Стаклената пирамида во Прилеп остана само празно ветување

Стаклената пирамида што требаше да се гради на плоштадот „Александрија“ во Прилеп Фото: Општина Прилеп

 Проект: Изградба на повеќенаменски културен центар.

Во централното градско подрачје ќе се гради стаклена пирамида со планетариум и 3Д кино, која ќе се користи за културни настани. Буџет: 20 милиони денари Извор на средства: буџет на општината. (Рок за реализација: 2014-2017)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Изградба на повеќенаменски културен центар“,  е неисполнето ветување на градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, дадено во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Прилеп“ (стр.75).

Проектот за изградба на повеќенаменски културен центар во форма на стаклена пирамида, Ристески го промовираше во претходниот негов мандат. На 11.02.2013 година, еден месец пред локалните избори (март 2013 година), медиумите објавија дека на плоштадот во Прилеп ќе се гради стаклена пирамида.

Прилеп ќе гради стаклена пирамида со футуристички дизајн, објект што наскоро ќе се најде на плоштадот „Александрија”. Современиот проект е замислен со мултинаменска примена, па така во него ќе биде сместена современа кино сала со 3 Де проекција, ќе има симулирање на планетариум, а ќе биде користен и за литературни средби, најразлични поетско-драмски читања, потоа како место за културно – книжевни промоции, а и како центар за регистрација на идните брачните парови, објави порталот Фактор.

Ова ветување градоначалникот на Прилеп го дал и за време на неговата предизборна кампања на 16.03.2013 година, кога ја промовирал програмата.

Ќе се развива културниот, манастирскиот, рекреативниот, руралниот туризам и тн. Ќе се изгради повеќенаменски културен центар, етно музеј, кино, споменик на Крал Марко, музички парк, јави Зенитприлеп.

Оттогаш, на интернет пребарувачите, како и на официјалната страна на Општина Прилеп не може да се најде ниту една информација поврзано со изградбата на стаклената пирамида. На страната на Општина Прилеп има само најава и презентација на проектот.

На 07.09.2017 година, Слободен печат објави текст со наслов „Прилеп: Базенот, елитната населба и стаклената пирамида останаа само на хартија“.

Денес, длабоко навлезени во средината на втората половина од 2017 година, стаклената пирамида со планетариум и 3Д кино никој повеќе не ја ни споменува.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески за изградба на повеќенаменски културен центар во форма на стаклена пирамида, е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција