Мариупол не е град во Русија, туку во Украина

Разурнатиот Мариупол, март 2022 Фото: Mvs.gov.ua, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Објава на Фејсбук го опишува Мариупол како „град во Русија“, но според меѓународното право, тоа е град во Украина, кој е под окупација на Русија. Таа го држеше под опсада скоро 3 месеци, при што разурна 90 отсто од градот, дури и породилиште и детска болница на 9.3.2022 г., а на 16.3.2022 г. и театар обележан со натпис „Деца“, во кој беа засолнети цивили. Русија го зазеде градот на 20.5.2022 г. и го анектираше на 30.9.2022 г., а ООН тоа го отфрли со Резолуцијата ES-11/4. Таа анексија е ништовна дури и според руското право

Објава на Фејсбук го опишува Мариупол како „град во Русија“, но според меѓународното право, тоа е град во Украина, кој е под окупација на Русија. Таа го држеше под опсада скоро 3 месеци, при што разурна 90 отсто од градот, дури и породилиште и детска болница на 9.3.2022 г., а на 16.3.2022 г. и театар обележан со натпис „Деца“, во кој беа засолнети цивили. Русија го зазеде градот на 20.5.2022 г. и го анектираше на 30.9.2022 г., а ООН тоа го отфрли со Резолуцијата ES-11/4. Таа анексија е ништовна дури и според руското право

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Градот Мариупољ е на брегот на Азовското Море,  значаен индустриски и пристанишен град во состав на Доњецката Нѝародна Република во состав на Русија.

Мариупол е во Украина, а не во Русија. Тоа што таа го окупираше на 20.5.2022 г. и го анектираше на 30.9.2022 г. за светот е ништовно, затоа што е кршење на меѓународното право. Тоа беше изложено во Резолуцијата на ООН ES-11/4, против која гласаа само: Русија, Белорусија, Северна Кореја, Сирија и Никарагва од вкупно 193 членки на ООН.

Анексијата е ништовна и според руското право. Тоа забранува водење на агресивна војна, што Владимир Путин го крши, а за примање нови федерални субјекти во Руската Федерација, нејзините закони бараат согласност од државата, на која тие територии ѝ припаѓаат, во случајов Украина. Согласноста од т.н. Донецка Народна Република (ДНР) не важи. Тоа е марионетска творба на агенти од Москва како Игор Гиркин-Стрелков и Александар Бородај, а не меѓународно призната држава.

Ништовна е и ратификацијата на анексијата во руското собрание од 3.10.2022 г. За некои прашања имаше повеќе гласови од присутни пратеници, што беше правдано како „техничка грешка“.

Мариуполчаните не сакаа да имаат ништо со Русија, иако 44,41 отсто од нив беа етнички Руси. Обид за насилно вклучување на Мариупол во ДНР имаше во мај-јуни 2014 г., но заврши со пораз. Во септември 2014 г. ДНР го нападна Мариупол, во што наводно беа вмешани и руски сили, но пак доживеа пораз. На 24.1.2015 г. ДНР изврши ракетен напад врз градот, но пак не успеа да го скрши. Кога на 24.2.2022 г. Путин започна сеопфатна агресија врз Украина, тој беше особено жесток кон Мариупол, што се смета за одмазда за непокорноста на тој град. Во врска со тоа објавата вели:

Градот доживеа тешки разрушувања во тешките борби помеѓу армијата на Русија и озогласениот украински нацистички баталјон Азов кој вршеше терор врз цивилното население повеќе од 8 години, за на крај да бидат опколени и заробени во индустрискиот комплекс Азовстал, за на крајот да се предадат на руските воени сили.

Тука се премолчува дека за тие разурнувања е виновен Путин. Тој го држеше Мариупол под опсада скоро 3 месеци, при што уби многу негови жители (па и етнички Руси) и оштети или разурна 90 отсто од градот, дури и породилиште и детска болница (на 9.3.2022 г.), а и театар обележан со натпис „Деца“, во кој беа засолнети цивили (на 16.3.2022 г.).

Во разурнатиот и масакриран град, под нишан на окупаторот потоа се одржа „референдум“ за вклучување во Русија, што е нелегитимно, а што беше испланирано дури и пред заземањето.

Oбјавата не нуди докази за „теророт“ на единицата Азов врз цивилите, а иако е точно е дека таа некогаш имала неонацистички елементи во себе, но, тоа е минато.

По владеењето на прорускиот претседател Виктор Јанукович, украинските сили беа слаби и неспремни за конфликтот во 2014 г., па многумина се самоорганизираа во паравојски како Азов. Нивен лидер беше Андриј Билецкиј, кој имаше неонацистички ставови, но и некои чудни – порано тој бил за конфедерација со Русија и сакал да се бори на Косово за Србија.

Со финансирање на Азов се зафати олигархот од еврејско потекло Игор Коломојскиј, што покажува дека тие не биле доследни во тој свој неонацизам. Заради безнадежната и хаотична ситуација, шефот на украинското МВР, Арсен Аваков, тогаш ги поддржа Азов.

Но, откако Украина се консолидираше, таа заведе ред во тие полудиви паравојски и ги принуди да се деполитизираат и интегрираат во регуларните сили. На 9.4.2015 г. Украина донесе закон за забрана на нацистичката идеологија, па никакви нацистички лементи во Азов во неа не смее да има.

Радикалите како Олег Однороженко и Игор Мосијчук тогаш го напуштија Азов, што важи и за Билецкиј, кој потоа ги омекна ставовите и замина во пратеници, во што, патем, не беше баш успешен. Азов од 2014 г. нема многу врска со Азов од 2022 г. кој го бранеше Мариупол. Неодамна и американскиот Стејт Департмент ги тргна санкциите кои забрануваа воена опрема на САД да се доделува на овој баталјон, па, така и оваа единица сега веќе користи воена опрема од САД при вршењето на воените дејствија на фронтот.

Градот го бранеше и 36-тата маринска бригада и куп други единици, но објавата тенденциозно го нагласува учеството во тоа на Азов, затоа што тие имаат дамки во биографијата. И, додека објавата се бави со нивниот наводен неонацизам, агресија врз Украина вршат реални руски неонацисти како Антон Раевскиј или Алексеј Миљчаков со одредот Русич.

Навистина, Азов на крај се предадоа, но не затоа што беа опколени, скршени или исплашени, туку дури откако добија наредба за тоа од Киев. Тоа се фанатични борци, кои скоро 3 месеци се бореа против една суперсила, а такви не се предаваат лесно. Русија им подготвуваше монтирани судски процеси за воени злосторства, но на крај ги размени најбитните азовци за прорускиот политичар уапсен во Украина, Виктор Медведчук. Путин е кум на неговата ќерка, а непотизмот му е побитен од наводните „нацистички злосторства“ на Азов.

Објавата на крај го фали рускиот окупатор за наводно обновување на градот:

Градот е обновен скоро до 80-90%

Не залудно поимот Потемкински села (Потёмкинские деревни) го измислиле токму Русите, а тој означува лажни фасади кои остават впечаток дека нешто се гради и развива. За таквите манипулации ние веќе пишувавме. Кога Путин го посети Мариупол на 18.3.2023 г., една жителка наводно се обидела да протестира против тие манипулации, но тоа било забошотено.

Дури и Русија понешто да гради, нема што таа да гради на туѓо тло, а и тоа не го измива гревот дека таа го уништи градот. И, тој нов Мариупол не е оној автентичниот, а таму се доселуваат руски колонизатори, па тоа се гради за нив. Неодамна беше објавен клип во кој една „Мариуполчанка“ се заблагодарува за тоа што добила нов стан, но излезе дека таа е дојдена од Новиј Уренгој, Русија.

Објавата е преполна со манипулации, па на крај ја оценуваме како невистинита.

 

 



 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција