Марк Закерберг не признал дека „ковид е најголема лага“
Како што може да се види од самата изјава на Закерберг, тој говори дека од луѓе во администрацијата на Бајден имал барања да отстранува содржини во кои се говори за несакани ефекти од вакцинација против ковид, но никаде не „признава“ дека „ковид 19 е лага“. Исто така во видеото вели дека самите барања што доаѓале до него тој ги одбил.
Во објавата што ја оценуваме како невистинита, Закерберг не признал дека ковид 19 е најголема лага, а на граѓаните постојано им беше јасно дека несаканите ефекти од вакцините се можност, но со низок процент и дека најголемиот дел од несаканите ефекти се благи и брзо поминуваат
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео од изјава на основачот на Фејсбук Марк Закерберг и пишува:
Марк Закерберг призна дека ковид 19 е најголема лага.
Меѓутоа, во видео материјалот каде е интервјуиран Закерберг тој не дава таква изјава.
Во суштина нè притискаа да отстрануваме работи. Нù кажаа, сè што говори дека вакцините може да имаат несакани ефекти, треба да го отстраните. Јас одбив. Јасно. Работи кои се вистинити нема да ги отстрануваме, вели Закерберг во изјавата каде додава дека тоа го правеле „луѓе во администрацијата на Бајден“.
Како што може да се види од самата изјава на Закерберг, тој говори дека од луѓе во администрацијата на Бајден имал барања да отстранува содржини во кои се говори за несакани ефекти од вакцинација против ковид, но никаде не „признава“ дека „ковид 19 е лага“. Исто така во видеото вели дека самите барања што доаѓале до него тој ги одбил.
Коронавирусот не е лага туку вирус, изолиран и испитуван, кој во одреден период предизвика глобална пандемија со човечки жртви. Пандемијата заврши, вакцинацијата се спроведуваше, и во текот на целиот временски период беше јасно наведувано дека вакцините, исто како и сите други медицински третмани – може да имаат несакани ефекти кои најчесто се благи и поминуваа за неколку денови, а во ретки ситуации беа посериозни.
Во Северна Македонија и во 2025 година уште има случаи на ковид 19 како што официјално соопштува Институтот за јавно здравје. Во последниот извештај во текот на 2025 година, а заклучно со 26.01.2025, регистрирани се вкупно 14 заболени лица. Бројот на заболени лица во месец јануари 2025 година е за 2,3 пати поголем во однос на месец декември 2024. Во текот на 2025 година, а заклучно со 26.01.2025, тестирани се вкупно 1.049 материјали, во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2 и во лабораториите/здравствените установи во кои се спроведува брз антигенски тест. Фактот што материјалите се тестираат лабораториски, само покажува дека ковид 19 не е лага.
Институтот за јавно здравје напоменува дека иако е зголемен бројот на тестирања за SARS-CoV-2, процентот на позитивност е низок, а ниската стапка на трансмисија на SARS-CoV-2, намаленото известување и малиот број на примероци за тестирање преку сентинел системите имаат влијание врз способноста за прецизно да се процени епидемиолошката ситуација.
Популацијата на ЕУ севкупно има значително ниво на имунитет стекнат по пат на претходна инфекција плус вакцинација/бустер дози, што дава заштита од тешка форма на болест. Лицата на возраст од 60 години се со најголем ризик од тешка болест. Хоспитализациите на лица со потврден ковид-19, приемите во интензивна нега и смртните случаи остануваат на ниско ниво во земјите на ЕУ.
Иако бројот на заболени од КОВИД-19 на неделно ниво е мал, со оглед на тоа дека во тек е периодот на зголемена циркулација на респираторни вируси во северната хемисфера, постои ризик активноста на SARS-CoV-2 да се зголеми, што ја нагласува континуираната потреба од надзор (епидемиолошки и вирусолошки) на национално и регионално ниво, пишува во извештајот на ИЈЗ од 2025.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Закерберг не признал дека ковид 19 е најголема лага, а на граѓаните постојано им беше јасно дека несаканите ефекти од вакцините се можност, но со низок процент и дека најголемиот дел од несаканите ефекти се благи и брзо поминуваат.
Сите граѓани во земјава што се вакцинираа против ковид 19 потпишаа и изјава за согласност за вакцинација, во која е наведено дека од вакцините може да има несакани ефекти.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар