Манипулации околу Иран и Меѓународниот кривичен суд

Фото: Колаж Канва justflix, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons - Kamran.nef, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Оваа објава укажува дека МКС го гони Нетанјаху, а не и иранските лидери, сугерирајќи со тоа дека тие „никогаш не извршиле злосторства“, но МКС има надлежност само врз своите земји-членки, меѓу кои не е и Иран, па затоа не ги гони неговите лидери, а од тоа правило има исклучоци, но се ретки и бараат посебни напори

Оваа објава укажува дека МКС го гони Нетанјаху, а не и иранските лидери, сугерирајќи со тоа дека тие „никогаш не извршиле злосторства“, но МКС има надлежност само врз своите земји-членки, меѓу кои не е и Иран, па затоа не ги гони неговите лидери, а од тоа правило има исклучоци, но се ретки и бараат посебни напори. Објавата тврди и дека Европејците се присилувани да му веруваат само на Израел и дека не смеат да му веруваат на Иран, но Шпанија ги осуди нападите врз него и многу европски земји ја признаа Палестина, што не е произраелски чекор

 

Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

Колку што знам, ниеден налог за апсење од МКС не е против поранешните или сегашните ирански лидери, но постои еден против израелскиот лидер за воени злосторства!

Објавата е манипулативна и премолчува факти. Меѓународниот кривичен суд (МКС) нема издадено налог за апсење на ирански лидери не затоа што тие никогаш не извршиле злосторства (како што би можел да помисли читателот на објавата), туку заради бирократски и политички пречки.

МКС суди за злосторства, кои се извршени во неговите земји-членки или кои се извршени од страна на лица од тие земји-членки, а Иран не е меѓу нив. Тоа му оневозможува на МКС гонење на иранските лидери, иако тие сносат одговорност за низа злосторства, но за тоа – потоа. Од тоа правило на МКС има ретки исклучоци, кои бараат посебни напори, но и за тоа – потоа.

Услов за една земја да стане членка на МКС е да го потпише и ратификува Римскиот статут, што е устав на тој суд и што Иран го потпишал, но не го ратификувал, па затоа не е член на МКС.

Неспорно е дека и Израел е обвинуван за злосторства, па на 21.11.2024 г. МКС дури издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Исто како и Иран, Израел е потписник на Римскиот статут, но го нема ратификувано, па не е член на МКС, а Нетанјаху се бара за злосторства во Палестина, која е призната од МКС и е негова членка.

Поточно, Нетанјаху се сомничи за злосторства во Појасот Газа, кој исто како и Западниот Брег е еден од регионите на палестинската држава – како што ја гледа МКС. Што е за право, во тие два регионa доминираат ривалски партии, Хамас и Фатах, кои дури вооружено се судираа, но сеедно, МКС тоа го гледа како една држава, која е негова членка и затоа можел да издаде налог за апсење.

Тука сфативме дека МКС има надлежност само врз земјите-членки, но, како што рековме, од тоа има исклучоци, што е дозволено со членот 12.3 на Римскиот статут со т.н. ад-хок декларација. Тоа овозможува една држава, која не е членка на МКС, да прифати негова надлежност, т.е. да го покани МКС да суди за некое злосторство извршено на нејзина територија.

Така, на 17.3.2023 г. МКС издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин за злосторства извршени во текот на неговата агресија врз Украина, иако ниту таа, ниту Русија тогаш не беа членки на МКС. Украина тоа стана во 2025 г., а Русија тоа и натаму не е.

Но, има и држави, кои не сакаат да соработуваат со МКС, па ако во нив се извршени тешки злосторства, Советот за безбедност на ООН може да ги пријави во МКС и тој може ќе ги процесира, но тоа бара уште поголеми напори. Така биле издадени налозите за апсење на суданскиот лидер Омар Ал-Башир (во 2009 и 2010 г.) и неговиот либиски колега Муамер Гадафи (во 2011 г.).

Ним блиските Русија и Кина тоа можеле да го блокираат како постојани членки на Советот за безбедност, што не го сториле, но нивната политика е сега пожестока и поантизападна и тие сега спречуваат такви чекори против ним блиските ирански лидери и тие се заштитени од гонење.

Такви иницијативи спречуваа дури и САД. Порано тие преговараа со Иран за зауздување на неговата нуклеарна програма, која се плашеа дека од мирнодопска ќе прерасне во воена, па му нудеа отстапки, укинување на санкции и сл. и не сакаа да го провоцираат со тужби пред МКС и сл.

Заради такви пречки пропадна иницијативата на група израелски интелектуалци и дипломати, кои од Советот за безбедност бараа да го пријави во МКС иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад за повик на геноцид. Во 2005 г. тој изјави дека Израел треба да биде „збришан од мапата“.

Значи, иранските лидери се спасуваат од МКС благодарение на некои бирократски, политички и дипломатски фактори, а не затоа што биле многу ненасилни и мирољубиви, напротив.

Иран го водат исламисти од 1979 г., а уште на 4 ноември истата година тие ја зазеле амбасадата на САД во Техеран, по што нејзиниот персонал го држеле во заложништво дури 444 денови.

Иран уште оттогаш спонзорира терористи како Хезболах во Либан, а подоцна и Хамас и Палестински исламски џихад во Газа или Ансар Алах (Хутите) во Јемен.

Иран со години повикува на уништување на Израел и тврди дека тој ќе исчезне до 2040 г., па во центарот на Техеран дури поставил часовник, кој тоа го одбројува. А, кога на 7.10.2023 г. Хамас тргна во масакр на израелски цивили, иранското собрание тоа го прослави со овации.

Иран разгорува судир и меѓу муслиманите, така што се меша во разни војни како во Либан, Ирак и Сирија, кај што ги преферира шиитите на штета на сунитите (со одредени исклучоци).

Иран го поддржуваше семејството Асад, кое со децении брутално владееше со Сирија, а иако тоа делуваше попристојно од екстремистите како Исламската држава, тоа, сепак, изврши бројни злосторства врз сириските граѓани.

Иран штетно влијае и врз Либан преку Хезболах. Тој бил формиран со помош на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, што е дел од вооружените сили на Иран. Хезболах во Либан делува дрско како „држава во држава“ и учествувал во тамошната Граѓанска војна (1975 – 1990) и донекаде ја поддржувал и сириската окупација (1976 – 2005). Хезболах го дестабилизира и растура Либан како држава, па тој никако не може да застане на нозе и нормално да се развива.

Иран или неговите сојузници како Хезболах извршиле низа терористички напади, особено во Либан и Израел, но и низ светот, особено против САД.

Иранскиот режим ги тероризира и сопствените граѓани, кои неодамна масовно протестираа. Тој им ги крши човековите права, особено на жените, а озлогласен е и по егзекуциите, цензурата и шеријатските полициски патроли.

Иран ја помага руската агресија врз Украина со дронови Шахед 131 и 136, кои под називите Герањ 1 и 2 лиценцно се произведуваат во Русија. Нејзе Иран ѝ испорача и дронови Мохаџер 6, ракети Фатех 360, како и воени инструктори за тие оружја, но и артилериска и друга муниција.

Ништо мирољубиво Иран не нуди, а некаков слаб исклучок од тоа бил неговиот реформски-настроен претседател Мохамед Катами во периодот 1997 – 2005 г.

Објавата го вели и следново:

Може ли некој да објасни зошто во Европа е задолжително да се верува во израелската пропаганда, а верувањето во иранската пропаганда е кривично дело?

Низ Европа не е задолжително да ѝ се верува на израелската пропаганда и да не ѝ се верува на иранската. За некаков закон, кој тоа го наложува, ние не сме чуле. Европа е континент на кој има разни држави со различни политики, па сите тие не би можеле да имаат такво правило. Во Европа спаѓа и Белорусија и делумно и Русија, кои, всушност, соработуваат со Иран (види: тука, тука и тука).

Она што сме го чуле е дека ЕУ го прогласи Корпусот на Исламската револуционерна гарда за терористичка организација, па оние што ја промовираат би можеле кривично да одговараат. Можеби објавата мисли на тоа, но извитоперено го опишува. Тие мерки на ЕУ се против таа формација од Иран, а не против сè што има врска со таа земја.

Шпанија го поддржа тој чекор на ЕУ, но ги осуди Израел и САД за нападите врз Иран, па како е тоа можно ако „е задолжително да му се верува на Израел и да не му се верува на Иран“?

Во поблиското минато, Шпанија ја призна Палестина, што го сторија и Британија, Ирска, Франција, Португалија, Норвешка, Луксембург, Малта, Монако, Сан Марино и Словенија, па како е тоа можно ако низ Европа е задолжително да му се верува на Израел? Тој е против таквото признавање.

Албанија, пак, го прогласи Иран за држава-спонзор на тероризам, но Албанија не ја претставува цела Европа и е единствена на континентот која презела толку остар чекор против Иран.

Тоа значи поголемо гонење на неговата пропаганда во Албанија и на организациите поврзани со него, кои среде Албанците обично играат на исламската карта. Но, интересно, проиранските гласила во Албанија, за кои веќе сме пишувале, и натаму делуваат. Можеби со потсмирена реторика, но, сепак, делуваат, па како е тоа можно ако „е задолжително да ѝ се верува на израелската пропаганда и да не ѝ се верува на иранската“ – како што тврди објавата?

За тие медиуми да бидат гонети или забранети веројатно треба доказ дека се спонзорирани од Иран или друга силна причина, но не е кривично дело, на пример, ако тие речат дека Израел и САД водат погрешна политика, што и го прават.

Кај нас секојдневно гледаме проирански објави, кои добиваат пристоен број на „лајкови“, што значи дека некој им верува, но, барем засега, не сме чуле некој да бил кривично гонет за тоа.

Во објавата има нешто вистина: МКС издал налог за апсење на Нетанјаху, но не и за иранските лидери, а некои европски земји преземаат мерки против иранската пропаганда, ако таа задира во тероризам, говор на омраза и сл., но многу нешта во објавата се премолчени и тука има и невистини и извитоперувања. Затоа, не ни останува ништо друго освен објавата да ја оцениме како делумно невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција