Манипулативно видео „крунски доказ“ дека пандемијата била лажна

Фото: Принтскрин видео

Постот што го рецензираме е со пропуштен контекст. Сите видеоматеријали прикажани во постот беа споделувани во текот на пандемијата од страна на антивакцинални кругови или теоретичари на заговори, а со цел да се создаде недоверба, да се обвини за лажна пандемија, или како што ја нарекуваа  „пландемија”.

Постот што го рецензираме е со пропуштен контекст. Сите видеоматеријали прикажани во постот беа споделувани во текот на пандемијата од страна на антивакцинални кругови или теоретичари на заговори, а со цел да се создаде недоверба, да се обвини за лажна пандемија, или како што ја нарекуваа  „пландемија”

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видеоматеријал и се вели:

Да не заборавиме каков театар ни прикажуваа. Холивудска продукција.

Во споделеното видео има сцени од црни вреќи кои наликуваат на лешови, лица облечени во заштитна опрема пред амбулантно возило кои се фотографирани од присутните, човек којшто лежи во наводна црна мртовечка вреќа и пуши цигара, кадри од видеоматеријал на кој лица облечени во скафандери буткаат кревет на кој лежи човек додека ги снима камера, сцена од ископување на гроб од страна на лице во скафандер додека го снима камера.

Целта на видеото кое е компилација од повеќе засебни видеоматеријали, е да го прикаже она коешто теоретичарите на заговори го пропагираа во текот на целата пандемија со ковид-19, а тоа е дека наводно истата е „пландемија“, односно како што се вели во постот, дека е „театар“. Честопати во комбинацијата на наративи во ваков контекст, се обвинуваат и медиумите дека наводно тие креирале хистерија, невистинито и необјективно известувале за да создаваат паника итн.

Меѓутоа, сите инсерти прикажани во клипот којшто е дел од постот се извадени од контекст. На нив се прикажани различни ситуации, сите до една објасниви и во текот на пандемијата, истите видеоматеријали беа ширени од страна на теоретичари на заговори за да пропагираат хистерија дека пандемијата не е реална. Во постот сега тие обвинуваат дека некој правел „театар во текот на пандемијата“.

Во видеоматеријалот од првата до втората секунда на видеото, каде се прикажани црни вреќи, станува збор за протест во САД одржан на 27 мај 2020 година. Фотографија од протестот има на страницата на ЕПА. Прикажан протест во Мајами во САД, каде црните вреќи претставуваат симболичен погреб на починати од ковид-19. Протестот беше организиран против повторното отворање на економијата во Флорида среде пандемија.

Во следната сцена каде се гледаат лица во скафандери пред амбулантно возило и позираат за фотограф,  е снимена на плоштадот Лејдсе во Амстердам во февруари 2021 година. Никој не глумел пандемија, туку новинарска екипа известувала за тоа каква облека носат медицинските лица во итната помош и тоа јавно го објавила, како што може да погледнете на следниот линк.

Потоа во видеоматеријалот се прикажува (од 16 секунда) човек како лежи во мртовечка црна вреќа и пуши цигара. Во врска со оваа сцена Вистиномер уште на 5 април 2021 година  пишуваше дека станува збор за снимање на спот за рап песна. Видеото е извадено од контекст, зашто нема никаков допир со реалната состојба на терен во болниците и е снимено од видеопродукција. Самиот видеоспот е уметничко изразување на авторот, а не репортерски приказ или известување за реална состојба. Сепак во постот што го рецензираме се прави обид да се прикаже токму тоа, дека сосема лажни сцени биле претставувани како вистина, односно се правел „театар“.

Потоа следува делот од видеото (од 23 секунда), кога лица облечени во скафандери туркаат наводен пациент, а камера ги снима.

Овие слики, кои наводно „докажуваат“ дека хоспитализираните пациенти со ковид-19 се актери, циркулираат од почетокот на март 2021 година на различни јазици. Франс прес пишува дека снимката му припаѓа на  медицинскиот центар Шамир во Израел.

Во написот објавен на нивната веб-страница, се објаснува дека болницата работи на инсталирање „комплекс за итни случаи со 150 кревети во утврдена област на нејзиниот кампус за да обезбеди безбедна средина (…) и да овозможи соодветен медицински одговор на пандемијата ковид-19“. Во средината на ноември 2020 година, болницата на својата веб-страница објави дека е завршена изградбата на таа прва помош на подземниот паркинг, пишува АФП.

Запрашан од АФП на 11 март 2021 година, Лиад Авиел, портпаролот на Медицинскиот центар во Тел Авив, увери дека секвенцата припаѓа на таа болница и всушност е снимка за промоција на нејзините објекти. Авиел рече дека вработен во болницата ја снимил сцената и ја споделил на Фејсбук:

За жал, стана лажна вест, но немаме никаква врска со тоа

Од 1 минута и 25 секунда во видеото од постот се гледа човек во скафандер на гробишта како фрла лопати земја во отворен гроб, а друг го снима. Лажните информации кои се ширеа за оваа снимка се дека наводно станува збор за симулација на погреб.

Инцидентот се случил во Еспирито Санто, во југоисточен Бразил, и е дел од снимката на извештајот за работата на гробари за време на пандемијата, објавен на 31 март 2021 година од ТВ Виторија.

Телевизијата објави демант и реагираше поради тоа што во лажните информации дека станувало збор за исцениран погреб ја вмешале и телевизијата.

Во текстот, новинарката Марла Бермудес објаснува:

Камерманот Вилијан О’бриен и јас снимавме слики за да ја објасниме работата на гробарите и активностите што тие ги спроведуваат. Известувањето имаше за цел да им оддаде почит на работата на овие професионалци и не претставуваше лага, односно дека гробарот симулирал отворање на гроб или се преправал дека закопува некого. Гробницата беше отворена, ама не на барање на нашиот тим. Сликите кои се претставени токму во моментот кога гробарот фрла земја, се за илустрација на активностите што секојдневно ги извршува.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека постот што го рецензираме е со пропуштен контекст. Сите видеоматеријали прикажани во постот беа споделувани во текот на пандемијата од страна на антивакцинални кругови или теоретичари на заговори, а со цел да се создаде недоверба, да се обвини за лажна пандемија, или како што ја нарекуваа  „пландемија”.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција