Манипулации околу „нелегитимноста“ на Зеленски и предлогот на Макрон за преговори во Швајцарија
Проруска објава на Фејсбук го исмева предлогот на Макрон за преговори меѓу Путин и Зеленски во Швајцарија, тврдејќи дека „Зеленски е нелегитимен претседател“, кому „му изминал мандатот“, па Путин не би седнал на преговори со него. Но, според Законот за воена состојба на Украина, мандатот во такви услови се продолжува, па Зеленски е легитимен претседател, а сè друго се дезинформации од Кремљ. Многу посоодветен пример за нелегитимен претседател би бил Путин, под чие четвртвековно авторитарно владеење фер избори нема
Проруска објава на Фејсбук го исмева предлогот на Макрон за преговори меѓу Путин и Зеленски во Швајцарија, тврдејќи дека „Зеленски е нелегитимен претседател“, кому „му изминал мандатот“, па Путин не би седнал на преговори со него. Но, според Законот за воена состојба на Украина, мандатот во такви услови се продолжува, па Зеленски е легитимен претседател, а сè друго се дезинформации од Кремљ. Многу посоодветен пример за нелегитимен претседател би бил Путин, под чие четвртвековно авторитарно владеење фер избори нема
Рецензираме објава од социјалната мрежа Фејсбук, кај што се вели:
ЕВНУХОТ МАКРОН ШТО СЕ ПИКА КАКО ПРЛЕ ПРЕД КОЊ ?
МАКРОН Евнухот предлага, мировниот договор меѓу Русија и Украина, Путин – Зеленски да се одржи во Швајцарија со присуство на САД, Франција и Англија.
АБЕ Евнух.ТАКА ЛИ ТЕ УЧИ БАБА БРИЖИТКА ?
ПУТИН НЕ СЕДНУВА ДА ПРЕГОВАРА СО ЗЕЛЕНИОТ. ЗЕЛЕНИОТ НЕМА МАНДАТ ЗА ПРЕГОВОРИ.ОДАМНА МУ ПОМИНА МАНДАТОТ.
Изнесениот податок за Володимир Зеленски е невистинит. Согласно чл. 11, став 3 од Законот за воена состојба на Украина, мандатот на нејзиниот претседател во такви услови се продолжува, а согласно чл. 19, став 1, избори притоа не се одржуваат, па Зеленски е легитимен претседател.
Тврдењето за „нелегитимноста“ на Зеленски и неговиот „изминат мандат“ е веќе излитена дезинформација пласирана од Кремљ, која Вистиномер повеќепати ја има побивано, но, евидентно, сè уште има такви кои ја шират, па Вистиномер мора и натаму да ја едуцира јавноста за оваа тема.
Посоодветен пример за нелегитимен лидер е Владимир Путин, затоа што под неговото четвртвековно авторитарно владеење фер избори нема, а речиси сите опозиционери се прогонети, убиени или починати в затвор. Заради тоа, во ЕУ имаше идеја повеќе да не се признава легитимноста на Путин, што, сепак, не е сторено, за да не се усложни и онака сложената ситуација околу војната, евентуалните преговори и сл.
Путин е озлогласен по пропагандата и дезинформациите, за што имаме пишувано наголемо, па неговата оценка дека Зеленски е нелегитимен е самата нелегитимна и околу тоа нема дилема.
Објавата сугерира дека Путин е принципиелен по прашањето за нелегитимноста на Зеленски, но тоа не е вистина, затоа што Путин не одговори со јасно и принципиелно „не“ на идејата за средба со Зеленски. Како иницијатор на мировниот процес за Украина, Доналд Трамп најави трилатерална средба меѓу него, Зеленски и Путин, па ако овој последниов е против таа идеја – тоа требало да го каже, но не го кажа.
Путин порано не сакаше да чуе за средба со Зеленски, па објавата има основа да претпостави дека тоа и натаму ќе биде така, но тоа е претпоставка, која се темели врз минати искуства, а не врз актуелни изјави на Путин. Тој неодамна ги прифати преговорите за Украина, а тоа е сепак поинаква ситуација. Е сега, ако тој нешто крие и е неискрен во тоа прифаќање – тоа е друг проблем.
Сергеј Лавров рече дека Русија не отфрла какви било средби, било билатерални, било трилатерални, но вели дека на тоа треба да се работи чекор по чекор, од пониско кон повисоко ниво и дека контактите меѓу врховните раководители мора да се подготват крајно внимателно.
Овие зборови на Лавров некои ги толкуваат како лукаво избегнување на Путин да се сретне со Зеленски, во смисла дека Путин вечно ќе поставува услови за таа средба и ќе ја одложува, под оправдание дека се потребни подготовки или дека не се созреани условите за неа. Тоа можеби навистина ќе биде така, но јасно и недвосмислено отфрлање на таква средба од руска страна, барем засега, нема.
Некои медиуми, пак, пренесоа нешто сосема обратно – Путин предложил средба со Зеленски еден на еден и тоа во Москва, но Зеленски тоа го одбил. Тоа го потврди советникот на Зеленски, Димитро Литвин, но не и самиот Путин, па ова е контроверзно и треба да се земе со резерва.
Објавата му се нафрла и на францускиот претседател Емануел Макрон, кој, според неа, како „прле пред коњ“ предложил Путин и Зеленски да се сретнат во Швајцарија, што, наводно, било неумесно. Всушност, правилно се вели „прле пред магаре“, што означува дека некој нешто сторил брзоплето без да ги консултира поискусните.
Но, тој предлог на Макрон се темели врз фактот дека Путин ги прифати преговорите за Украина, како и врз фактот дека Зеленски е нејзин легитимен лидер, па на Макрон нема што да му се замери.
Објавата го опишува Макрон и како евнух, но немаме доказ дека тој бил кастриран, што е услов да се стане евнух. Можеби објавата неумесно се исмева со тоа дека Макрон нема биолошки деца, но може тоа се должи на личен избор или други причини, а не на тоа што Макрон, наводно, бил евнух.
Можеби објавата го користи поимот евнух фигуративно, во смисла дека Макрон е политички кастриран, но тоа не е така. Макрон е еден од факторите во мировниот процес за Украина и тоа се виде со неговото учество на состанокот во Белата куќа на 18.08.2025 г., заедно со Трамп, Зеленски и повеќе европски лидери. Макрон можеби не е најбитен во тој процес, но не е ни исклучен од него и не се „пика“ кај што не му е местото – како што сугерира објавата.
Што е за право, Макрон едно време важеше за доста попустлив и снисходлив кон Путин, околу што ние сме пишувале, но подоцна се претвори во „борбен сокол“ – како што го опишаа медиумите. Макрон сега е еден од најжестоките критичари на Путин и отфрла правење отстапки кон него.
А, можеби објавата го оценува Макрон како евнух, алудирајќи на тоа дека, наводно, над него доминира неговата постара сопруга Брижит Макрон, за која дури се тврди дека му удирала шлаканици. Но, тоа не е целосно докажано, а Емануел Макрон тврди дека тоа биле само шеги.
Инаку, Брижит е навистина баба, а тој критериум го исполнува затоа што има внуци (кои, патем, се резултат на нејзиниот претходен брак), но ова е единствениот вистинит податок во објавата и тоа не многу битен, па не ја амнестира од нашата оценка дека е генерално невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
