Манипулативна објава ја поткопува довербата во вакцините и имунизацијата
Тврдењето дека вирусите не претставуваат реална закана и дека вакцините не се ефикасни е погрешно и манипулативно. Вирусите, како инфлуенца, сипаници и ковид-19, предизвикуваат милиони смртни случаи секоја година. Концептот на колективен имунитет е реален и важен, бидејќи високи стапки на вакцинација помагаат во намалувањето на ширењето на заразните болести
Тврдењето дека вирусите не претставуваат реална закана и дека вакцините не се ефикасни е погрешно и манипулативно. Вирусите, како инфлуенца, сипаници и ковид-19, предизвикуваат милиони смртни случаи секоја година. Концептот на колективен имунитет е реален и важен, бидејќи високи стапки на вакцинација помагаат во намалувањето на ширењето на заразните болести
Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека вирусите се измислени од науката за да се манипулира глобално, додека вакцините се прикажуваат како неефективни и една голема лага. Ова се неточни информации.
Една од најголемите лаги денес е наративот за вирусите, како нешто што ни се заканува од секаде. Оваа лага е основа за манипулација на глобално ниво која трае со децении. Ветувањето за здравје, подобар имунитет и слични бајки, додека „лековите“ произведуваат ефекти од кои, како да не спасуваат, пишува во објавата.
Наспроти ваквите наводи, фактите говорат дека вирусите претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето. Вирусните болести како грип, сипаници и коронавирусот (ковид-19) предизвикуваат милиони смртни случаи ширум светот. Ова го покажуваат податоците од Светската здравствена организација (СЗО), но и од други здравствени агенции и регулаторни тела.
Така на пример, според СЗО има околу милијарда случаи на сезонски грип годишно, вклучувајќи 3–5 милиони случаи на тешка болест. Тој предизвикува од 290.000 до 650.000 смртни случаи од респираторни болести годишно. Националниот институт за здравје (NIH) укажува дека грипот е особено опасен за луѓе над 65 години, деца и луѓе со одредени здравствени состојби, како срцеви заболувања или астма. Додека Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) продолжува да препорачува вакцинација сè додека вирусите на грип се шират.
Во врска со сипаниците, од ЦДЦ посочуваат дека
Две дози од ММР вакцината се 97 отсто ефикасни во превенцијата на сипаници, една доза е 93 отсто ефикасна. Ретко е некој целосно вакциниран да развие сипаници.
За имунизацијата против сипаница од СЗО наведуваат:
Вакцинацијата против сипаници спречила 57 милиони смртни случаи помеѓу 2000 и 2022 година. Иако постои безбедна и ефективна вакцина, во 2022 година имало околу 136 000 смртни случаи од сипаници глобално, главно меѓу невакцинирани или недоволно вакцинирани деца под 5 години. Пропорцијата на деца кои примиле прва доза од вакцината против сипаници била 83 отсто во 2023 година, што е значително под нивото од 2019 година од 86 отсто. Со ова покажуваме не само што вирусите се реални и сериозни, туку дека и вакцините играат огромна улога во превенција како и заштита против нив.
Дополнително во објавата се негира постоењето за колективниот имунитет:
Логиката ‘мојата вакцина нема да работи за мене ако не ја добиеш својата’ сè уште дивее меѓу нас.
Концептот на колективен имунитет е добро познат и признат во медицината. Кога голем процент од популацијата е вакцинирана, ширењето на заразните болести се намалува, со што се заштитуваат и оние кои не можат да се вакцинираат поради медицински причини.
Клиниката Мајо во САД, детално објаснува сè за колективниот имунитет (во конкретниот случај поврзан со ковид-19).
Колективниот имунитет се постигнува кога голем дел од луѓето во една земја (општество), стануваат имуни на болест, што придонесува шансите за пренос на болеста од човек на човек да бидат мали. Како резултат на тоа целото општество станува заштитено, а не само тие што се имуни. Често пати, процент од популацијата мора да биде во состојба да се зарази со болеста, за таа да може да се шири. Оваа се нарекува гранична пропорција. Кога таа пропорција на популацијата која е имуна на болеста е поголема од таа што не е имуна, тогаш болеста ќе опаѓа. Ова се нарекува како граница на колективниот имунитет. Колкав процент од луѓето треба да се имуни за да се постигне колективен имунитет зависи од болест до болест. Што позаразна е болеста, поголема пропорција од населението треба да биде имуно на болеста за да таа престане да се шири. Има два главни начини за да се постигне колективен имунитет за ковид 19, или преку заразување или преку вакцинација, објаснуваат од Мајо клиниката.
Оттаму додаваат дека колективниот имунитет кој се создава со вакцинацијата, за разлика од начинот на постигнување колективен имунитет со заразување, не вклучува ни болест, ни здравствени компликации, како што тоа го прави ковид. Вакцините успешно контролираат серија болести како сипаници, полио, дифтерија, рубела и многу други.
Според стручните лица во болницата Мајо, колективниот имунитет прави да бидат заштитени и оние кои не можат да се вакцинираат, како новороденчињата кои имаат компромитиран имун систем.
Така што, тврдењата дека вирусите не претставуваат реална закана и дека вакцините се неефикасни се неточни и неосновани. Вирусите како инфлуенца, сипаници и ковид-19 предизвикуваат сериозни здравствени проблеми и смртни случаи. Вакцините се клучни за превенција и заштита, а концептот на колективен имунитет е фундаментален за заштита на заедницата. Тие објави што ги негираат овие факти не ги отсликуваат реалните научни сознанија и здравствени препораки.
Вистиномер многупати досега има пишувано за значењето на вакцините и на имунизацијата.
Имајќи го сето ова превид оваа објава ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар