Манипулативен наслов изваден од контекст  

[Рецензија: Заев е убеден дека Гоце Делчев се гордее со промена на името поради членство во НАТО]

Насловот на овој текст нема никаква врска со содржината во текстот и претставува груба манипулација на јавноста. Текстот, всушност, не е ништо друго, туку целосно пренесување на фејсбук-објава на досегашниот премиер и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев, по повод раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, врамена со коментаторски наслов изваден од контекст.

Линк до оригиналниот напис: Заев е убеден дека Гоце Делчев се гордее со промена на името поради членство во НАТО

Датум и време на објавување: 4.1.2020

Датум на рецензија: 7.2.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Оваа објава има неколку проблематични елементи. Прво нема апсолутна никаква врска со новинарски текст. Преземен е статусот на Заев и објавен е без никакви дополнителни објаснувања. Само е закачен и толку. Не е ни наведено дека станува збор за објава на социјална мрежа, туку е пренесен копи пејст и линкуван.

Вториот проблем е што насловот и објаснувањето под сликата се целосно коментаторски, нешто што не е дозволиво во информативен жанр.

Со насловот тенденциозно се тврди дека Заев е убеден оти Гоце Делчев се гордее со промената на името поради членството во НАТО. Ова е грубо дезинформирање на јавноста затоа што информацијата не е точна. Во фејсбук-објавата на Заев никаде не е спомната промената на името и дека поради тоа Гоце Делчев е горд.

Делот со промената на името е тенденциозно додадена за да се предизвикаат одредени емоции кај читателите и за привлекување на што е можно повеќе кликови и реакции на социјалните мрежи. Таа не постои во оригиналниот пост, кој гласи вака:

Убеден сум дека Делчев и револуционерите од тој период се горди на нашето денешно остварување кога ја направивме нашата земја членка на НАТО и кога сме на чекор до поканата за старт на преговори со Европската Унија.

Во ниту еден случај не може да се оправда ставањето зборови во уста на некој што всушност не ги кажал, ниту напишал. Оној што го пишувал насловот, очигледно, сам си заклучил дека Заев смета оти Делчев би бил горд на промената на името поради членството на НАТО.

Под сликата со големи букви пишува: „ЗОРАН ЗАЕВ НЕ СПОМЕНА ДЕКА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Е МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР“.

Да, Заев во статусот ги нема напишано точно овие зборови, но пишува дека Делчев е „еден од најмаркантните херои на македонската државност“.

Па, затоа нема никаква потреба со големи букви на самиот почеток на текстот да се потенцира дека Заев не спомнал оти Делчев е македонски револуционер и со тоа да се манипулира јавноста.

Овој текст прекршува два члена од Кодексот на новинарите.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. (член 1)

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. (член 13)

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција