Манипулативни тврдења за Старлинк, 5Г и ковид-19 без научна поткрепа

Фото: Вистиномер

Објавата изнесува неточни технички информации (фреквенции, орбити), погрешно толкување на физиката на радиобранови и теории без научна поткрепа (ковид–5Г, „следење преку вакцини“), односно, пласира само теории на заговор

Објавата изнесува неточни технички информации (фреквенции, орбити), погрешно толкување на физиката на радиобранови и теории без научна поткрепа (ковид–5Г, „следење преку вакцини“), односно, пласира само теории на заговор

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

“САТЕЛИТИ ЗА ШИРОКОПОЈАСЕН ИНТЕРНЕТ“ = ЗРАЧЕЊЕ СО RF и EMF од ( 60 до 80 Ghz)

И се прашувате, зошто ви е нарушено здравјето и постојано ви се закануваат со нови и нови “вируси” и X болести??? “Зошто постоеше „ковид“ во оние земји каде што нема официјална 5G мрежа? Ако се прашувавте од каде потекнува непостоечкиот и никогаш изолиран „вирус“ Ковид-19 во оние земји каде што сè уште нема 5G кули за мобилни телефони, Артур Фирстенберг, автор на книгата „Невидливо виножито“, ви го дава одговорот на тоа прашање. За оние кои се прашуваа од каде потекнува ковид во Сахара, џунглите во Јужна Америка или областите без патишта во Африка или Азија, каде што нема ниту една 5G кула, одговорот е тука. Виновникот за погрешното разбирање на оваа ситуација не се оние кои си го поставиле тоа прашање, туку виновникот е главно недостатокот на информации во мејнстрим медиумите што ги следат повеќето.  Сателитите „Space X“ се во орбита на висина од само 340 км и тие се 5G сателити кои треба да обезбедат брз интернет на секој квадратен метар од Земјата, а воедно емитуваат RF EMF зрачење на високи фреквенции (од 60 до 80 Ghz), што значи дека тие нè зрачат трајно. Мејнстрим медиумите избегнуваат да го користат овој термин 5G сателити и наместо тоа го користат еуфемизмот „сателити за широкопојасен интернет“. Симптоми Невролошки проблеми: Хронични главоболки, вртоглавица, постојан замор, нарушувања во меморијата и слаба концентрација.Нарушувања на спиењето: Несоница, често будење во текот на ноќта и неквалитетен сон. Психолошки промени: Зголемена анксиозност, раздразливост, стрес и симптоми слични на депресија. Дерматолошки симптоми: Чувство на печење на кожата, црвенило, боцкање и  (особено на лицето и рацете).Физички тегоби: Срцева аритмија (забрзано чукање на срцето), зуење во ушите (тинитус), болки во мускулите и гадење…и за сето ова нема научен доказ?!? Сигурно се прашувате зошто вакцини и нанотехнологија во нашето тело, едноставно телото станува уред и емитира сигнали, лоциран и следен на секоја точка од земјината топка.

Објавата изнесува неколку невистинити тврдења. Прво, тврдењето дека Старлинк сателитите се 5Г сателити што зрачат 60–80 GHz и предизвикуваат болести е неточно.

Спејсикс (преку системот Старлинк) користи сателити за широкопојасен интернет, но, Старлинк сателитите не се 5Г сателити. Тие работат во Ku и Ka фреквентни опсези (~10–30 GHz), не 60–80 GHz. 60–80 GHz е опсег што се користи во специфични краткодометни радиосистеми (на пример „mmWave“ во некои 5Г базни станици на земја), но не е стандардна емисија од сателити кон луѓе на Земјата. Иако поновите Starlink Gen2 системи имаат одобренија и за повисоки V/E-band фреквенции за одредени gateway и backhaul врски, тоа не значи дека корисниците на Земјата се „озрачуваат“ со 60–80 GHz преку интернет услугата. Корисничките врски остануваат базирани претежно на Ku и Ka опсезите. Она што е важно да се напомене е дека сателитите емитуваат сигнал кон земјени антени (терминали), а не „кон целата планета како зрачење“.

Понатаму, тврдењето дека EMF/RF зрачењето од 5Г и сателити предизвикува хронични болести, не е потврдено со научни докази.

Според Светската здравствена организација, нема докази дека изложеност на ниско ниво RF/EMF (како од мобилни мрежи и интернет сателити) предизвикува рак, невролошки заболувања, „електромагнетно труење“.

Енергијата од овие бранови е нејонизирачка, што значи дека не ја оштетува ДНК директно како рендген или гама-зраци.

Тврдењето дека ковид-19 се појавил само таму каде што има 5Г, исто така е неточно. Ковид-19 се појави глобално во декември 2019 година во Кина, пред масовната 5Г имплементација во многу земји. Болеста се шири преку вирус SARS-CoV-2, кој е лабораториски и теренски анализиран во илјадници генетски студии. Нема никаква научна корелација помеѓу 5Г инфраструктурата и ширењето вируси.

Тврдењето дека „симптомите (главоболки, анксиозност, тинитус) се од 5G/EMF“, е непотврдено. Овие симптоми се реални, но нема научен доказ дека се  предизвикани од 5G или Wi-Fi на нивоа во околината. Светската здравствена организација не признава „електромагнетна хиперсензитивност“ како медицинска дијагноза поврзана со EMF.

И последно, тврдењето дека „вакцини и нанотехнологија прават луѓето да емитираат сигнали и да се следат“ е неточно и научно неосновано. Нема никаква технологија во одобрени вакцини што емитира радиосигнал, овозможува GPS следење, функционира како „уред“. Вакцините се биолошки препарати што го стимулираат имунолошкиот систем, подлежат на строги регулаторни контроли (EMA, WHO, FDA).

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата изнесува неточни технички информации (фреквенции, орбити), погрешно толкување на физиката на радиобранови и теории без научна поткрепа (ковид–5Г, „следење преку вакцини“), односно, објавата изнесува само теории на заговор.

Научниот консензус е јасен, 5Г и сателитски интернет не се поврзани со вируси или хронични заболувања. EMF од комерцијални технологии е под меѓународно дефинирани безбедносни граници и нема механизам којшто ги поддржува тврдењата за „глобално зрачење и контрола“.

Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција