Манипулации околу Зеленски и Украина, нејзината демографија и историја

Фото: president.gov.ua

Објава на Фејсбук тврди дека во деловите од Украина, врз кои претендира Русија, мнозинското население е руско или проруско, што не соодветствува со пописите, ни со воено-политичката состојба на теренот, а манипулира и со историјата и го опишува Зеленски како „марионета“ на Западот. Но, марионета беше прорускиот претседател на Украина, Јанукович, кој е дури правосилно осуден за велепредавство, а Зеленски го прави она за што дал заклетва – ја брани Украина и нејзините интереси. И, тој не е сервилен, што се виде со неговите препирки со Трамп

Објава тврди дека во деловите од Украина, врз кои претендира Русија, мнозинското население е руско или проруско, што не соодветствува со пописите, ни со воено-политичката состојба на теренот, а манипулира и со историјата и го опишува Зеленски како „марионета“ на Западот. Но, марионета беше прорускиот претседател на Украина, Јанукович, кој е дури правосилно осуден за велепредавство, а Зеленски го прави она за што дал заклетва – ја брани Украина и нејзините интереси. И, тој не е сервилен, што се виде со неговите препирки со Трамп

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук, меѓу другото, вели:

Целиот југ на Украина се руско-јазични граѓани и претежно се чувствуваат за Руси {или про-руски}

Според последниот попис од 2001 г., мнозинското население на југот и истокот на Украина, врз кои претендира Русија, се чувствува како украинско, а не руско. Да ги погледнеме областите, кои Русија илегално ги анектираше: Донечка (38,2 отсто Руси), Луганска (39), Запорошка (24,7) и Херсонска (14,1). Не ни е познато Русија да го спорела пописов, а односите со Украина во 2001 г. ѝ биле добри.

Русите, според пописот, се мнозинство само на Крим и тоа не огромно, 58,3 отсто, но тоа било постигнато со доселувања од Русија откако таа го зазела Крим во 1783 г. и со прогонување на Кримските Татари, кои некогаш биле мнозинство на полуостровот.

За тоа дека етничките Руси воопшто не биле мнозинство на југот и истокот на денешна Украина сведочи и пописот спроведен под власта на Руската Империја во 1897 г.

Неосновано е и тоа дека населението на југот и истокот на Украина е проруски настроено, а „референдумите“ за приклучување кон Русија, одржани под нишан на рускиот окупатор, беа немеродавни и беа отфрлени со резолуциите на ООН 68/262 и ES-11/4.

Навистина, добар дел од Украина говори на руски, но тој бил наметнат под Руската Империја, која го гонела украинскиот јазик со забрани како Валуевскиот циркулар (1863) и Емскиот указ (1876). Иако СССР го признал украинскиот јазик, него перфидно го потиснувал, па затоа сега има рускојазични Украинци, но повеќето од нив не се и проруски. Дури ни сите етнички Руси во Украина не ја поддржуваат Русија.

За тоа сведочи фактот дека т.н. ДНР и ЛНР не успеаја да ја опфатат во целост рускојазичната Донечка и Луганска Област, иако претендираа на тоа, а на ДНР и Русија им требаа 8 години за да го покорат Мариупол, рускојазичен град со 44,4 отсто Руси. И Харков е таков и има 34,2 отсто Руси, но Русија не успеа да го заземе, а таа го зазеде рускојазичниот Херсон, но го загуби. Проруската Одеска дружина, пак, заврши лошо во познатиот палеж на 2.5.2014 г. Русија таму нема поддршка.

Дури и експретседателот на Украина, Петро Порошенко  и неговиот актуелен колега Володимир Зеленски се рускојазични, но не и проруски, а за овој вториов објавата вели:

Како сега марионетката кукла по име Зеленски, да продолжи да танцува на светската гео-политичка сцена, а без притоа главниот досегашен негов управувач Америка, да сака да продолжи да управува со него преку конците?

Објавата не нуди доказ дека Зеленски е марионета, а подобар пример за тоа беше украинскиот претседател Виктор Јанукович. Тој водеше политика во полза на Русија и дури побегна кај неа, а таа изврши агресија врз неговата земја, па тој дури е правосилно осуден за велепредавство. Зеленски, пак, го прави она за што се заколнал – ја брани државата и нејзините интереси.

Зеленски ја одби првата и понеповолна варијанта на договорот со САД за експлоатација на украинските ресурси, а на 28.2.2025 г. тој дебатираше со лидерот на таа суперсила, Доналд Трамп, бранејќи ги интересите на Украина, што не би му личело на еден слуга или подлизурко. Сепак, објавата го опишува Зеленски како „марионета на САД и Англо-Саксонците“, кои:

Најпрво го навлекоа на оваа војна, па потоа и 3 години ја менаџираa

Тоа е неточно. Проблемот го почна Русија со инвазијата врз Крим во февруари 2014 г. и со испраќање агенти како Игор Гиркин-Стрелков во Донбас, по што во април никнаа т.н. ДНР и ЛНР. Украина се воздржуваше од насилство, што се смени дури на 12.4.2014 г. кога Стрелков со својот одред го нападна гр. Славјанск и така почна Донбаската војна.

Зеленски тогаш не беше претседател, па немаше удел во тоа, а освен млаки санкции за Русија, Западот не презеде многу. Барак Обама ѝ праќаше на Украина само нелетална воена опрема, а од 2018 г. Трамп веќе праќаше и оружје, но не баш толку моќно.

По сеопфатната руска инвазија, Западот веќе праќаше помоќно оружје, ама со многу колебање. Украина победи во клучните битки за Киев и Харков (февруари – мај 2022 г.) без тоа оружје, кое дојде подоцна: ХИМАРС (јуни 2022 г.), НАСАМС (ное. 2022 г.), Патриот (апр. 2023 г.), АТАКМС (окт. 2023 г.), Абрамс (сеп. 2023 г.) и Ф-16 (авг. 2024 г.).

И, Украинците не смееја со тоа оружје да ја гаѓаат Русија, што САД го дозволија дури на 17.11.2024 г.

 

Кога тенденциозно се премолчуваат фактите

Мит е тоа дека Западот ја почнал војната и дека ја водел преку Зеленски, а објавата понатаму вели:

Русија Е БЕСНА заради сèто тоа што мораше да го направи во обидот да ја задржи Украина да не се зачлени во НАТО (и со тоа се претвори во АНТИ-РУСИЈА). Но и во обидот да ги заштити правата на Русите и руско-јазичното население

Русија ја тероризирала Украина дури и кога НАТО-пактот не постоел, па проблемот не е во него. Под јаремот на Руската Империја биле и: Белорусија, Закавказје, Средна Азија, Балтикот, Финска, дел од Молдавија и Полска, па дури и Алјаска. Русија и сега се состои од освоени земји: Чеченија, Татарстан, Башкортостан, Удмуртија, Бурјатија, Јакутија итн.

И, нема што Русија да решава дали Украина ќе влезе во НАТО. Таа е независна држава, а не руска губернија. И, мит е дека НАТО сакал да се шири во Украина, за што во пактот нема консензус. Уште во 2008 г. против тоа се изјасниле Франција и Германија.

А, ако Украина влегла во НАТО, тоа не ќе била закана за Русија. НАТО е на руските граници од 1949 г. преку Норвешка, а во пактот подоцна влегле: Полска (1999), Балтикот (2004) и Финска (2023), па ако НАТО сакал да ја напаѓа Русија, тој тоа можел да го стори и без Украина. Но, НАТО не сака да ја напаѓа Русија, туку Русија ја напаѓа Украина и затоа не сака Украина да биде заштитена во НАТО.

Слободната употреба на рускиот јазик е гарантирана со чл. 10 од уставот на Украина, па нејасно е за какви права се жали објавата. Она што некои го доживеаа како дискриминација е тоа што на 23.2.2014 г. украинското собрание изгласа укинување на еден закон од времето на Јанукович, со кој рускиот јазик беше препривилегиран во некои региони. Но, в.д. претседателот Олександар Турчинов одби да го потпише тоа укинување на законот, за тоа да не се сфати дискриминаторски и побара да се предложи подобар. Законот тогаш не беше укинат, но настаните на Крим и Донбас сеедно се случија.

Рускиот јазик во Украина беше пренаметлив (преку училишта во кои сите предмети се предаваа на руски, преку медиумите или сл.), а тука беше и агресивноста на Русија, па беа преземени оправдани мерки украинскиот јазик да доминира во Украина, што е логично.

Објавата потоа се враќа низ историјата дури до 9 век, сакајќи така да ја оправда руската агресија врз Украина, но настаните од пред еден милениум се ирелевантни за меѓународното право и никако не ја оправдуваат агресијата и воените злосторства.

И, историјата не е егзактна наука и нормално е за некои настани да има разни гледишта, но објавата ги изложува само оние на Кремљ, кој е озлогласен по пропагандата.

Објавата ја изедначува средновековната држава Киевска Рус (рус. Киевская Русь) со Русија (Россия), но Русија нема ексклузивно право над таа историја, кое го имаат сите Источни Словени. Него го имаат и Белорусија (Беларусь) и Русините, а особено Украинците, кои исто биле нарекувани така или Русичи, Рутени и сл. Кај нив процутела Киевска Рус во 10-11 век, кога Москва не ни постоела.

Затоа Украина била нарекувана и со византискиот егзоним Мала Рус, што е една од повеќето територии, кои некогаш ѝ припаѓале на споменатата средновековна држава. А, Рус прво бил назив за шведските викинзи на војсководецот Рурик, кои биле основачи на таа држава и нејзина владејачка класа, па не може Русија да има монопол над тоа.

Меѓу Киевска Рус и Русија има некаква врска, но не директна. Под налетот на Монголо-татарската орда, Киевска Рус се распаднала околу 1240 г., а денешна Русија се темели врз Московското кнежевство (Московија), родено во 1263 г., кое ѝ било вазал на ордата.

Тоа се осамостоило и прераснало во царство во 15-16 век и подоцна се нарекло Русија, што е византиски назив за древната Рус, што создава погрешен впечаток дека денешна Русија има ексклузивно право над таа историја. Како аналогија ќе наведеме дека врска со Старите Словени имаат и Словачка и Словенија и Славонија, а не само една од нив.

Објавата тврди и дека Украина како република се појавила при формирањето на СССР. Но, претходно, во периодот 1918 – 1922 г. опстојувала Украинската Народна Република, која била призната од повеќе странски држави. Таа била нападната од Советска Русија и била насилно заменета со Советска Украина, која потоа била внесена во СССР.

Објавата укажува дека благодарение на СССР, Украина се проширила (на штета на Полска, Романија и Чехословачка), но се премолчува фактот дека далеку пред тоа, тамошните Украинци самите се бореле за осамостојување, при што ја создале: Западноукраинската Народна Република, Хуцулската Република и Република Команча (1918 – 1919), а и Карпатска Украина (1939).

Со ретки исклучоци, објавата е манипулативна и таа изнесува невистини или тенденциозно премолчува факти, поради што општата оценка е дека таа е невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција