Манипулации со изјава на Трамп и прикажување на агресивни режими како „недолжни жртви“
Објава ја критикува изјавата на Трамп дека Русија, Кина и Северна Кореја ковале завера против САД, но наместо да аргументира зошто Трамп не е во право, таа реди некакви гревови кои западните земји ги сториле низ светот (во Авганистан, Ирак и сл.), но тоа не е начин да се докаже дека изјавата на Трамп е неоснована.
Објава ја критикува изјавата на Трамп дека Русија, Кина и Северна Кореја ковале завера против САД, но наместо да аргументира зошто Трамп не е во право, таа реди некакви гревови кои западните земји ги сториле низ светот (во Авганистан, Ирак и сл.), но тоа не е начин да се докаже дека изјавата на Трамп е неоснована. Згора на тоа, Авганистан бил под власт на Талибанците, а Ирак – под Садам Хусеин, па тие агресивни режими не биле баш „недолжни жртви“ на „трулиот Запад“ како што тоа го прикажува објавата. Таа го обвинува него и за лош однос кон Палестина, но повеќе западни земји ја признаа или се на пат кон тоа, па не постои некаков „колективен Запад“, кајшто сите членки размислуваат исто
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Трамп: Русија, Кина и С.Кореја (наводно) ковале завера против САД?!
А каков “алтруизам” спроведуваат Западните против нив, Македонија, Палестина, Ирак, Иран, Авганистан…?!
Ова е проруска пропагандистичка објава, а некои од земјите наведени во неа воопшто не биле „недолжни жртви на западниот империјализам“ – како што таа сака да ги прикаже.
И, интересно, објавата нималку не крева глас против инвазијата врз Авганистан од страна на СССР (чиј дел била и Русија) во 1979 г. и војната која тој таму ја водел дури до 1989 г., туку се концентрира само на она што го правел Западот.
Навистина, САД и повеќето нивни сојузници извршиле инвазија врз Авганистан во 2001 г., но причината била во тоа што тој бил под власта на исламистичкото движење на Талибанците и засолниште за терористичката организација Ал-Каеда и нејзините лидери Осама Бин Ладен и Ајман Ал-Завахири, кои вршеле напади против САД.
Тука се издвојува нападот врз кулите-близначки во Њујорк на 11.09.2001 г., но тука е и нападот врз амбасадите на САД во Африка на 7.8.1998 г. и врз американски борбен брод во пристаништето во Аден, Јемен, на 12.10.2000 г. Во август 1998 г. во Авганистан биле убиени дипломати и новинари од Иран, што за малку не го довело до војна и со таа земја.
Талибанците ги тероризирале и самите Авганистанци. Секој неподобен можел да биде убиен, што особено важело за етничките Хазари, кои во верска смисла се шиити. Сите оние, кои не се Паштуни во етничка и сунити во верска смисла како Талибанците, биле дискриминирани или убивани. Против Талибанците се бореле и самите Авганистанци во движењето Северна алијанса.
Талибанците особено ги угнетувале жените, кои насила носеле бурки, не смееле да се образуваат и биле јавно каменувани до смрт за најситни „гревови“. Авторот на објавата е жена, но за ова не покажува интерес, па го жали талибанскиот режим, кого САД и нивните сојузници го собориле.
Сепак, тој нов Авганистан не успеал да го спречи враќањето на Талибанците на власт во 2021 г. САД и нивните сојузници тогаш се повлекле, а авторката на објавата како да ликувала над тоа, за што сведочат нејзините тогашни објави: тука, тука, тука и тука.
Нешто посекуларно настроен, но не и помирољубив бил ирачкиот диктатор Садам Хусеин, кого САД и некои нивни сојузници воено го собориле во 2003 г. Како што веќе сме пишувале, во 1980 г. Хусеин почнал војна против Иран со цел да го заземе регионот Хузестан, која траела дури до 1988 г. Веќе во 1990 г. го нападнал и Кувајт и го анектирал, со што предизвикал воена интервенција на САД и нивните сојузници (Заливската војна), при што користел странски цивили како жив штит.
Во таа војна го зазел саудискиот град Хафџи и го ракетирал Израел, кому му се заканил со хемиско оружје, а него го применил во операцијата Анфал во 1988 г. во геноцид врз Курдите во Ирак.
Но, ни Иран не е поарен. По Исламската револуција во 1979 г., таму бил воспоставен бруталниот режим на ајатолахот Рухола Хомеини, кој САД ги нарекувал „Големата Сатана“ и чија парола била „Смрт за Америка“. Иран има спонзорирано терористички организации како Хезболах во Либан, Хамас и Исламски џихад во појасот Газа, Хутите во Јемен и шиитските паравојски во Ирак и Сирија, кајшто и самиот учествувал во војната, а и неколкупати лансираше ракети против Израел.
Објавата сугерира и дека Западот лошо се однесува кон Палестина, но Британија, Франција, Белгија, Канада и Австралија изразија готовност да ја признаат, што не така одамна го сторија Норвешка, Шпанија, Словенија и Ирска. Тоа се членки на ЕУ и/или НАТО, што ни кажува дека нема некаков „колективен Запад“, во кој сите размислуваат исто, иако објавата создава таков впечаток.
За тоа сведочи и фактот дека не сите западни земји ја поддржаа инвазијата врз Ирак во 2003 г. На тоа се спротивставија Франција, Белгија, Германија и други земји.
Објавата се осврнува на следнава изјава на Доналд Трамп, дадена во врска со воената парада која се одржа во Пекинг на 3.9.2025 г., на која говореше кинескиот лидер Си Џинпинг и на која гостуваше неговиот рускиот колега Владимир Путин и севернокорејскиот Ким Џонг Ун:
Претседателот Си и прекрасниот народ на Кина нека имаат голем и траен празничен ден. Ве молам пренесете ги моите најтопли поздрави на Владимир Путин и Ким Џонг Ун, додека ковате завера против Соединетите Американски Држави.
Објавата го критикува Трамп за тврдењето дека Русија, Кина и С. Кореја ковале завера против САД, но наместо да аргументира зошто Трамп не е во право , објавата преоѓа во т.н. whataboutism (техника или практика на одговарање на обвинение или тешко прашање со изнесување контраобвинение или покренување различно прашање) и како да вели: „What about Afghanistan? What about Iraq?“.
Тоа што Западот има гревови во меѓународната политика никако не докажува дека Русија, Кина и С. Кореја немаат свои и дека немаат лоши намери кон САД, дека се мирољубиви и дека изјавата на Трамп е неоснована. Ова не е начинот да се докаже дека е неоснована, бидејќи тоа се прави со аргументи.
Тука би потсетиле и дека Русија (т.е. СССР), Кина и Северна Кореја биле сојузници во Корејската војна (1950-53), која почнала со севернокорејската агресија врз Јужна Кореја, на која со одобрение на ОН на помош ѝ дошле САД и други западни земји, што на целава работа ѝ дава и историска основа.
Русија и С. Кореја сега заедно војуваат против Украина и имаат упатувано нуклеарни закани кон САД (тука, тука, тука и тука), а иако Кина не е толку остра, и таа знае да се закани и да демонстрира сила, како што беше и на парадата, па недовербата на Трамп кон тие земји е сепак основана.
Помошникот на Путин, Јуриј Ушаков, демантира дека тука се ковале завери, но додава и дека изјавата на Трамп можеби била иронична, што, познавајќи го неговиот необичен стил не е за исклучување и што создава дилема дали таа изјава воопшто треба да се земе сериозно.
А, можеби објавата сака да го порача следново: дури и Русија, Кина и С. Кореја навистина да коваат завери против САД, Трамп нема право да се жали на тоа и да очекува подобар однос од нив, со оглед на злото кое Западот им го нанел на разни земји низ светот. Но, некои од тие земји воопшто не биле недолжни жртви и „цвеќиња за мирисање“, што веќе го објаснивме.
Свесни сме и дека многумина кај нас се револтирани од бавната евроатлантска интеграција, промената на уставното име, чувството дека Западот ги преферира нашите соседи наспроти нас и сл. и нормално е нашите граѓани да изразуваат свое мислење за сето тоа, но што бараме ние како земја во ист список со Авганистан и Ирак во оваа објава – навистина е нејасно и несоодветно.
Сепак, во објавата има и понекои неоспорни факти. Трамп дал таква изјава каква што му припишува објавата, а западните земји преземале интервенции како оние во Авганистан, Ирак и сл., па генерална оценка би била дека објавата е делумно невистинита.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар