Мапа на загадувањето во Пелагонија: Поттикнување на младите за почиста иднина во Северна Македонија
Во Северна Македонија, загадувањето на животната средина е сериозен проблем, а југозападниот регион Пелагонија не е исклучок. Во последно време, младите преземаат иницијатива за заштита на животната средина. Преку проектот Pelagonija Civic EcoHub (PCEH), кој го спроведува организацијата ЕКТЕР од Битола, учесниците користат едноставни дигитални алатки за следење на загадувањето, подигнување на свеста и вршење притисок врз локалните власти да преземат мерки. Со комбинирање на технологија, граѓанско учество и одговорност кон животната средина, проектот има за цел да им помогне на заедниците, а особено на младите и жените, да бидат поинформирани, поактивни и повеќе ангажирани во заштитата на животната средина
Во Северна Македонија, загадувањето на животната средина е сериозен проблем, а југозападниот регион Пелагонија не е исклучок. Во последно време, младите преземаат иницијатива за заштита на животната средина. Преку проектот Pelagonija Civic EcoHub (PCEH), кој го спроведува организацијата ЕКТЕР од Битола, учесниците користат едноставни дигитални алатки за следење на загадувањето, подигнување на свеста и вршење притисок врз локалните власти да преземат мерки. Со комбинирање на технологија, граѓанско учество и одговорност кон животната средина, проектот има за цел да им помогне на заедниците, а особено на младите и жените, да бидат поинформирани, поактивни и повеќе ангажирани во заштитата на животната средина.
Справување со видливите и невидливите проблеми
Иницијативата Pelagonija Civic EcoHub е создадена како одговор на зголеменото загадување на животната средина што го погодува регионот Пелагонија. Дел од загадувањето е видливо на улиците и патиштата, додека дел е невидливо и присутно во воздухот и почвата. Проблемот има повеќе димензии — загадувањето на воздухот и почвата е поврзано со термоелектраната на јаглен РЕК „Битола“ и прекумерната употреба на пестициди и други хемикалии во земјоделството, ограничената инфраструктура за управување со отпад и рециклирање и на крај, несоодветната примена на законската рамка, проследена со ограничени можности за граѓаните да учествуваат во донесувањето одлуки поврзани со животната средина.
Додека поголемите градови во Пелагонија често добиваат внимание и ресурси за справување со проблемите поврзани со животната средина, помалите рурални општини и заедници честопати немаат алатки и инфраструктура за идентификување и пријавување на загадувањето. Младите и жените, особено оние што живеат во руралните средини, често имаат ограничен пристап до информации за животната средина или можности да влијаат врз локалните политики.
Оваа итна состојба наметна потреба од дејствување. Без сигурни информации и вклученост на заедницата, проблемите со животната средина стануваат сè поголеми, што може да се види и по пелагониските патишта. ЕКТЕР препозна дека доколку им се овозможи на граѓаните да собираат и споделуваат податоци за состојбата на животната средина, тоа може да придонесе и за нејзина подобра заштита и за поголемо учество на граѓаните во демократските процеси.
Градење самоуверен и одговорен начин на размислување
Главната цел на проектот е да ги поттикне младите и жените од руралните средини на возраст од 16 до 25 години од Пелагонија и да им обезбеди алатки со кои преку едноставни и достапни дигитални технологии, ќе можат активно да ги согледуваат проблемите и да се залагаат за нивно решавање. Покрај следењето на состојбата со животната средина, проектот има за цел да ја унапреди дигиталната писменост, да го зајакне чувството кај граѓаните дека можат да придонесат и да учествуваат во заедницата и да поттикне конструктивен дијалог меѓу граѓаните и локалните власти. Овие групи честопати се недоволно застапени во граѓанските процеси, иако понекогаш се директно засегнати од одредени прашања. Со обезбедување едноставни практични вештини и можности за ангажирање, проектот има за цел пасивните набљудувачи да ги претвори во активни чинители во развојот на заедницата.
За да ги постигнеме целите, планираме да комбинираме обуки за технологија, застапување и техники за вклучување на заедницата. Првата фаза е насочена кон дигиталната писменост и граѓанското образование.
Учесниците присуствуваа на работилници на кои се запознаа со правата поврзани со животната средина, дигиталното пријавување, пристапот до информации од јавен карактер и одговорното застапување преку социјалните мрежи. Тие стекнаа и практични вештини за документирање на загадувањето преку фотографии, видеа и структурирани извештаи. Со помош на овие алатки, тие ќе создадат онлајн Мапа на загадувањето, на која ќе бидат документирани загадувањето на воздухот, контаминацијата на почвата, незаконското фрлање отпад и други проблеми поврзани со животната средина низ регионот. Последната фаза е насочена кон јавно застапување и граѓански дијалог. Дигитална кампања за подигнување на свеста ќе промовира одржливи практики за заштита на животната средина и ќе поттикне пошироко учество на заедницата. Проектот ќе заврши со јавен форум на кој учесниците ќе ги претстават своите наоди и препораки пред општинските власти и претставниците на локалната заедница.
Мапа на загадувањето: моќна алатка за заедницата
Во склоп на активностите, изработката на онлајн Мапа на загадувањето ќе биде едно од најзначајните достигнувања на проектот. Мапата ќе ги претвори поединечните забелешки во заеднички докази, правејќи ги проблемите со животната средина видливи за сите и невозможни за игнорирање.
Додека поединечните пријави честопати остануваат незабележани во институциите, заедницата ќе може да ги идентификува жариштата на загадување и да ги препознава повторливите проблеми и обрасци поврзани со животната средина. Учесниците ќе поднесуваат пријави преку едноставни дигитални формулари што ќе содржат фотографии, описи и географски локации. Тоа ќе им помогне на граѓаните подобро да ја разберат состојбата со животната средина во нивните заедници и ќе поттикне поголемо чувство на одговорност за нивната заштита.
Истовремено, локалните власти ќе добијат конкретни и веродостојни докази што ќе им помогнат да носат поинформирани одлуки. Најважно од сè, Мапата на загадувањето ќе покаже дека обичните граѓани можат да имаат активна и значајна улога во следењето и заштитата на животната средина. Паметниот телефон ќе стане повеќе од уред само за комуникација — ќе служи како практична алатка за граѓанско учество и одговорност кон животната средина.
Позитивни првични реакции
Иако проектот сè уште се спроведува, повратните информации од учесниците веќе покажуваат силно позитивно влијание. Учесниците особено ја ценат практичната природа на иницијативата и нејзиниот фокус на реалните предизвици поврзани со животната средина што директно ги засегаат нивните заедници. Многу од младите учесници изразија ентузијазам за користење на дигиталните технологии во поддршка на почиста и поздрава животна средина. Жените од руралните средини, од кои некои претходно немале многу искуство со онлајн алатки, успешно научија како да ги документираат и пријавуваат проблемите поврзани со животната средина. Учесниците генерално го ценат тоа што се дел од проект кој ги прави локалните проблеми повидливи и им дава глас на прашањата што честопати остануваат нечуени.
Проектот покажува дека кога на луѓето им се обезбедат достапни алатки и значајни можности за учество, тие се подготвени и способни да придонесат за позитивни промени во општеството и животната средина.
Кон посигурна иднина
Целосното влијание на проектот Pelagonija Civic EcoHub се очекува да стане уште повидливо со текот на времето. Иницијативата има за цел да создаде трајна основа за следење на состојбата со животната средина, поттикнување на граѓанското учество и зајакнување на соработката во заедницата. Онлајн Мапата на загадувањето во Пелагонија, системот за пријавување и дигиталните материјали за подигнување на свеста ќе останат достапни и по завршувањето на официјалниот период на проектот. Учесниците ќе можат да продолжат да собираат податоци, да ја подигнуваат свеста и да ги поттикнуваат другите да се вклучат.
Проектот има потенцијал да се прошири и надвор од својот првичен опфат. Локалните училишта, младинските клубови и организациите во заедницата можат да го применат овој концепт и дополнително да го развиваат низ регионот Пелагонија, а потенцијално и во други делови на Северна Македонија.
Најважно од сè, проектот покажа дека заштитата на животната средина не е само одговорност на институциите. Самите заедници можат да станат активни партнери во идентификувањето на проблемите и придонесувањето кон нивно решавање.
За ЕКТЕР и пошироката заедница, ова искуство ја истакна вредноста на дигиталната демократија и граѓанското учество. Учесниците открија дека технологијата, кога се користи одговорно, може да придонесе за поголема транспарентност, отчетност и учество на јавноста. Тие исто така научија дека значајните промени честопати започнуваат со мали, но посветени чекори што ги преземаат мотивирани поединци.
Овој напис првично беше објавен на веб-страницата DDI Spark (https://ddidigitalspark.org/), создадена во рамките на проектот Регионален механизам за поддршка, што го спроведуваат Фондација Метаморфозис и тимот на Програмата за дигитален активизам на TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамките на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која го опфаќа Глобалниот Југ. Програмата DDI е кофинансирана од Министерството за надворешни работи на Данска, Европската комисија и Норвешката агенција за развојна соработка.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар