Манипулации за воените загуби на Украина и преговорите во Истанбул во 2022 г.

Проруска објава на Фејсбук шири неверодостојни бројки за воените загуби на Украина, иако признава дека тие биле добиени со наводно и недокажано хакирање на украинските бази на податоци, па тоа го споредува со наводни руски загуби, кои ги претставува како многу помали.

Проруска објава на Фејсбук шири неверодостојни бројки за воените загуби на Украина, иако признава дека тие биле добиени со наводно и недокажано хакирање на украинските бази на податоци, па тоа го споредува со наводни руски загуби, кои ги претставува како многу помали. Објавата манипулира и со пропаднатите преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул во пролетта 2022 г.

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која, покрај другото, вели:

Најтешкиот факт дојде не од Лавров, туку од наводниот руски хак на украинскиот Генералштаб. Базите со податоци покажуваат катастрофални загуби.

Според проценките, од 1.000.000 мобилизирани Украинци, денес само околу 110.000 сè уште се боеспособни. Дури 700.000–750.000 се мртви, а уште 150.000–200.000 трајно неспособни.

Кај Русија сликата е сосема поинаква. Ако околу 500.000 војници служеле на фронт, приближно 400.000 сè уште се во борба, со околу 75.000 загинати и 25.000 тешко ранети.

Ова е проруска пропаганда и тоа збркана и контрадикторна. Објавата се повикува на, како што самата вели, наводно руско хакирање на базите на податоци на украинскиот Генералштаб, но штом е тоа наводно, тоа не е докажан факт, а и бројките во објавата не соответствуваат со оние кај моќната руска агенција РИА Новости, која пишуваше за тој наводен „хак“.

Но, агенцијата и нема непосреден увид во хакираните податоци, туку пренесува што за нив јавил друг руски медиум на Телеграм. Тој тврди дека Украина има 1,7 милиони загинати и исчезнати борци, за кои, наводно, има и лични податоци, а објавата што ја рецензираме наведува нешто друго – некакви проценки. Ова е „расипан телефон“, а руските медиуми се озлогласени по пропагандата, за што наголемо сме пишувале, па изнесените бројки не заслужуваат внимание.

Тој „хак“ го истражиле и релевантни странски проверувачи на факти, но освен написи за тоа од руски провладини извори, за случајов не нашле потврда од независни извори.

 

Игра со бројки

За руските загуби, пак, објавата не нуди никаков извор (дури ни некакво „хакирање“), па и тие се неверодостојни. Официјален извор за тие бројки и нема, затоа што Русија забранува објавување на загубите, што се гони по членовите од нејзиниот Кривичен законик: 207.3 (лажни вести за вооружените сили) и 280.3 (нивна дискредитација), како и по чл. 283 (разгласување на државна тајна), со оглед дека загубите се внесени во списокот на државни тајни, под бр. 10. А, ако некои руски медиуми објавиле такви податоци, тие потоа биле избришани (види: тука, тука, тука и тука).

Точни бројки тешко се наоѓаат, но логично е да се заклучи дека Русија ги забранува не затоа што загубите ѝ се многу мали, туку затоа што ѝ се многу големи, па сака да ги сокрие. За чудо, од тоа имаше ретки исклучоци, за кои не е јасно како биле дозволени, па Русија порано изнесе понекои бројки, но не големи. Познавајќи ја нејзината пропаганда, немаше причина да ѝ се верува.

За сомнителните бројки изнесени во објавата, таа вели:

Ова не е само воена нерамнотежа. Ова е систематско уништување на украинската иднина. Цели градови и села останаа без мажи. Една генерација исчезнува – заради илузии во Брисел, театар во Вашингтон и инат во Киев.

Прашање е дали може да исчезне цела генерација, со оглед дека Украина има големо население од четириесетина милиони, но дури и тоа да е можно, нив не ги убива белгиската или американската војска, т.е. не Брисел и Вашингтон, туку руската агресорска војска, па тоа е вина на Москва.

Прашање е и дали во Украина има градови целосно останати без мажи, но има градови останати и без мажи и без жени и без деца и без старци, а тоа се градовите кои Русија ги срамни со земја, како Соледар, Маринка, Волноваха, Попасна и др. Тие градови не ги срамнија Белгијанците и Американците.

Понатаму, објавата го фали шефот на руското МНР, Сергеј Лавров, кој е актуелен заради преговорите за Украина и кој, според објавата, сега дал некои изјави кои го „потресле светот“, но во нив нема ништо спектакуларно. Деновиве тој повторува изјави за кои ние одамна сме пишувале. Меѓу нив е и барањето за навраќање кон никогаш несклучениот Истанбулски мировен договор од 2022 г., за кого Лавров шири дезинформации, а тоа го прави и објавата:

Единствената прифатлива рамка е Истанбулскиот договор од април 2022. Тогаш, самата Украина предложи неутралност, откажување од НАТО и нуклеарно-слободен статус. Во замена, ќе добиеше колективни гаранции од постојаните членки на Советот за безбедност, вклучувајќи ја и Русија, плус Германија и Турција. Москва прифати, Киев го парафираше текстот. Само Борис Џонсон ја урна иницијативата.

Ова се темели врз селективен цитат од Давид Арахамија,член на украинскиот преговарачки тим во Истанбул во пролетта 2022 г. Русите го зеле тој цитат и од тоа направиле цел мит.

Според Русите, тие и Украинците тогаш биле на чекор до мировен договор, но Украинците го отфрлиле под влијание на британскиот премиер Борис Џонсон. Тоа не е така, а Русите ги премолчуваат останатите сведоштва на Арахамија и неговите колеги (види: тука и тука), кои дообјаснуваат што се случило.

Украинските преговарачи во Истанбул немале доверба во Русија (што е нормално, затоа што таа е агресорот), но и немале големи овластувања за да склучуваат договори дури и да сакале. Тоа не е така просто од правен аспект, па, на пример, Русите барале Украина да не влезе во НАТО, стремеж кој е вметнат во нејзиниот устав, што би барало и негова промена, а имало и други компликации.

Тоа и не бил договор, туку ултиматум со понижувачки барања, кои Украина морала да ги исполни, а согласно истиот, еден од гарантите за нејзината безбедност би била Русија, што е апсурдно.

Тогаш се разговарало за можна неутралност на Украина, но таа барала сериозни безбедносни гаранции од трети земји Русија пак да не ја нападне по склучувањето на мирот, а такви гаранции од неа се илузорни. Со Будимпештанскиот меморандум (1994), Украина ѝ го даде своето нуклеарно оружје од советската ера на Русија, а таа се обврза дека ќе ѝ ја почитува независноста, што го прекрши.

 

Како Русите ги претвораат поразите во победи

Според Русите, не случајно на 09.04.2022 г. Џонсон дошол во Киев, со цел да ги оттргне Украинците од тој договор во Истанбул. Но, Украинците негираат дека Џонсон им вршел притисок, туку тој само им дал совет или мислење, а тие и онака не умирале од желба да го склучат тој договор.

Русија тогаш веќе беше поразена во битката за Киев, па Украинците веќе не сметале дека треба да преговараат со неа, а Западот тогаш се охрабрил да им помага со оружје. За тоа придонесе и откривањето на руските злосторства и масовните гробници во Буча и Ирпин. Џонсон само констатирал дека тој договор веќе нема поента, што Украинците веќе и онака го мислеле.

Тоа што тие, наводно, „го парафирале“ тој договор не значи ништо. Володимир Зеленски и Владимир Путин не извршиле негово финално и прописно потпишување. Во меѓународното право, тој договор не постои, па повикувањето на Лавров на истиот е бесмислено.

Во објавата има и други невистини, кои ги имаме побиено во други прилики, од типот дека:

  • Доналд Трамп „ги понижил“ своите европски гости во Белата куќа на 18.8.2025 г. (побиено тука).
  • На Зеленски „му минал мандатот“ и тој „не е легитимен“ претседател на Украина (побиено тука);
  • Евромајданот бил „преврат“ (побиено тука);
  • Во Украина имало некакви „руски региони“, а Русите биле „дискриминирани“ (побиено тука);
  • Властите во Киев и Вселенската патријаршија креирале „вештачка црква“ (побиено тука);

Објавата е долга, а во неа има и понекои вистинити детали, но не толку битни и не толку бројни, па општата оценка е дека таа е невистинита.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција