Манипулации за односите меѓу Европејците и Русија и нејзината географија
Објава ги советува Европејците да не ја отфрлаат Русија (но таа ги отфрла) и тврди дека Русија е важна за европската безбедност (иако е главна закана за неа) и дека е најголема европска земја (иако 77 отсто од Русија е во Азија, па тоа е евроазиска земја).
Објава ги советува Европејците да не ја отфрлаат Русија (но таа ги отфрла) и тврди дека Русија е важна за европската безбедност (иако е главна закана за неа) и дека е најголема европска земја (иако 77 отсто од Русија е во Азија, па тоа е евроазиска земја). Објавата тврди и дека руските енергенси придонеле за раст на Кина, Индија и Германија, небаре Русија го храни и гради сиот свет. Тоа е илустрирано со несоодветен фото-колаж, кој повикува на словенско, а не европско единство, што е темата на објавата. И, иронично, многу словенски земји пострадале од Русија, особено Украина, Полска и Чехословачка
Рецензираме објава од социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Секој европски политичар на аголот од секој европски документ треба да си ја напише законитоста.
„Без Русија нема европска безбедност“.
Русија е земја со 11 временски зони, таа е најголемата европска земја, со најбројниот европски народ.
Растот на Кина и Индија во добар дел е и поради ефтините енергенси од Русија, истиот пример беше за Германија, пред конфликтот на западот со Русија.
Да ја туркаш во Азија, треба да си малоумен.
Ова е проруска пропаганда, а тврдењата во објавата можеме да ги поделиме на три групи:
- Невистинити (без дилема);
- Релативни (кои можат да минат и како вистинити и како невистинити, зависно од тоа какви мерила ќе примениме);
- Вистинити (овие ги има најмалку).
Тврдењето дека без Русија нема европска безбедност е дефинитивно невистинито, па дури и апсурдно, имајќи предвид дека токму Русија е главна закана за европската безбедност.
Русија веќе со години врши агресија врз Украина, како и воени злосторства и разурнувања какви што Европа не видела од Втората светска војна, па токму затоа, две европски земји дури ја напуштија својата долгогодишна неутралност и влегоа во НАТО – Финска и Шведска. Тие, исто како и нивните партнери низ Европа, сега ја зајакнуваат својата одбрана и се вооружуваат, а некои дури планираат да ги минираат своите граници или го враќаат задолжителниот воен рок.
Тврдењето дека без Русија нема европска безбедност тука зазвучува иронично, не во смисла дека Русија може позитивно да придонесе за таа безбедност, туку во смисла дека нејзиното агресивно однесување ги турка Европејците да ја засилуваат таа своја безбедност.
До не така одамна, тоа во Европа беше незамисливо и таа одеше на укинување на границите и воениот рок, на доброоседска соработка и сл. По сето тоа, апсурден е апелот во објавата, кој се препознава „меѓу редови“, дека „европските политичари треба да соработуваат со Русија“.
Всушност, Кремљ ја отфрли Европа, која неговите поддржувачи погрдно ја нарекуваат „Гейропа“ и тој говори за некаков „особен пат“ на Русија, кој нема врска со европскиот, а руските политичари и пропагандисти дури им се закануваат на Европејците со војна – и тоа нуклеарна.
Претседателот на руската Дума (собрание), Вјачеслав Володин, заканувачки изјави дека руската ракета Сармат може да долета до Стразбур, кајшто заседава Европскиот парламент, за 3 минути и 20 секунди, а пратеникот и генералот Андреј Гуруљов изјави дека би ја гаѓал Холандија. Закани упатуваше и познатиот пропагандист Владимир Соловјов, кој порано доста престојувал во Италија, кадешто поседува вила на езерото Комо, која сега му е „замрзната“ со санкциите.
Да потсетиме и на заканата дадена во 2018 г. од рускиот амбасадор во земјава, Олег Шчербак, според кого ние би можеле да бидеме легитимна мета на руски напад ако влеземе во НАТО-пактот и ако тој се судри со Русија. Така се закани и Виктор Татаринцев за влезот во НАТО на Шведска, кајшто тој беше амбасадор, а таа го повика на одговорност за тој дипломатски скандал.
Ваков недипломатски речник и однесување за Европејците се незамисливи. Тешко ќе чуете вакви изјави, на пример, од Емануел Макрон, иако и Франција е нуклеарна сила. Русија не ги споделува вредностите кои ги нарекуваме европски, па затоа повеќето Европејци не соработуваат со неа.
Кога во раните 1990-ти години Европа се обединувала, Русија била вмешана во војните во Транснистрија или Приднестровје (сепаратистички регион во Молдавија), како и во Абхазија и Јужна Осетија (во Грузија), а агресија врз Грузија повторно извршила во 2008 г. и до ден денес држи некои од тие територии под окупација, каков што е случајот и во Украина.
Наместо со Европејците, Русија гради односи со агресивни и репресивни режими како оние во С. Кореја, Иран, талибанскиот Авганистан и сл. Објавата сака да каже дека со отфрлањето на Русија, Европејците ја туркаат да си бара партнери во Азија, но тоа е избор на самата Русија.
И, Русија има врска со Азија не само во таа смисла, туку и во географска. Објавата вели дека Русија е „најголемата европска земја“, но, всушност, поголемиот дел од Русија (77 отсто) е во Азија, отаде планината и реката Урал, кои се природни граници меѓу континентите.
Русија има и историски, културни и други врски со Азија. Навистина, Русија има и европски дел и тоа поголем од било која европска земја. Тоа ја прави Русија и европска земја, но таа е и азиска, па најпрецизно е да се рече дека е евроазиска. А, во тој случај, најголема европска земја излегува дека е Украина, затоа што целосно се наоѓа во Европа.
Тука зависи какви мерила ќе примениме (построги или полабави), па затоа некои нешта се релативни. Во објавата има и тврдења, кои без дилема се вистинити (Русија има 11 временски зони, Русите се најброен народ во Европа), но тоа е само мал дел од објавата.
И, можеби руските енергенси помогнале за раст на Кина, но објавата го премолчува она клучното. Успехот на Кина се темели врз фактот дека нејзиниот поранешен лидер Денг Сјаопинг го напуштил догматското гледање на комунизмот и направил компромис со западниот капитализам.
Така Кина дошла до тоа да произведува американски „ајфони“ и тоа не е заслуга на Русија, а кога Кина ги почнала тие постепени реформи во 1978 г., односите со Русија (тогаш СССР) ѝ биле лоши.
Иако и Индија има успеси (во ИТ-сферата, фармацевтиката и сл.), објавата премолчува дека тоа се должи на економската либерализација започната во 1991 г., но и на други фактори, а најмалку на руските енергенси. Но, за жал, милиони луѓе во Индија сè уште живеат во беда, па треба уште да се работи и тоа не е најуспешен пример со кој треба да се мавта пред Европејците.
Германија, пак, е индустриска сила од кога постои, што не е никаква заслуга на Русија. Дури напротив, кога Германија била поделена, нејзиниот западен дел цутел, а оној источниот, кој бил под влијание на Москва, стагнирал, па зошто тие фамозни руски енергенси не помогнале во тоа?
Смислата на ваквите проруски објави е да ги убеди Европејците да бидат попустливи кон Русија, што е актуелно заради преговорите за Украина. Притоа, Доналд Трамп важи за попопустлив, а Европејците за понепопустливи. Затоа објавата им порачува дека „Русија е најголема европска земја“ и дека тие треба да ѝ пружат рака, да купуваат евтини енергенси од неа и сл.
Објавата е илустрирана со несоодветен фото-колаж, кој повикува на словенско единство, а не на европско, што е темата на објавата, па во него се прикажани претставнички на разни словенски народи, но притоа се заборава дека многу од нив пострадале од Русија, било царската, било советската, било современава, што особено важи за Украина, Полска и бивша Чехословачка.
А, ако објавата искрено се залага за подобрување на односите меѓу Русија и Европејците, посоодветно е во колажот да има и Германка, Французинка, Швеѓанка, Финка и сл.
Со оглед на тоа што во објавата има и невистинити и вистинити тврдења, но и некои релативни, немаме друг избор освен да ја оцениме како делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар