растот на наталитетот што Груевски му помогна на Орбан да го спроведе во Унгарија.
Објавата фактички тврди дека Груевски му помогнал на Орбан да ги осмисли неговите наталистички политики, со што Груевски придонел за раст на наталитетот на Унгарците, па тие му се благодарни за тоа и не дозволуваат негова екстрадиција. Но, такво нешто нема ни во еден релевантен и кредибилен извор, било на унгарски, било на македонски, било на англиски.
Кога во времето на Орбан унгарските судови одбија да го екстрадираат Груевски, тие не наведоа дека тоа го прават заради некакви заслуги на Груевски за Унгарија. Немаме податок дека тој му бил некаков советник на Орбан, иако имал такви ангажмани во странство. Така, од 2000 до 2003 г. Груевски му бил советник на министерот за финансии на Србија преку проект на УСАИД.
Нема индиции ни дека Груевски барем ги инспирирал тие политики на Орбан и поверојатно е дека Груевски учел од него, а не обратно. Груевски ја започна својата кампања за трето дете во 2008 г., а Орбан – во својот прв премиерски мандат во периодот 1998 – 2002 г., кога го лансирал слоганот:
Три деца, три соби, четири тркала.
Тоа било во февруари 2000 г. и тоа била програма за стимулирање на многудетни семејства со соодветни живеалишта, возила и слични бенефиции, а кога во октомври истата година на Орбан му се родило четвртото дете, тој изјавил:
Слоганот не се менува, па одгледувањето на три деца останува наша патриотска должност.
Таква изјава дал и австралискиот министер за економија Питер Костело, кога во 2004 г. промовирал слична програма, што, исто така, покажува дека Груевски не бил пионер на тој план, од кого, наводно, другите учеле. Таа изјава Костело ја дал за новинари и таа гласи:
Па, знаете, ако можете да имате деца, тоа е добра работа да се направи, па треба да ги имате, ако можете, не сите можат, знаете, едно за вашиот сопруг и едно за вашата сопруга и едно за земјата.
Одете дома и извршете ја вашата патриотска должност вечерва.
Во истата година, Естонија вовела стимулирачки бенефиции за родители (ест. vanemahüvitis), што во 2007 г. го сторила и Русија со т.н. мајчински капитал (рус. материнский капитал), а објавата создава впечаток небаре сето тоа го измислил Груевски, кого го претставува како повлијателен отколку што бил, а тоа го прават и други, па цитираме пример од еден наш медиум:
Противкандидатот на Макрон тргна по стапките на Груевски – 10 илјади евра за секое дете
Всушност, натализмот е стара приказна, па го имало и кај Николае Чаушеску во Романија, Енвер Хоџа во Албанија, Јосиф Сталин во СССР, нацистите во Германија и фашистите во Италија. Тие режими дури им вршеле притисок на граѓаните да имаат деца, што се разбира, во демократските општества сега се прави само со стимулирање.
Во објавата има и нешто вистина – под Орбан биле воведени разни бенефиции за мајките, само што објавата тоа не го наведува баш прецизно, а понекаде дури и претерува, па вели:
Мајки те кои ке родат 2,3 или повеќе деца се ослободуваат од данок.
Добиват возило со 7 седишта, стан, парична надокнада до завршување на осмо одделение и уште други бенефиции.
Системот за родителски бенефиции во Унгарија е сложен, па ќе се обидеме да го објасниме колку што е можно попросто, користејќи ги следниве извори: тука, тука, тука, тука, тука, тука и тука.
Општо ослободување на тие мајки од даноци нема, туку само од данок на личен доход под одредени услови, а данокот на додадена вредност таму е највисок во Европа, дури 27 отсто, што тие мајки го плаќаат на разни производи и услуги, па животот не е толку лесен. За некои видови храна, лекови и други основни потреби има понизок данок, но животот не се сведува само на леб и млеко.
Целосно и доживотно ослободувани од данок на личен доход беа само мајки со четири или повеќе деца, што дури оваа година беше спуштено на три или повеќе деца, но да се одгледуваат толку деца не е лесно и таквите случаи се поретки.
Мајките под 30 години (со едно дете) и оние под 40 години (со две деца) се исто така ослободени од данок на личен доход до крајот на календарската година во која ќе наполнат 30, односно 40 години. Ако ги одгледувале тие деца најмалку 12 години, тие мајки можат да го задржат тој безданочен статус засекогаш (ова 12-годишно правило е малку сложено за објаснување).
Секоја мајка добива месечна помош (унг. családi pótlék), но таа е мала и изнесува (конвертирано и заокружено од унгарски форинти за да биде посфатливо кај нас): 30 евра ако се има едно дете, 35 евра по дете ако се имаат две деца и 40 евра по дете ако се имаат три или повеќе деца. Не успеавме да најдеме податок дека тоа е поврзано со завршувањето на осмо одделение.
Но, настрана од тоа, постојат и посебни видови на помош (унг. CSED, GYED, GYES) за оние мајки, кои мораат да седат дома за да се грижат за децата во првите години од нивниот живот. Таа помош е повисока ако мајката претходно работела, па во првите 6 месеци од пораѓањето таа месечно ќе добива дури 100 отсто од нејзината претходна плата, потоа 70 отсто (со лимит на околу 1150 евра) и најпосле некоја фиксна сума, која не е процент од нејзината претходна плата. Но, помошта е многу пониска ако мајката претходно не работела – само 70 и кусур евра месечно.
Особено се стимулираат мајки, кои решаваат и да работат и да чуваат деца. Системот е јасно дизајниран да ја поддржи вработената средна класа, а не невработените и сиромашните.
Бесплатно возило со седум седишта никој не дава, туку може да се аплицира за субвенција до 50 отсто од цената на такво возило и тоа само за поголеми семејства, но поради буџетски и други проблеми сега тоа не се практикува многу, а и кога тоа било воведено во 2019 г., тоа не следувало по автоматизам. Слично е и за обезбедувањето на стан. Тоа е главно со кредити за домување по принципот: што повеќе деца – толку поповолни услови.
Тука има или имало и други олеснувања, бонуси и сл., но тоа е долга приказна, па да сумираме. Некои реални бенефиции има и тие се позитивни за дел од жителите на Унгарија, но сето тоа не е баш така како што го опишува објавата. И, не значи дека Унгарија заради Орбан станала рај на земјата и дека придонес за тоа дал Груевски, за што ние не најдовме доказ.
Објавата на крај вели:
ВЕЌЕ ПРВАТА ГОДИНА ПО ДОНЕСУВАЊЕТО НА ОВОЈ ЗАКОН СЕ ЗГОЛЕМИЛ БРОЈОТ НА СКЛУЧЕНИ БРАКОВИ ЗА ОКОЛУ 40%
Која година? Кој закон? Зголемување во однос на што? Објавата и тука е непрецизна. Тие мерки на Орбан не биле воведени наеднаш како еден закон, туку тоа бил повеќегодишен процес во текот на кој нешто се додавало, одземало или сл.
Кулминација на тоа се случила во 2019 г. со носењето на Акциониот план за семејна заштита, што придонело за драстичен пораст на бројот на бракови (види: тука, тука и тука), па објавата најверојатно мисли на тоа. Додуша, буквално споменување на „40 отсто“ не најдовме.
Треба да се има предвид и дека Орбан беше озлогласен по авторитарноста, макар и таа да беше од помек тип, па во она што тогаш го објавувале унгарските власти може имало и самофалба и пропаганда.
Во 2018 г., во Унгарија се најде Груевски, па објавата како логички да си поврзува дека придонел за тој Акционен план спроведен во следната година, но, како што повеќепати рековме, за тоа не најдовме доказ. И, таа програма на Орбан била далеку покрупна и посложена отколку онаа на Груевски кај нас.
Земајќи го сето тоа предвид, објавата ја оценуваме како делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар