Манипулација е да се тврди дека мртвите тела во Буча се инсценирани

Фото: Принтскрин, видео на Скај Њуз

Тврдењето дека мртвите во Буча се исценирани се базира на фотографија на која се гледаат оштетени неколку автомобили и едно оклопно возило, а во позадина, наводно прозорците на околните згради биле неоштетени. Фотографијата не е можно да била снимена во Буча, бидејќи истата е објавена на 30 март, додека руските трупи се уште го држеа под контрола градот Буча. За ова говори и фактот што истата фотографија е споделена во украинските медиуми на 3 април, каде што пишува дека таа е направена во Ирпен, а не во Буча. Освен тоа, доколку се зголеми фотографијата, може да се забележи дека прозорците од првиот кат од зградата се искршени 

Тврдењето дека мртвите во Буча се исценирани се базира на фотографија на која се гледаат оштетени неколку автомобили и едно оклопно возило, а во позадина, наводно прозорците на околните згради биле неоштетени. Фотографијата не е можно да била снимена во Буча, бидејќи истата е објавена на 30 март, додека руските трупи се уште го држеа под контрола градот Буча. За ова говори и фактот што истата фотографија е споделена во украинските медиуми на 3 април, каде што пишува дека таа е направена во Ирпен, а не во Буча. Освен тоа, доколку се зголеми фотографијата, може да се забележи дека прозорците од првиот кат од зградата се искршени 

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека мртвите во украинскиот град Буча се исценирани. Ова е неточна информација во обид да се манипулира јавноста.

Мртвите во Буча се инсценирани.

Уништени возила од експлозии а сите стакла на зградите здрави.

Тврдењето дека масакрот што се случи во украинскиот град Буча, кој се наоѓа во близина на главниот град Киев е исцениран, односно дека не се случил, е надвор од секоја логика при толку објавени докази за застрашувачката ситуација која беше затекната таму.

Откако руските војници се повлекоа од градот, во јавноста се појавија слики кои покажуваат големо уништување и трупови во цивилна облека расфрлани низ улиците, со рацете врзани зад грб.

Овие слики беа споделени на социјалните мрежи и објавени од меѓународни медиуми кои го посетија градот во изминатите денови.

Украина ја обвини Русија за „намерен масакр“ – но Русија вели дека тоа не го направиле нејзините сили во таа област.

Она што никако не може да се негира се мртвите тела кои што се појавија на улиците по руското повлекување од градот.

Но, освен сцените што ги објавија медиумите по руското повлекување, и сателитски снимки покажуваат тела на убиени луѓе додека руските војници сѐ уште беа во таа област. На сателитските снимки снимени на 19 март – речиси две недели пред руските трупи да се повлечат, може да се забележат тела. Сликите, првично објавени во Њујорк Тајмс и потврдени од Би-Би-Си, покажуваат тела на истите позиции на улиците, како и по повлекувањето на руските трупи. Оттаму, негирањето на овие случувања и на мртвите тела по улиците не може никако да се оправда.

На 3 април, руското Министерство за надворешни работи објави изјава, во која се тврди дека фотографиите и видео снимките од Буча се уште една провокација и дека додека градот бил под контрола на руските вооружени сили, ниту еден локален жител не претрпел никакви насилни акции.

Тврдењето дека мртвите во Буча се исценирани, според Фејсбук објавата која што е предмет на оваа рецензија, се базира на фотографија на која се гледаат оштетени неколку автомобили и едно оклопно возило, а во позадина прозорците на околните згради наводно се неоштетени. Но, оваа фотографија нема никаква врска со Буча за да може да се тврди дека мртвите тела најдени во градот се исценирани.

Дотолку повеќе што фотографијата не е можно да била снимена во Буча, бидејќи истата е објавена на 30 март, додека руските трупи се уште го држеа под контрола градот Буча. За ова говори и фактот што истата фотографија е споделена во украинските медиуми, на 3 април, каде што пишува дека таа е направена во Ирпен, Украина, а не во Буча. Освен тоа, доколку се зголеми објавената фотографија, може да се забележи дека прозорците од првиот кат од зградата се искршени, што дополнително ја потврдува тезата дека објавата е неточна.

Фотографијата е објавена од официјалниот Фејсбук профил на Генералниот штаб на украинските вооружени сили, кои во моментот на објавување немале пристап до Буча. На постот каде што е објавена фотографијата се дава пресек на информации за моментална состојба во повеќе градови и предели на Украина на 30 март до 12 часот.

Видеата и фотографии од Буча, на кои се гледаат починати лица во цивилна облека, првпат се појавија на каналите на социјалните мрежи на 1 април, откако борбите стивнаа, а новинарите и набљудувачите на човекови права можеа повторно да пристапат до градот и да бидат сведоци на пустошот.

Скај њуз објави две видеа на кои се прикажани тела на улиците на Буча, вклучително и едно со најмалку седум тела на тротоарот. Фотографиите направени од Асошиејтед прес покажуваат тела со врзани раце зад грб и рани на задниот дел од главата. Нивните новинари тврдат дека виделе 21 мртво тело, а една група од девет тела, сите во цивилна облека, биле расфрлани околу локацијата за која жителите велат дека руските трупи ја користеле како база. Најмалку на двајца им ги врзале рацете зад грб, едниот бил застрелан во главата, а на другиот му биле врзани нозете.

Градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук, тврди дека повеќе од 300 жители се убиени во градот.

Мишел Башелет, високиот комесар на ОН за човекови права, рече дека е „ужасната“ и дека сликите покренуваат „сериозни и вознемирувачки прашања за можни воени злосторства, сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право и сериозни прекршувања на меѓународното право за човекови права“.

Од меѓународната организација Хјуман рајтс воч велат дека убиствата во Буча може да претставуваат воени злосторства.

Сосема е јасно дека имало извршени воени злосторства против цивили, а задачата на истражителите ќе биде да одлучат колку и во каков размер се случиле, и на крајот кој е одговорен. Во Буча сигурно има воени злосторства, потенцијални злосторства против човештвото, каде што гледаме цивили убиени, јасно убиени во формат на скратено погубување, вели Ајслинг Риди, виш правен советник за човекови права на Хјуман рајтс воч. 

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека е „длабоко шокиран“ од сликите на мртви цивили во украинскиот град Буча.

Независна истрага што „води до ефективна одговорност“ е од суштинско значење, рече Гутереш.

Поради сите овие факти изнесени погоре, а особено поради фактот што постојат голем број снимки, фотографии и изјави на очевидци на масакрот што се случи во Буча, оценуваме дека објавата што ја рецензираме е неточна и дека не може врз основа на една фотографија, која патем не е направена во Буча, да се тврди дека убиствата на цивили се исценирани.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција