Мапирање на скриената реалност за дигиталната безбедност на жените во Северна Македонија

Жените сè повеќе ги градат своите животи, кариери и заедници онлајн, но за многу од нив дигиталниот простор и натаму е место на страв, наместо на слобода. Проектот Digital Spark на Women4Cyber Северна Македонија, „Women’s Digital Risk Map and Youth Cyber Ambassadors for Safe Digital Democracy“, се обидува да ја промени оваа реалност, со тоа што ги собира и документира искуствата на жените кои секојдневно го доживуваат тоа. Преку целосно анонимно истражување за дигиталните ризици и онлајн безбедноста, проектот обезбедува податоци за приказните што предолго останале нечуени и ги претвора тие приказни во јавно достапна Мапа на дигиталните ризици за жените

Women4Cyber Северна Македонија спроведува истражување и изработува мапа на дигиталните ризици за да го прикаже вознемирувањето и онлајн насилството со кое жените се соочуваат секојдневно

Жените сè повеќе ги градат своите животи, кариери и заедници онлајн, но за многу од нив дигиталниот простор и натаму е место на страв, наместо на слобода. Проектот Digital Spark на Women4Cyber Северна Македонија, „Women’s Digital Risk Map and Youth Cyber Ambassadors for Safe Digital Democracy“, се обидува да ја промени оваа реалност, со тоа што ги собира и документира искуствата на жените кои секојдневно го доживуваат тоа. Преку целосно анонимно истражување за дигиталните ризици и онлајн безбедноста, проектот обезбедува податоци за приказните што предолго останале нечуени и ги претвора тие приказни во јавно достапна Мапа на дигиталните ризици за жените.

Women4Cyber Северна Македонија е национално поглавје на паневропската Women4Cyber Foundation, непрофитна организација посветена на намалување на родовиот јаз во областа на кибер безбедноста и создавање побезбеден и поправеден дигитален свет за жените. Нашиот проект Digital Spark се спроведува со поддршка од клучни партнери: Иницијативата за дигитална демократија на CIVICUS (DDI), Фондацијата Метаморфозис и TechSoup, како дел од проектот Регионален механизам за поддршка EECA. Проектот беше овозможен преку грантовата шема Digital Spark.

Во основата на иницијативата стои едноставна, но важна идеја: не можете да решите проблем што претходно не сте го истражиле. Затоа, решивме прво да го истражиме.

Името Digital Spark го доловува она што сакаме да го поттикнеме: поширока дебата заснована врз докази за дигиталната безбедност на жените во Северна Македонија, дебата која самите жени ќе ја водат и во која ќе ја имаат главната улога.

Проблем што не смееме да го игнорираме

Онлајн вознемирувањето не е мала непријатност. Тоа е системска пречка. Жените кои јавно се изразуваат онлајн за професионални, политички или лични прашања се несразмерно често цел на закани, откривање и објавување на нивните лични податоци (doxxing), кибер демнење, злоупотреба на фотографии и други визуелни материјали, сексуална изнуда, лажно претставување и координирани напади. Многу од нив молчат или целосно ги напуштаат платформите, а повеќето никогаш не пријавуваат што им се случило или поради тоа што не знаат како или затоа што не веруваат дека тоа ќе направи разлика.

Во Северна Македонија, овој проблем дополнително го отежнува значителниот недостиг на локални податоци. Глобални статистики за дигиталното вознемирување постојат, но тие ретко го одразуваат специфичниот културен, јазичен и институционален контекст кој влијае врз тоа како жените во нашата земја ги доживуваат и реагираат на дигиталните закани. Без такви податоци, речиси е невозможно да застапуваме за суштински промени пред институциите, работодавачите или креаторите на политики на локално ниво.

Дигиталното вознемирување носи последици што се многу пошироки од поединецот. Кога жените се замолчени онлајн, заедниците ги губат нивните гласови, а јавниот живот останува без учеството на половина од населението. Справувањето со родово базираното насилство онлајн не е само прашање на лична безбедност. Тоа е прашање од итно значење за демократијата.

Што имаше за цел Digital Spark

Проектот има четири меѓусебно поврзани цели: да обезбеди податоци за распространетоста, видовите и влијанието на дигиталните ризици со кои се соочуваат жените, да ги открие обрасците според регионот, возраста и улогата што ја имаат онлајн, да создаде јавно достапна Мапа на дигиталните ризици за жените, која ќе ги прикажува трендовите без да ги открива поединците и да придонесе кон креирање препораки за политики засновани врз докази за справување со родово базираното насилство онлајн.

Истражувањето е целосно анонимно. Не се собираат имиња, адреси на е-пошта, IP-адреси или какви било други информации со кои би можело да се идентификува некое лице. Испитаниците можат да ги споделат своите искуства во категории како што се онлајн вознемирување, говор на омраза, кибер демнење, дипфејкови, сексуална изнуда и координирани напади, при што сите одговори се чуваат и анализираат според строги стандарди за заштита на приватноста и стандарди усогласени со Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR).

Подеднакво важна е и една дополнителна цел: подигнување на свеста преку учество. За многу од испитаниците, пополнувањето на истражувањето можеби е првпат некој формално и сериозно да ги праша за нивната дигитална безбедност. Тоа што некој ги прашува и сериозно ги сфаќа навистина е важно. Наодите директно ќе придонесат кон изработката на документ за јавни политики и обуката на младински амбасадори за дигитална безбедност, кои ќе спроведуваат едукација за дигиталната безбедност во заедниците низ земјата.

За тимот на Women4Cyber Северна Македонија, процесот на започнување на оваа иницијатива беше значајно искуство од кое многу се научи. Најуспешниот елемент досега беше заедничкото осмислување на проектот со локалните мрежи за женски права и новинарство. Преку овие продлабочени разговори со заедницата, проектот откри дека подготвеноста на жените да проговорат е исклучително голема, тие не сакаат да молчат, едноставно досега немале безбеден простор во кој нивните искуства би биле споделени на начин што ги зема предвид траумите што ги преживеале.

За кого е наменет овој проект

Истражувањето е отворено за сите жени на возраст од 18 години и постари, кои живеат во Северна Македонија или потекнуваат од неа, а се активни во дигитални јавни простори. Посебно внимание се посветува на вклучувањето жени од руралните средини, припаднички на етничките малцинства и жени со попреченост — групи кои често се соочуваат со најголеми дигитални ризици, а сепак се најмалку застапени во постојните податоци.

Пристапот до нив се остварува преку посредници во кои имаат доверба: организации за женски права, новинарски мрежи, студентски здруженија и младински амбасадори за дигитална безбедност. Истражувањето е достапно на македонски јазик, а формуларот е осмислен така што може да го користи секој, без оглед на техничкото знаење. На страницата има Контакти за поддршка и јасно означено копче за излез, што ја одразува посветеноста на пристап заснован врз разбирање на траумата и на потребите на учесниците.

Корисниците на проектот се многу поширока група од оние што ќе го пополнат истражувањето. Секоја жена што ќе има корист од политиките, програмите и разговорите обликувани со помош на овие податоци е дел од приказната што ја раскажува Digital Spark. Секоја институција или креатор на политики што сериозно ќе ги сфати овие наоди станува дел од решението.

Во моментот на објавување на овој напис, истражувањето се спроведуваше веќе три дена и дотогаш беа пристигнати околу 30 одговори.

Проектот ги повикува сите жени во Северна Македонија да учествуваат во истражувањето и нивниот глас да биде слушнат.

Пополнете го истражувањето тука.

Авторки: 

Леона Симеонова, Љубица Ристовска, Надица Наумова и Љубица Пендароска Крстевска

Women4Cyber North Macedonia 

Овој напис првично беше објавен на веб-страницата DDI Spark (https://ddidigitalspark.org/), создадена во рамките на проектот Регионален механизам за поддршка, што го спроведуваат Фондација Метаморфозис и тимот на Програмата за дигитален активизам на TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамките на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која го опфаќа Глобалниот Југ. Програмата DDI е кофинансирана од Министерството за надворешни работи на Данска, Европската комисија и Норвешката агенција за развојна соработка.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција