Манипулации околу Зеленски и неодржувањето на избори во Украина
Чл. 19 од Законот за воена состојба на Украина забранува избори среде војна, а Володимир Зеленски нуди и други аргументи за тоа зошто таму нема избори како отсуството на безбедност и пари, но една проруска објава сугерира дека тој е „диктатор“, кој постојано нуди „неубедливи изговори“.
Чл. 19 од Законот за воена состојба на Украина забранува избори среде војна, а Володимир Зеленски нуди и други аргументи за тоа зошто таму нема избори како отсуството на безбедност и пари, но една проруска објава сугерира дека тој е „диктатор“, кој постојано нуди „неубедливи изговори“. Но, тој ги прифати барањата на Линдзи Греам и Доналд Трамп да одржи избори, па побара од собранието да го смени законот, а од западните партнери и парична и безбедносна помош за тие избори, но никој не му ги исполни тие барања, па неточно е дека тој одбивал избори
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
2024: нема пари за избори
2025: премногу е опасно да се одржат избори
2026: нема Украинци за избори
Во објавата е вметнат и скриншот од новинска статија на англиски, чиј наслов вели (во превод):
Зеленски: Како би можеле да се одржат избори со 9 милиони Украинци во странство?
Володимир Зеленски навистина има давано изјави во тој стил, но објавата сугерира дека тој е „диктатор“, кој постојано измислува „неубедливи изговори“ за во Украина да не се одржат избори, што е наратив на руската пропаганда (додуша, во Украина е навистина опасно и земјата навистина нема пари, па нејасно е зошто објавата тоа го третира како „неубедлив изговор“, но тоа е впечатокот која таа го остава). Објавата ја симплифицира и дури карикира таа приказна за изборите и тенденциозно премолчува битни детали од неа.
Прво и најосновно
Чл. 19, став 1 од Законот за воена состојба на Украина забранува одржување избори во таква состојба, а согласно чл. 11, став 3 од истиот закон, мандатот на претседателот во таква состојба се продолжува, па Зеленски сосема легитимно продолжува да ја врши таа функција.
Барањето за избори на Линдзи Греам
Американскиот сенатор Линдзи Греам најпрвин ја поддржуваше Украина, но тој беше од редовите на републиканците на Доналд Трамп, повеќето од кои му се понаклонети на Владимир Путин. Тие се залагаа за прекин на воената помош за Украина, под изговор дека „таа не е демократична“. Затоа, во 2023 г. Греам инсистираше Зеленски да одржи избори, со што тој беше ставен во незгодна ситуација да докажува колку е демократичен и колку не е диктатор.
Но, за тоа тој немаше никаква законска обврска, а во Украина и нема услови за избори. Среде тие масакри, разурнувања и окупација, избори би биле нешто крајно неумесно, неодговорно и неизводливо. Тоа носи и опасност од политички поделби кога е потребно единство, а носи и опасност од тоа на власт да се инфилтрира петта колона. Затоа, не чуди тоа што токму руските политичари најжестоко го критикуваат Зеленски за неодржувањето на избори.
На Украина очајно ѝ треба помошта од Американците, па Зеленски ја прифати идејата на Греам и му предложи на украинското собрание да ги промени законите, со цел избори да се одржат во воена состојба. Но, Зеленски нагласи дека избори чинат 135 милиони американски долари во мирнодопски услови, а во воени дури и повеќе, што е огромна сума која не смее да се крати од буџетот за одбрана.
Затоа, Зеленски побара финансиска и друга помош за нормално одржување на тие избори, вклучително и странски набљудувачи кои би посетувале дури и опасни подрачја низ Украина, но западните партнери не ја дадоа таа помош и тие избори не се реализираа. Значи, Зеленски навистина има изјавено дека за избори се нема пари – како што вели објавата, но мотивот за тоа не му бил диктаторски и тој воопшто не ја одбил таа идеја за избори на Греам.
Некој можеби смета дека Зеленски само глумел кооперативност, т.е. дека тој само вербално прифатил избори и дека набројал невозможни услови за нивно одржување, знаејќи дека Западот ќе нема волја да ги исполни. Но, дури и тоа да била глума, тоа било оправдано, затоа што такви „избори“ среде војна би биле вон здравиот разум. Дури и Зеленски да ги избегнал на таков итар начин, со тоа тој не ги прекршил законите на Украина, туку ги заштитил.
Башка, тој план на Греам наиде на критики среде украинските политичари, па на крај и самиот Греам тоа го напушти. Во украинското собрание тогаш беше потпишан меморандум на сите партии, со кој тие отфрлаат одржување избори среде војна. Со оглед дека партијата на Зеленски таму е најмоќна, сосема е можно тој да влијаел врз тоа, но мора да се нагласи дека тоа го потпишаа дури и неговите ривали.
Украинските политичари не сакаат такви ненормални „избори“ какви што предлагаше Греам, па со ова Украина доби аргумент повеќе тие да не се одржат, во смисла дека, ете, народните избраници не се согласуваат со такви избори, па не го обвинувајте Зеленски за тоа.
Барањето за избори на Трамп
Зеленски имаше таков проблем околу изборите и со Трамп во 2025 г. Под влијание на Кремљ, Трамп ја ширеше тезата дека Зеленски е „диктатор без избори“ и му вршеше притисок да ги одржи, дури иако тоа е вон умот, во што можеби постоела надеж дека Зеленски ќе ги загуби.
Зеленски тогаш повторно прифати избори и повторно му даде предлог на украинското собрание да ги промени законите, а од Западот побара безбедносна и друга помош за нормално одржување на тие избори, но сето тоа повторно не го доби. Значи, повторно, Зеленски не одби избори, а дали тоа била само глума – ние не знаеме и ние судиме само по она што е јавно.
На крај, украинското собрание донесе декларација со која повторно потврди дека не е за избори среде војна. Вообичаено, опозицијата секаде сака избори, но во Украина тоа не се бара. Украинските партии не горат од желба за избори, кои Зеленски, демек, ги спречува, туку сите тие сега заедно работат на многу посериозни задачи. Во прашање е опстанокот на Украина како држава и нација.
9 милиони украински државјани во странство
Објавата како да сугерира и дека Зеленски е „виновен за војната во Украина“ и дека со неговото избегнување на избори тој не дозволува некој помирољубив да дојде на негово место. Можеби токму затоа објавата иронизира дека на Зеленски на крај „му снемало Украинци“, т.е. дека тие му побегнале од земјата. Но, тука мораме да го објасниме следново.
Зеленски неодамна даде интервју за медиумот Си-би-ес, во кое на прашање дали е за избори одговори позитивно, но повтори дека има законски и други пречки за нивно одржување.
Според Зеленски, изборите би можеле да се одржат само ако биде прогласено некое подолго примирје, но тука секако би имало разни проблеми како што е гласањето на оние граѓани, кои живеат на окупираните територии, како и на оние, кои живеат во странство.
Тука ќе се сконцентрираме на второнаведените и тоа се тие 9 милиони украински државјани за кои се говори на скриншотот вметнат во објавата. Прва помисла на читателите е веројатно дека тоа се бегалци, но тоа не е така. Тоа е вкупниот број на украински државјани кои живеат во странство од разни причини (некои се бегалци, но некои заминале заради работа, студии, брак со странец итн.), па не може да се рече дека 9 милиони луѓе побегнале од Украина заради Зеленски – како што може да се помисли од објавата.
Зеленски стапи на власт во 2019 г., но масовно бегство од него не беше забележано. Тоа беше забележано откако Русија изврши сеопфатна агресија врз Украина на 24.2.2022 г. Тие луѓе најмногу бегаат од рускиот агресор, но некои заминале за подобра заработувачка или други причини, што може го сториле поодамна, во мирнодопски услови, кога Зеленски не бил на власт.
Како што Зеленски рече во споменатото интервју, тие 9 милиони украински државјани имаат право да го реализираат своето право на глас, а во овие бурни времиња интересот за тоа е драстично зголемен отколку порано кога само околу 500 000 украински државјани во странство излегувале на избори, па се поставува прашањето како тие 9 милиони луѓе ќе гласаат, има ли услови за тоа, кој сето тоа ќе го процесира итн. Таа загриженост на Зеленски е потполно легитимна, но објавата тоа го смета за најнов „неубедлив изговор“ на Зеленски за да не се одржат избори – како што смета и руската пропаганда.
Заклучок
Во објавата има изјави кои Зеленски навистина ги дал (додуша парафразирани), но таа ја симплифицира или карикира таа приказна за изборите и премолчува битни детали од неа, заради што јавноста не добива целосна слика за проблемот, па затоа оценуваме дека објавата страда од недоречености, односно од недостаток на контекст.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар