Манипулација со стари мапи од окупацијата на Украина и со т.н. Косовски преседан

Фото: Mediamodifier from Pixabay

Објавата манипулира со застарена мапа, на која Русија држи повеќе украински територии отколку што сега реално држи, и ги отфрла апелите на ЕУ за почитување на територијалниот интегритет на Украина, оправдувајќи го нејзиното распарчување со т.н. Косовски преседан, што е погрешно од низа причини. Пред Западот да го поддржи одделувањето на Косово од Србија, Русија тоа го сторила во Приднестровје (Молдавија) и Абхазија и Ј. Осетија (Грузија), па фактички Русија направила преседан, а не Западот. Украина и не го признава Косово, па немаше зошто таа да биде казнета врз основа на т.н. Косовски преседан, а и таа немаше лоша репутација како Србија под Милошевиќ

Објавата манипулира со застарена мапа, на која Русија држи повеќе украински територии отколку што сега реално држи, и ги отфрла апелите на ЕУ за почитување на територијалниот интегритет на Украина, оправдувајќи го нејзиното распарчување со т.н. Косовски преседан, што е погрешно од низа причини. Пред Западот да го поддржи одделувањето на Косово од Србија, Русија тоа го сторила во Приднестровје (Молдавија) и Абхазија и Ј. Осетија (Грузија), па фактички Русија направила преседан, а не Западот. Украина и не го признава Косово, па немаше зошто таа да биде казнета врз основа на т.н. Косовски преседан, а и таа немаше лоша репутација како Србија под Милошевиќ

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук од 1.3.2025 г. споделува мапа со зборовите:

Она со жолто се украински територии освоени и контролирани од Русија.

Мапата, која можете да ја погледнете и на овој линк, е застарена и е од почетокот на септември 2022 г., а Русија оттогаш загуби голем дел од окупираните територии, па објавата создава заблуда дека Русија држи многу повеќе територии отколку што сега реално држи.

Во есенската контраофанзива во 2022 г. Украинците ослободија дел од Херсонската Област сосе нејзиниот центар Херсон, најголем дел од Харковската Област (градови како Изјум, Балаклија и Купјанск) и северниот дел од Донечката Област (градовите Лиман и Свјатогирск), но сето тоа на мапата е претставено како да e сè уште под руска контрола.

Објавата понатаму се осврнува на т.н. Косовски преседан:

Прикаските за ,,почитување на територијалниот интегритет и границите на Украина”, кои ги продава лицемерната стара к*рвичка Европа со нејзините милион стандарди, како алиби за мир, а всушност е само изговор за продолжување на војната со Русија – многу одамна се закопани.

Уште кога Косово стана држава и почна менувањето на граници на континентот. Сега троа е предоцна да зборуваме за бранење на граници.

Тука да потсетиме дека по интервенцијата на НАТО во 1999 г., српските сили се повлекоа од Косово, а тоа беше ставено под Привремената администрација на ОН (англ. UNMIK). Номинално, Косово и натаму беше покраина на Србија, но со широка автономија, што на 17.2.2008 г. кулминираше со прогласување независност, која за некои беше спорна, но повеќето западни земји ја признаа.

Со тоа беше создаден т.н. Косовски преседан, врз основа на кој Русија сега го оправдува своето откинување на делови од Украина. Но, Украина не го признава Косово, па нема што таа да биде казнета врз основа на тој Косовски преседан, а спротивно на она што го тврди објавата, во Европа нема консензус за Косово. Шпанија, Грција, Кипар, Романија и Словачка не го признаваат.

Всушност, преседан направила Русија, а не Западот, така што во раните 1990-ти таа воено го помагала одделувањето на Приднестровје од Молдавија и на Абхазија и Ј. Осетија од Грузија.

И, ако Западот според Русија прави нешто погрешно, зошто и таа го прави истото? Откако Косово прогласи независност, во август 2008 г. Русија повторно војуваше во полза на Абхазија и Ј. Осетија, кои тогаш ги призна, а подоцна тоа го стори и во Украина.

Русија го осудува Западот за Косово, а самата создала сепаратистички држави и тоа многу порано. Таа дури илегално анектираше некои од нив, што западните земји, сепак, не го сторија со Косово.

Така, при крајот на февруари 2014 г. Русија го зазеде Крим, па на 17 март тој прогласи независност од Украина, што Русија го призна, но веќе утредента таа го анектираше. Во април 2014 г. руски агенти како Александар Бородај и Игор Гиркин-Стрелков го поттикнаа создавањето на т.н. Донечка и Луганска Народна Република (ДНР и ЛНР), кои Русија ги призна на 21.2.2022 г., а на 30 септември истата година ги анектираше.

Западот сакаше косовскиот проблем да се реши со компромисна мултиетничка држава, што не излезе идеално, но Западот барем се обиде да најде решение, што траеше дури од 1999 до 2008 г., а Русија брзоплето анектираше територии, оправдувајќи го тоа со „референдуми“, кои под нишан на окупаторска војска немаат никаков легитимитет.

И, за разлика од Косово, на Крим немаше насилство, кое би оправдало руска воена интервенција и одделување од Украина, а истото важеше и за т.н. ДНР и ЛНР. Украина не се однесуваше кон своите (про)руски жители како Слободан Милошевиќ кон косовските Албанци (како погрозоморен пример се издвојува оној со камионот-ладилник полн со убиени Албанци, потопен во р. Дунав). Украина дури премногу се воздржуваше од насилство, што се смени дури на 12.4.2014 г., кога Стрелков со својата воена формација го нападна гр. Славјанск, со што започна Донбаската војна.

Великосрпските сили убиваа и во Хрватска и Босна, па кога дојде на ред Косово, на Србија веќе никој не ѝ веруваше, дури иако таа имаше некои аргументи (делови од Резолуцијата на ООН 1244, српската историја и култура на Косово), а репутацијата на Украина беше далеку почиста.

Меѓу Косово и отцепените украински територии нема сличност и затоа што косовските Албанци имале дејци како Хасан Приштина или Ибрахим Ругова, па воделе долга борба, дале жртви и лежеле по затвори, што среде (про)руските жители на Украина не било така драматично. Во борба нив ги втурнаа дојденци од Русија дури во 2014 г. Објавата понатаму вели:

И, сега. За каков територијален интегритет зборува Европа кога 20 отсто од територијата на Украина целосно контролира Русија?

Европа говори за меѓународното право, согласно кое руската окупација и анексија се ништовни, а тие се отфрлени и со резолуциите на ОН: 68/262, ES-11/1, ES-11/4 и ES-11/7. Низ светот има држави, кои немаат целосна контрола над својата територија, но таа сепак им е меѓународно призната, а пример за тоа имаме во Кипар. Русија, пак, нема целосна контрола над својата Курска Област, но таа сепак е меѓународно призната како дел од Русија, што дури ни Украинците не го отфрлаат.

Нејасно е што објавата подразбира кога вели дека Русија „целосно контролира“ 20 отсто од Украина, но треба да споменеме дека руската анексија е во голем дел само на хартија. Русија анектираше четири украински области без да ги заземе во целост, а и од она што го зазеде понешто загуби, па тука не станува збор за целосна контрола. Сепак, објавата вели:

Со продолжување на крвавата војна, која трае 4-та година, Русија само подлабоко ќе навлегува и не знаеме како сето ова може да заврши.

Ни ние не би сакале да прогнозираме, но ако судиме по она што го видовме за овие 3 години сеопфатна инвазија, Русија не се покажа како суперсила, па таа тешко би напредувала. Таа има успеси само по мали места низ Донбас како Курахово и сл. Во спротивно, објавата ќе говореше за многу поголема заземена територија, во која би спаѓале Киев, Харков и други клучни места, но во обидот да ги заземе Русија беше поразена, а на крај Украинците дури ѝ упаднаа дома – во Курската Област. Но, објавата сето тоа тенденциозно го премолчува, па вели:

Трамп вчера му нацрта на лудаков шестоодделенец – не ја добивате војната….се коцкаш со Трета светска војна.

Тука се мисли на тоа како Доналд Трамп го караше Володимир Зеленски на средбата на 28.2.2025 г., но неумесно е да се споредува со неискусен шестооделенец еден шеф на држава, која 3 години се бори против далеку помоќен агресор, кој дури важи за суперсила. Објавата на крај вели:

Не е наше да кажуваме кој почнал војна и некого да нарекуваме агресор.

Наше е да се залагаме за мир

Што е тоа агресор го дефинираат меѓународните организации и нивните норми, а осудата за истиот се изразува и со гласање за резолуции во ООН, во што сме учествувале и ние како држава, користејќи го за тоа нашето право на глас, т.е. наше е да се изјаснуваме за тие прашања.

Што се однесува до пацифизмот изразен во објавата, имаме основано сомнение дека и тоа е манипулација. Под „мир“ објавата подразбира просто отсуство на битки, но не и праведен мир, во кој жртвата на агресијата ќе биде поддржана, а агресорот јасно покажан и осуден.

Ако мир е просто отсуство на битки, мир би имало кога Украина би капитулирала и би била распарчена, на што објавата како цело време да повикува, со отфрлање на територијалниот интегритет на Украина и на европската поддршка за истиот.

Објавата го критикува и наводниот лош однос на Европејците кон Балканот:

Европските земји во ликот на измазнети бирократи, парадирајќи во Брисел со своите смокинзи, одамна ги разбудија сеништата на злото, оставајќи го Балканот во штала, да се справува сам со себе во калта од историски конфликти.

За нив Балканот остана гето, нешто како Харлем.

Неточно е дека балканските земји се сметаат за недоволно угледни за европското друштво, а негови полноправни членки се и земји кои целосно или барем делумно се балкански: Грција, Бугарија, Романија и Хрватска.

ЕУ не само што не сакала да ги буди историските конфликти, туку се залагала за зачувување на Југославија (извори: тука и тука), за што нудела и голема економска помош и членство во Унијата, но националистичките лидери во самата Југославија не можеле да најдат заеднички јазик околу тоа. ЕУ потоа нуделa разни решенија за надминување на конфликтот, иако не секогаш успешно и не без некои внатрешни несогласувања во самата Унија, но, сепак, таа се потрудила нешто да стори.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 



 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција