Манипулација дека ЕУ и НАТО се фашистички и дека Северна Македонија треба да стане членка на БРИКС

Фото:NakNakNakPixabay

На 27 март 2020 година, Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Определбата за евроатлантско интегрирање на земјата датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ. Пристапот кон НАТО не е никаков фашизам, бидејќи НАТО сојузниците и членките на ЕУ ги делат истите вредности.

На 27 март 2020 година, С. Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Определбата за евроатлантско интегрирање на земјата датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ. Пристапот кон НАТО не е никаков фашизам, бидејќи НАТО сојузниците и членките на ЕУ ги делат истите вредности 

 

Анализираме објава на Фејсбук која ги оцрнува Европската Унија и НАТО, етикетирајќи ги како фашистички, нагласувајќи дека Македонија има алтернатива и наместо во овие организации треба да цели кон членство во БРИКС.

За сите оние од СДСДПНЕЛЕВИЦА и нивните опашки…кои НЕМАЛЕ АЛТЕРНАТИВА освен Фашистичките ЕУ/НАТО,…сиктер од Македонија, бидејќи Македонија самата за себе е доволно богата држава и своја алтернатива,а има и други алтернативи по светов како БРИКС. Така да доста ви беше ТУПЕЊЕ, 30 години ни ја држите државата во заложништво и нас како робови. Македонците заслужуваат и ќе се изборат за нормален и достоинствен живот…БЕЗ ВАС….вие Фашисти и колаборационисти слободно сиктер во ЕвроГЕЈскиот сојуз и НАТОТО ви, стои во објавата.

Не е точно дека ЕУ и НАТО се фашистички организации како што тоа сака да го прикаже објавата која во овој контекст не нуди никакви докази и факти за изнесеното.

Фашизмот е екстремно десничарска, авторитарна, ултранационалистичка политичка идеологија и движење, што се карактеризира со диктаторски лидер, централизирана автократија, милитаризам, насилно потиснување на опозицијата, верување во цврста општествена хиерархија, подреденост на индивидуалните интереси за доброто на нацијата или расата и силен режим на општеството и економијата.

Фашизмот ги отфрла тврдењата дека насилството е негативно или бесмислено, наместо тоа ги гледа империјализмот, политичкото насилство и војната како средства за национално освежување.

Фашизмот се залага за воспоставување на тоталитарна еднопартиска држава, при што авторитаризамот и национализмот често се манифестираат како верување во расна чистота или господарска раса, обично помешани со некоја варијанта на расизам или дискриминација на демонизираниот „Друг“, како што се Евреите, хомосексуалците, етничките малцинства или имигрантите. Овие идеи ги мотивираа фашистичките режими да вршат масакри, присилни стерилизации, депортации и геноциди.

Овие одлики се далеку од вредностите што се фундаменти на Европската Унија и НАТО. Откако во голем број европски земји беа одржани избори за претставници во Европскиот парламент на коишто доминираше десницата, во објави на социјалните мрежи, како што е случајот и со објавата предмет на нашата анализа, се засили наративот дека ЕУ е фашистичка. Но, таквите тврдења не се реални.

Европската Унија, спротивно на постулатите на фашизмот, е политичка и економска унија од 27 земји-членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. Со ЕУ управуваат институции, кои, меѓу другите, ги вклучуваат Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет. Одлуките се носат низ демократски процеси, при што земјите-членки имаат застапеност и збор во креирањето политики. Европскиот парламент се избира на демократски избори кои се одржуваат во земјите членки, а тој потоа ја избира Европската комисија.

ЕУ става силен акцент на човековите права, основните слободи и заштитата на малцинствата. Таа има механизми за да ги поддржува овие принципи, како што е Европскиот суд за човекови права. Од друга страна, пак, фашистичките режими се познати по нивната угнетувачка природа, вклучувајќи цензура, прогон на политичките противници и кршење на човековите права. ЕУ ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Се стреми да го поттикне чувството за европски идентитет, истовремено почитувајќи ги националните идентитети.

На 25.10.2018 година, Европскиот парламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи. Од ова станува јасно дека заложбите на Европската Унија не само што не се фашистички, туку и цврсто се темелат на антифашистички политики, препораки и дејствија.

Што се однесува до НАТО, тоа не е никаква фашистичка организација, туку претставува одбранбена алијанса со главна цел да ги заштити своите членови од надворешни закани. Официјалните политики на НАТО се дека не бара конфронтација, но, сепак, е подготвена да ги заштити и да ги одбрани своите сојузници.

На 1 март 2007 година во Брисел, во говорот на поранешниот генерален секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер тој наведува:

Да, НАТО е алијанса на западните земји. Да, со исклучок на секуларна муслиманска Турција, НАТО е претежно алијанса на христијански земји. Секој декември НАТО во Брисел е осветлен со голема божиќна елка. Но, вредностите за кои се залага НАТО не се уникатно христијански. Вредностите што ги промовираме и браниме со нашиот ангажман се универзални. Правото на жените да одат во училиште е универзално право. Правото да ја изберете религијата во која ќе верувата и да не треба да се плашите од смртна казна поради изборот, е универзално право. Правото да ја изберете вашата демократска влада на слободни и фер избори е универзално право. Овие се вредностите што ги браниме од Балканот до Авганистан. За нив нема преговори. Но тие не се уникатно западни и не се уникатно христијански. Навистина верувам дека земјите од сите делови на светот и од сите поголеми вери, треба да се способни да се согласат за нив. Тие се вистинската основа за човековиот опстанок во 21 век, вели тој меѓу другото во говорот.

Тоа значи дека и НАТО, како и ЕУ, ги поддржува и промовира различностите, различниот културен идентитет и демократските права на сите подеднакво. Тоа во никој случај не е фашизам.

Што се однесува до поддршката за БРИКС и наративот дека Македонија треба да се стреми да стане членка на оваа организација наместо на ЕУ, Вистиномер веќе пишуваше за тоа колку С. Македонија би профитирала од некакво членство во групата БРИКС.

Во тој контекст, исклучително значајни се податоците за стоковната размена на С. Македонија со странство. Според Државниот завод за статистика, С. Македонија во периодот јануари-јуни 2023 година имала севкупен извоз во странство од речиси 4,6 милијарди американски долари. Од нив, македонски стоки убедливо најмногу биле извезени во земјите-членки на ЕУ, и тоа над 3,6 милијарди американски долари. Втор најзначаен економски партнер на земјава е Западниот Балкан, при што во овој период во Косово, Србија, Црна Гора, БиХ и Албанија сме извеле стоки во вредност од околу 527 милиони американски долари.

Извозот на Македонија во земјите од групата БРИКС е симболичен и е првенствено насочен кон Кина и Русија, а многу помалку кон  Индија, Јужноафриканската Република и Бразил како најголеми членки на оваа група. Она што е најважно, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трговски суфицит, односно поголема вредност на извозот во споредба со увозот на стоки, С. Македонија остварува најмногу со земјите-членки на ЕУ и со ЕФТА (Европска асоцијација за слободна трговија во која членуваат Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн).

 

На 27 март 2020 година, С. Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Определбата за евроатлантско интегрирање на земјата датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ. Пристапот кон НАТО не е никаков фашизам, бидејќи НАТО сојузниците и членките на ЕУ ги делат истите вредности. НАТО и ЕУ играат комплементарна, кохерентна и меѓусебно зајакнувачка улога во поддршката на меѓународниот мир и безбедност. С. Македонија целосно го поддржува унапредувањето на стратешкото партнерство НАТО-ЕУ, зајакнатите политички консултации и зголемената соработка за прашања од заеднички интерес.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека дека објавата која ја анализираме е невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција