Со материјали од странство се води дебата за сексуалното образование во земјава

Фото: Sofiamoreiralima, Википедија (2016)

Суштината на оваа порака од споменатото здружение, која беше широко споделувана од блогери и корисници на социјалните мрежи, е дека тука нема цитат од ниту една домашна публикација, односно учебник, иако веќе се предизвика цел водопад од негативни реакции

 

Oној дел од јавноста, кој е „приклучен“ на социјалните мрежи, беше сведок на содржината со која се сугерираше дека Министерството за образование и наука (МОН) предвидува воведување на сексуално образование во кое би се учело за хомосексуалноста, аналниот секс и слични категории. Сето тоа е проследено со сугестивни илустрации како оние кои ги гледаме по учебниците за основците, па и визуелниот впечаток треба да се вклопи во јасното обвинување против МОН.

Фејсбук постот завршува со заканувачкото предупредување:

Сакате ли вашите деца да гледаат слики- како прикажаната, за време на школските часови?

Епицентарот на обвинувањето води кон Здружението за заштита на човекови права „Од нас, за нас“, чиј Фејсбук пост на почетокот вели:

Според новата Концепција за основно образование на МОН, во делот на родово-сензитивното образование се кажува: ваквите содржини се застапени во наставните програми на СИТЕ предмети каде што тоа е можно, а во учебниците и наставните материјали за овие предмети, овие пораки, освен што се пренесуваат преку самите текстови, се поддржуваат и преку ВИЗУЕЛНИОТ материјал и преку различните вежби наменети за критичко преобмислување на поимите…

Но, потоа имаме прескокнување и место цитирање на домашни материјали, се оди во соседството, па се нуди образовен пакет по тој предмет – ама од Србија (страница 348)?!

Патем, тој учебник не е во сила ни во Србија (!), велат од невладината организација ХЕРА – таму предметот е поставен на распоредот на учениците, ама потоа е симнат. Како предмет во балканските земји сексуалното образование го има само во Албанија и БиХ.

Суштината на оваа порака од споменатото здружение, која беше широко споделувана од блогери и корисници на социјалните мрежи, е дека тука нема цитат од ниту една домашна публикација, односно учебник, иако веќе се предизвика цел водопад од негативни реакции.

Во демантот на самата министерка за образовани и наука, Мила Царовска, по овој повод, се вели:

Категорично ги демантирам невистините проширени од ФБ групата „Од нас за нас“ на социјалните медиуми, а пренесени од дел од порталите, за наводни содржини во учебници за второ одделение за изучување на сексуалното обарзование. Веста е целосно лажна, а користените илустации воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем. Ги повикувам граѓаните, родителите и учениците да не подлегнуваат на непроверени информации коишто се шират на социјалните медиуми, затоа што со истите се нанесува директна штета на Министерството за образование и наука, како и на целиот образовен систем.

Царовска потцрта дека понудените содржини и илустрации се преземени од материјали од соседството, се далеку од концепцијата за оваа наставна материја на МОН и не се извадени од материјалите што се правени за таа материја.

Елизабета Божиноска од ХЕРА вели дека идејата за воведување на сексуално образование за основците е воведена и се наоѓа во програмата на владите и МОН уште од учебната 2011/2012 година. Предметот кој го вклучува и сексуалното образование (стр. 235 – 251) се вика „Животни вештини“ и има поширок број на прашања од социјалниот живот. Предметот требало да се држи како изборен (да се потсетиме дека просветната политика беше во рацете на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ/ДУИ). Значи, таа материја не е никаква новина, нагласуваат од Хера, која од 2009 година застапува сеопфатното сексуално образование (ССО) да биде дел од наставната програма во основните и средните училишта. Од ХЕРА додаваат дека земјава има и меѓународни препораки за воведување на предметот. Се работи за препораки од телата на Обединетите нации за заштита на човекови права, потоа од Заклучни согледувања на Комитетот за елиминација на дискриминација против жените (Committee on the Elimination of discrimination against women, 2018) со Препорака до државата (2018). Во еден од домашните документи од 2010 година се предвидува токму воведување на сексуално образование во наставната програма во училишта, кое е адаптирано според возраста и промовира позитивни аспекти на сексуалноста.  Во препораките се инсистира овој вид на образование да се интегрира во училишните програми задолжително, соодветно на возраста, вклучително и едукација за сексуалното и репродуктивно здравје и права, овозможувајќи наставниците да имаат значајна улога во справувањето со родовите стереотипи. Во таа насока има цел список на меѓународно обврзувачки документи.

Како што вели Божиноска, МОН готви програма за следната учебна година за сексуално образование, прилагодено на возраста, за деветто одделение и тоа одново како пилот проект во траење од две учебни години, по што би се сумирале резултатите и дури потоа би се одредила иднината на ССО. Но, тие материјали и прирачници не се излезени во јавност и никој не ги користел.

Значи, во текстот на оваа тема на Здружението „Од нас за нас“ станува збор за недостиг на контекст (missing context) со користење на аргументи од материјали кои не потекнуваат од земјава. Тука треба да се спомене, исто така, како излегување од контекст и фактот дека ССО било дел од програмата на сите влади после 2011 година како предмет „Животни вистини“, односно дека не се работи за некаква педагошка иновација на оваа Влада. За објективно осветлување на темата на сексуалното образование, оној кој ја отворил треба да го земе предвид и фактот што за овој вид образование имаме и недвосмислени меѓународни обврски.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција