Манипулативна објава ги искривува фактите за политиките на Русија

Alexey V. Kurochkin, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Објавата користи препознатлива техника на дезинформирање: неколку реални законски одлуки во Русија се претставуваат без контекст, а меѓу нив се вметнуваат целосно невистинити тврдења и непоткрепени теории на заговор.

Објавата користи препознатлива техника на дезинформирање: неколку реални законски одлуки во Русија се претставуваат без контекст, а меѓу нив се вметнуваат целосно невистинити тврдења и непоткрепени теории на заговор. Текстот вешто меша реални конзервативни закони (забрана за ЛГБТ и сатанизам) со чисти измислици за економијата и здравството (Ротшилди, пестициди, вакцини) за да таргетира специфична публика склона кон теории на заговор

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Зошто Русија е голема закана за сатанистите???

Затоа што во Русија :

Забранета е вакцинирана храна.

Забранети се ГМО.

Забранети се пестициди.

Забранети се задолжителни вакцини.

Забрането е посвојување од страна на трансродови лица.

Ја означи ЛГБТК мафијата како терористичка организација

Објави војна на сатанизмот.

Ги избрка Ротшилди од Русија

Објавата тврди дека Русија е „голема закана за сатанистите“, бидејќи наводно ги забранила ГМО, пестицидите, „вакцинираната храна“, задолжителната вакцинација, дека ја прогласила ЛГБТК-заедницата за терористичка организација, објавила „војна на сатанизмот“ и ги „избркала Ротшилдите од Русија“.

Проверката на достапните официјални документи и релевантните медиумски извештаи покажува дека објавата комбинира неколку реални политички одлуки со неточни тврдења, полуинформации и добро познати теории на заговор.

Русија никогаш нема забрането пестициди. Напротив, руското Министерство за земјоделство редовно го регулира, одобрува и проширува списокот на пестициди и агрохемикалии во земјоделството преку официјалниот закон „За безбедно ракување со пестициди“. Исто така, терминот „вакцинирана храна“ воопшто не постои во науката или во трговските регулативи. Терминот најчесто се користи во дезинформациски објави поврзани со вакцинацијата и нема научна ниту правна основа.

Со федералниот закон 358-ФЗ потпишан од претседателот Владимир Путин, во Русија навистина е забрането одгледување ГМО растенија и животни за комерцијални цели. Сепак, законот дозволува ГМО за научни истражувања, а руската влада повремено дозволува увоз на ГМО производи (како ГМО соја) за потребите на сточарството и пазарот.

Не е точно дека во Русија се забранети задолжителни вакцини. Русија има многу строг Национален календар за имунизација, кој вклучува задолжителни вакцини за деца и возрасни против туберкулоза, хепатитис Б, дифтерија, тетанус и полио. Иако законски родителите можат да потпишат одбивање, во пракса невакцинираните деца често се соочуваат со рестрикции за упис во градинки и училишта, а за време на пандемијата, Русија воведе и задолжителна вакцинација против ковид-19 за одредени професии.

Русија комплетно ги забрани медицинските и правните процедури за промена на полот. Дополнително, Путин потпиша закон со кој строго се забрани посвојување руски деца од страна на граѓани од земји каде транзицијата на родот е легална (што ги вклучува речиси сите западни земји).

Врховниот суд на Русија и државниот монитор Росфинмониторинг официјално го прогласија она што тие го нарекуваат „меѓународно ЛГБТ социјално движење“ за екстремистичка и терористичка организација. Оваа одлука овозможува кривично гонење и затворски казни за секаков вид активизам или истакнување ЛГБТ симболи.

Врховниот суд на Русија донесе одлука со која го прогласи „Меѓународното сатанистичко движење“ за екстремистичка организација и ги забрани сите негови активности. Кремљ и Руската православна црква ја користат оваа реторика за политички цели, тврдејќи дека се борат против „сатанизмот на Западот“ со цел да ги зацврстат конзервативните вредности во земјата.

Во врска со тврдењето дека „Русија ги избрка Ротшилди“, ова е стара антисемитска теорија на заговор која циркулира на интернет уште од 2018 година. Семејството Ротшилд никогаш не ја поседувало или контролирало Централната банка на Русија (која е во државна сопственост уште од 1917 година). Инвестициската банка Rothschild & Co имаше приватна канцеларија во Москва за советување на бизниси, но по почетокот на војната во Украина, самата банка одлучи да ги прекине операциите со руски клиенти поради западните санкции, а не затоа што Путин ги „избркал“.

Објавата користи препознатлива техника на дезинформирање: неколку реални законски одлуки во Русија се претставуваат без контекст, а меѓу нив се вметнуваат целосно невистинити тврдења и непоткрепени теории на заговор.

Текстот вешто меша реални конзервативни закони (забрана за ЛГБТ и сатанизам) со чисти измислици за економијата и здравството (Ротшилди, пестициди, вакцини) за да таргетира специфична публика склона кон теории на заговор.

Поради сето тоа, објават ја оценуваме како делумно невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција