Манипулации со проповеди на Св. Кирил Ерусалимски и Св. Ефрем Сирин

Налепница со порака против антисемитизмот, Лондо 2024 Фото: Doyle of London, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Оваа фејсбук-објава на светци од 4 век им припишува изјави за „џамии“, „бомбардирања“ и други нешта, кои тогаш не постоеле. Нашиот Устав секому му гарантира право да верува во што сака, но не и да манипулира, а објавата како да ги хушка христијаните и муслиманите против Евреите и јудаизмот, можеби заради актуелниот конфликт на Блискиот Исток

Оваа фејсбук-објава на светци од 4 век им припишува изјави за „џамии“, „бомбардирања“ и други нешта, кои тогаш не постоеле. Нашиот Устав секому му гарантира право да верува во што сака, но не и да манипулира, а објавата како да ги хушка христијаните и муслиманите против Евреите и јудаизмот, можеби заради актуелниот конфликт на Блискиот Исток

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која започнува со реченицата:

Словото на Свети Кирил Ерусалимски:

Реченицата завршува со две точки, па по нив треба да следи најавеното слово на Св. Кирил Ерусалимски (315 – 386), но многу од она што следи по нив тој не го рекол и не ни можел да го рече, што објавата ја прави неточна и манипулативна. Низ неа се среќаваат поими, кои не постоеле во негово време (анахронизми), а тоа е измешано со нешта, кои тој реално ги проповедал.

На крајот на објава е наведен Св. Ефрем Сирин (306 – 373), што создава лажен впечаток дека тој е автор на текстот. Меѓутоа, ние не најдовме податок дека тој пишувал за ликот и делото на Св. Кирил, а со оглед дека Св. Ефрем му бил современик, ни тој не можел да ги користи тие анахрони поими. Сето ова е збунувачко, а за да расчистиме што е што, да ја анализираме објавата со ред.

Што во објавата е невистинито

Најпрвин да се сконцентрираме на потцртаните делови во следниов цитат од објавата:

Ако ја видите џамијата Омар како се бомбардира, Антихристот доаѓа… Ако го видите Третиот храм Соломон како се гради, Антихристот е дојден. Затоа, целта на Евреите кои го распнаа Христос, е доаѓањето на нивниот „Месија“… што овие ционисти работат да ја постигнат, преку војна, е да ја уништат џамијата Омар и да го обноват Третиот храм. Ова е „Мерзоста  на запустението“: Моментот кога Антихристот ќе влезе во храмот во Ерусалим и ќе се прогласи за Бог, се смета за „мерзоста на запустението“ проречена од Даниел и спомената од Исус Христос. Затоа, за Евреите, овој храм мора повторно да постои. „Кога ќе ја видите мерзоста на запустението, за која зборува пророкот Даниел, како стои на свето место, (читателот нека разбере;) тогаш оние што се во Јудеја нека бегаат во планините.“ – Исус Христос, Евангелие по Матеј – Мат. 24:15, 16.

Прво, џамии во времето на Св. Кирил и Св. Ефрем немало, а исламот се појавил дури во 7 век.

Второ, џамијата во Ерусалим, именувана по калифот Омар Ибн Ел-Хатаб (584 – 644), била подигната дури откако Арапите-муслимани го зазеле градот во 637 г.

Трето, џамијата на Омар не е онаа, која е изградена на местото на ерусалимскиот Соломонов храм, кој е особено нагласен во објавата. Тој се наоѓал на Храмовата гора, кај што сега се наоѓа џамијата Ал-Акса.и светилиштето Купола на карпата (кое е претставено на сликата во објавата), па тука дошло до забуна со џамијата на Омар, што е честа појава.

Четврто, во 4 век немало никакви бомбардирања. Бомбите ги изумиле Кинезите дури околу 11 век (види: тука и тука), а тоа биле ѓулиња со барут, што низ Евроазија го рашириле монголските и арапските освојувачи или европските истражувачи и патеписци. Така, во 14 век се појавиле т.н. бомбарди (топови), а за разурнувања на далечина пред тоа имало катапулти, кои можеле да исфрлаат и запалива смола, петролеј и сл., но тоа не се викало бомбардирање.

И, петто, во 4 век немало никакви ционисти. Нивен водач бил Теодор Херцл (1860 – 1904), кој се залагал за држава Израел, која би се создала со селидба на Евреите од сите страни на светот на таа територија. Ционистите тоа го сметале за враќање на Евреите во нивната прататковина, од која биле изгонети под римското владеење, кога таа била преименувана во Палестина.

Арапите, кои се главно муслимани и нешто христијани, станале доминантни во Палестина, па во ционистите гледале колонизатори, кои никогаш лично не живееле во неа и кои немале право да се враќаат во неа. Тој конфликт уште трае, а верската омраза игра битна улога во него.

Што во објавата е вистинито

Во објавата има и вистинити факти, но таа нив ги злоупотребува за кај нашата јавност, која е главно од христијанска вероисповест, да посее јудеофобија. Така, објавата го нагласува фактот дека Св. Кирил и Св. Ефрем проповедале против Евреите и нивната религија јудаизмот.

Црквата ги осудувала Евреите, затоа што не го признале Исус Христос како Богочовек и затоа што наводно придонеле за неговото распнување, па ги сметала за христоубијци или богоубијци. Тоа е верска омраза, која, за жал, реално постоела во некои далечни и не баш толерантни времиња, а која доста цркви веќе ја имаат напуштено, но објавата сака повторно да ја разбуди.

На Храмовата Гора во Ерусалим некогаш постоел еврејскиот Соломонов храм, а по неговото уништување имало и Втор храм, кој подоцна исто така пострадал, а Св. Кирил и Св. Ефрем остро ги осудиле најавите за изградба на Трет храм, што објавата посебно го нагласува.

Римскиот император Јулијан (331 – 363) им дал на Евреите дозвола за таа изградба, само објавата греши дека тоа било околу 380 г., затоа што Јулијан тогаш веќе не бил меѓу живите.

Изградбата била неуспешна, што науката го толкува со земјотресот од 363 г. и пожарите од гасот метан, кој тогаш избил од под земјата, но Св. Кирил тоа го толкувал како Божја казна, со што се согласува и објавата. Но, без оглед на разните толкувања, факт е дека изградбата била неуспешна.

Според објавата, само Бог решава кога ќе ја дозволи изградбата на тој храм, што соодветствува на учењата и во јудаизмот и во христијанството. Само, според јудаизмот, изградбата ќе се случи кога ќе дојде Месијата, кого христијаните, всушност, го сметаат за Антихристот, а што објавата исто така го нагласува за да ги нападне Евреите како негативци.

Теоријата на заговор за уривањето на џамијата заради Третиот храм

Објавата незалудно тврди дека Евреите планираат да „бомбардираат џамии“, со што сака да ги нахушка и муслиманите, а централна улога во тоа има Храмовата гора во Ерусалим.

Заради својата историја, таа е најсвето место во јудаизмот, но во 7 – 8 век таму била подигната џамијата Ал-Акса и светилиштето Купола на карпата, со што тоа станало трето најсвето место за муслиманите. Многумина од нив стравуваат дека Евреите ќе им го уништат тоа место за таму да го подигнат Третиот храм, што е теорија на заговор која никако да се обвистини, иако таа се шири буквално цел век – како што аргументираат Евреите.

Според објавата, Евреите сакаат да го „забрзаат процесот“ за подигањето на Третиот храм без да го дочекаат божјото одобрување за тоа, па спремаат војна во која ќе ја „бомбардираат џамијата“. Објавата дури тврди дека тие веќе имаат спремено градежен материјал за Третиот храм.

На Израел може да му се замери за многу гревови и недостатоци, но тој ниту ги урива тие исламски светилишта, ниту има доказ дека тоа ќе го стори.

Нив дури ги менаџира муслиманска земја – Јордан. Тој ги држел до војната со Израел во 1967 г., по што двете земји се договориле како тоа да се менаџира. Уништување на тие светилишта би значело војна со Јордан, кој е нивен покровител, но и со сиот Исламски свет, па Израел не ги чепка тие светилишта и им дава автономија, а во нив смеат да се молат само муслимани. Меѓу нив и Израел има тензии и конфликти, но далеку од тоа дека тој ги бомбардира тие светилишта.

Трет храм не најавува ни Врховниот рабинат на Израел (верско тело од сферата на јудаизмот), кој верува дека храмот ќе биде изграден кога ќе дојде Месијата, па не предлага „бомбардирање на џамијата“. Рабинатот дури им забранува на верниците да ја посетуваат Храмовата гора, што од верски, што од политички причини, за да не дојде до конфликт со муслиманите.

За „забрзување на процесот“ со Третиот храм се залагаат само поекстремни следбеници на јудаизмот, кој како и други религии има разни гранки. Тие екстремисти се гласни, но, сепак, се малцинство, па тешко дека ќе ја „бомбардираат џамијата“ и дека ќе почнат со дивоградба, особено не на едно толку осетливо и важно место за целата светска цивилизација.

Заклучок

Објавата зела некои реални проповеди, кои си ги интерпретирала по свое како тие да се однесуваат на денешните проблеми на Блискиот Исток, па така кај светци од 4 век се појавило „бомбардирање на џамии“. Тоа е слично на самоволното интерпретирање на загадочни цитати од Нострадамус или Баба Ванѓа, што е доста честа појава.

Но, со оглед дека тука се измешани невистинити и вистинити тврдења, нам не ни останува ништо друго освен објавата да ја оцениме како делумно невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција