Масовен егзодус на работната сила, експертите предупредуваат на последици по економијата на РСМ, критики и од ЕУ

Германска амбасада. Фото: Арбнора Мехмети

Северна Македонија е далеку од европските вредности кога се во прашање социјалната политика и вработувањето. Социјалните правила на земјите на ЕУ вклучуваат минимални стандарди за трудово право, еднаквост, здравје и безбедност при работа, како и не дискриминација. Во отсуство на овие услови, во последните години земјата ја напуштиле стотици илјади граѓани на РСМ. Додека младите продолжуваат да изразуваат желба да заминат во ЕУ, експертите предупредуваат дека одливот на мозоци скапо ќе ја чини економијата на земјата, пишува Порталб.мк.

Северна Македонија е далеку од европските вредности кога се во прашање социјалната политика и вработувањето. Социјалните правила на земјите на ЕУ вклучуваат минимални стандарди за трудово право, еднаквост, здравје и безбедност при работа, како и не дискриминација. Во отсуство на овие услови, во последните години земјата ја напуштиле стотици илјади граѓани на РСМ. Додека младите продолжуваат да изразуваат желба да заминат во ЕУ, експертите предупредуваат дека одливот на мозоци скапо ќе ја чини економијата на земјата, пишува Порталб.мк.

 

Пишува: Шефкие Аласани

„Без двоумење би заминала во некоја земја од ЕУ доколку ми се укажеше можност. Вака размислувам од неколку причини меѓу кои е и мојот професионален напредок. Мислам дека контактот со луѓе од развиените земји на ЕУ би ми помогнал многу во развојот на мојата кариера. Значи, условите за работа и живот, безбедноста и можностите кои се нудат на запад не се споредуваат со многу ограничените можности во Македонија“, вели Диелза Ќерими, студентка по информатика.

„Да имав можност за вработување, би ја напуштил Северна Македонија. Иако во денешно време се создадени многу можности во мојата професија, сепак би одбрал да заминам во Европа поради животниот стандард, професионалноста, можностите и просторот што се нуди во европските земји“, изјави Меритон Адеми, студент по информатика.

„Пред 5 месеци би рекла дека не би заминала од Македонија, и дека би останала да придонесам за мојата земја колку што можам. Меѓутоа, пред 5 месеци ми се укажа можност да бидам дел од програмата Еразмус, па сега можам да направам разлика помеѓу животот во нашата земја и во поразвиена земја. Од искуството што го стекнав во текот на еден семестар, како на професионален, така и на социјален и на личен план, го променив убедувањето што го имав и мислам дека при првата укажана можност би ја напуштила Македонија. Можам да кажам дека желбата на младите да заминат расте сé повеќе и повеќе и тоа секојдневно, можеби ова е погрешно затоа што мислам дека ние сме промената и мора да се бориме за промени во нашата земја“, изјави Вјоса Речи, студентка по медицина.

Ограничените можности за вработување, лошите социјални политики, лошите услови за работа и немањето перспектива за напредок се само дел од причините поради кои голем број млади се одлучуваат да ја напуштат државата. Студија на МОФ покажува дека две третини од младите (64,8%) во земјата се незадоволни од нивното место во општеството. Студијата покажува дека 58% од младите би заминале доколку им се укаже можност, а од овој процент само 6,9% се изјасниле дека би се вратиле во земјава. Во меѓувреме, Податоците на ЕУРОСТАТ покажуваат дека само во текот на 2019 година земјите-членки на ЕУ одобриле дозволи за престој на 220 879 граѓани на Северна Македонија.

РСМ меѓу земјите најпогодени од феноменот на „одлив на мозоци“

Експертите предупредуваат дека масовното иселување на работната сила, особено на младите, ќе има многу сериозни последици за економијата на земјата.

Арбереш Равени – економистка

„На прв поглед, официјалната статистика укажува на надолен тренд на невработеноста по 2006 година, но стапката на невработеност е сè уште многу висока, достигнувајќи 16,4% во 2020 година. Сепак, зголемувањето на процентот на неактивни лица на пазарот на трудот и речиси никаква промена на процентот на вработени за 2020 година, сугерира дека ваквото намалување на невработеноста е „нереално“, значи се должи на масовниот егзодус на населението, особено на младите. Многу алармантна појава, која верувам дека ќе има долгорочни негативни последици за економијата на Северна Македонија е „одливот на мозоци“ – масовна миграција на квалификувана работна сила. Според податоците од Извештајот за глобална конкурентност за 2020 година, објавен од Светскиот економски форум, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија и Хрватска се рангирани меѓу најпогодените земји од одливот на мозоци на глобално ниво. Феноменот на одлив на мозоци ќе ја отежне структурната трансформација на економијата, особено во секторите со висока продуктивност. Со оглед на сегашната структура на економијата, недоволните резерви на физички капитал и „ерозијата“ на човечкиот капитал поради одливот на мозоци, пазарот на труд во Северна Македонија нема да може да создаде доволно работни места и следствено ќе се влоши проблемот со невработеноста и потенцијалот за  економски раст на земјата“, рече за Порталб.мк Арбреш Равени, економски експерт.

Равени објаснува дека невработеноста е еден од главните предизвици за економијата на земјата од повеќе причини.

„Невработеноста е еден од главните економски проблеми. Високото ниво на невработеност има последици за економијата бидејќи еден од главните фактори на производството – човечкиот капитал – не се користи ефикасно и тоа ја спречува економијата да го достигне својот продуктивен потенцијал. Високата невработеност е финансиски товар за владата и резултира со помали буџетски приходи. Долгорочната невработеност предизвикува девалвација на човечкиот капитал, знаењата/вештините на поединците стануваат неупотребливи и колку подолго е некое лице невработено, толку е помала веројатноста да се вработи во иднина. Високата невработеност има и социјална цена како што се зголемени негативни појави како криминал, кражби; невработените лица стануваат асоцијални и ја губат самодовербата; како и доаѓа до влошување на менталното и физичкото здравје на невработените, што општеството го чини дополнителни трошоци за здравство“, изјави Арбреш Равени.

Пазарот кај нас трпи голем број проблеми од различна природа, кои мора што поскоро да се решат.

„Северна Македонија страда од ригиден пазар на труд со структурни проблеми кои треба да се решат: висока и постојана структурна невработеност; недостаток на вештини потребни на пазарот на труд (skill shortages), неусогласеност на вештините потребни и понудени на пазарот (skill mismatches), одлив на мозоци (brain drain), постојана дискриминација на пазарот на труд, високо ниво на неформална економија и несоодветно оданочување на трудот. Конкретно, ниско квалификуваните работници, особено жените, младите, постарите работници, етничките малцинства и луѓето од помалку развиените региони се категории кои најмногу страдаат од високата стапка на невработеност“, додава Арбреш Раевни.

МТСП вели дека има „систематски пристап кон решавање на проблемите“

И покрај тоа што во последните години стотици млади луѓе ја напуштиле државата, а оние што се тука сакаат да заминат, од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека имаат развиено систематски пристап за решавање на проблемите со кои се соочуваат младите, преку спроведување на политиките за вработување и донесување посебни закони. За разлика од аналитичарите и експертите кои тврдат дека намалувањето на стапката на невработеност се должи на тоа што работната сила масовно се иселува од земјава, од оваа институција намалувањето на стапката на невработеност кај младите ја оценуваат како успех на социјалните програми и политики креирани од Владата.

„Како квалитетни политики може да се истакнат:

(1) Оперативен план за програми и активни мерки за вработување: Во 2021 година вкупниот опфат на лица со програми/мерки за вработување со Оперативниот план за вработување изнесува 11.292 невработени лица. Од вкупниот број невработени, вклучени во оваа програма за 2021 година, 66% се однесуваат на млади до 29 години, што всушност ја покажува посветеноста на Владата на РСМ за поголемо приклучување на младите и нивно вклучување во пазарот на труд.
(2) Младинска гаранција во период од четири месеци од денот на пријавувањето во Агенцијата за вработување има за цел да им обезбеди на младите (15-29 години) квалитетна понуда за вработување, продолжување на образованието и обука или пракса. Од почетокот на имплементацијата на младинската гаранција, планираниот опфат на млади континуирано се реализира и надминува. Во 2021 година преку оваа политика се вработени вкупно 6787 млади до 29 години.
(3) Младински додатоци: На почетокот на 2020 година беше донесен посебен закон за младински додаток со беше предвиден надоместок од 3000 денари месечно, по лице за редовен работен однос. Надоместокот се исплаќа на секој млад до 23 години, кој по завршувањето на средното образование, се вработува во производство.
(4) Закон за пракса: ги регулира правата и обврските на практикантот и работодавачот и обезбедува бенефиции за двете страни. Праксата се нуди на јавен оглас и може да трае од 1 до 6 месеци со склучување на договор за пракса.
(5) Закон за младинско учество и младински политики: Предмет на уредување на овој закон се облиците на младинско организирање, учеството на младите во процесот на креирање младински политики. Целта на овој закон е да обезбеди: креирање и спроведување на младинска политика на сите нивоа преку мултисекторски пристап, заснован на потребите и интересите на младите“, информираат за Порталб.мк, од Министерството за труд.

Намалувањето на стапката на невработеност е еден од главните предизвици со кои се соочува Владата во нашата земја. Од МТСП велат дека Владата се труди интервентно и стратешки да се справи со стапката на невработеност на долг рок.

„Владата на РСМ го спроведува стратешкото управување со невработеноста преку креирање стратешки документи како што се: Националната стратегија за вработување 2021-2027 година со Акциониот план за вработување 2021-2023 година – во кои се предвидува до 2023 година да се подобри квалитетот на резултатите на сите нивоа, да се зајакне улогата на политиките за развој на економијата и претпријатијата во создавањето одржливи работни места и зајакнување на политиките на вклучување на пазарот на трудот.

Стратегија за формализирање на неформалната економија во Република Македонија 2018-2022 –Општата цел на оваа стратегија е создавање на сеопфатен и конзистентен систем за ефективно намалување на неформалните работници, нерегистрираните деловни субјекти и неформалните активности во рамки на формалната економија“, додаваат од Министерството за труд.

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција